Достапни линкови

Овоштарите од Преспа уште чекаат отштета од државата за невремето во јули


Преспански јаболка.

Преспанските овоштари бараат итно прогласување на елементарна непогода и да не се одолговлекува постапката за нивна отштета. Од Општина Ресен велат дека за исплата на штетите од невремето во јули поднесени се 500 барања, а за секое треба да се направи посебен елаборат што е обемна постапка.

Два ипол месеци по силното невреме, за кое жителите на Преспа рекоа дека крајот бил погоден како од торнадо, овоштарите уште не ги зеле парите од државата за обештетување. Тие бараат итно прогласување на елементарна непогода и да не се одолговлекува постапката за нивна отштета.

„Ден по невремето во посета ни беше министерот за земјоделство кој ни вети дека ќе бидеме обештетни во најкус можен рок. Но, до денес, после таа посета, никој не се има јавено и не знаеме постапката до каде е. Штетите се огромни, документирано е сè од Управата за хидрометеоролошки работи, наврна преку 50 литри град на метар квадратен, брзината на ветерот беше околу 170 километри на час, до денес не е прогласена елементарна непогода. Бараме во најкраток можен рок да се прогласи елементарна непогода и веднаш да бидеме обештетени. На работ сме на егзистенцијата“, рече Радомир Костовски од село Штрбово.

„И професори дојдоа и велат за три години нема да имате род. Три години наназад немаме земено ништо и ако не земеме уште три години да се иселиме“, вели Круме Пановски, земјоделец од Штрбово.

„Апелираме да се продолжи постапката околу штетите за невремето што ја зафати Преспа во јули годинава. Да се забрза постапката во проценките, во општинските комисии кои излегоа на терен ги направија проценките, но документите останаа во Општина Ресен. Таа да се проследи до Владата и Комисиите за штети, кои ќе ги проследат до Бирото за судски вештачења, а истите да се земат во предвид за да се предвидат во буџетските средства за 2020 година, исплатата да биди во април и мај идната година и да не се пролонгира“, вели Љубе Пампулевски од Здружението на овоштари „Благој Котларовски“ од Ресен.

Тие бараат да се забрза и исплатата на помошта за индустриското јаболко од лани со 3 денари по килограм.

Од Општина Ресен велат дека за исплата на штетите од невремето во јули поднесени се 500 барања, а за секое треба да се направи посебен елаборат што е обемна постапка. Велат дека не се точни обвинувањата оти процедурата намерно се кочи. Напротив половина од администрацијата е вклучена.

„Со одлука на вонредна седница на Совет формиравме комисии за проценка на штетите. Тие експресно излегоа на терен, направија проценки, го зголемивме нивниот капацитет за постапката да биде побрза. Потоа, следуваше јавен повик на кој мештаните ја пријавуваа штетата. Според мене, тоа е долг процес кој ќе трае уште еден месец, изработка на елаборати, прилично комплицирана работа, обемен материјал, но општината администрација е максимално вклучена“, вели Живко Гошаревски, градоначалник на Општина Ресен.

Инаку големото невреме ја зафати Долна Преспа на 10 јули со силен ветер и врнежи од град и дожд. Меѓу пријавените се и штети нанесени на објекти кои останаа без покриви. Во овоштарството како последица на невремето, родот на јаболка е намален за една третина, а последиците поради оштетените стебла, гранки и листови ќе се чувствуваат и во следните две години. Околу 400 хектари беа зафатени од невремето на потегот од јужниот дел на Сливница до Маркова Нога.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG