Достапни линкови

Невремето ги уништи јаболката во Преспа, 350 семејства останаа без ништо


Јаболкници погодени од невремето во Преспа

Невремето од минатиот месец целосно ги уништи јаболката на 350 семејства во Преспа. Бербата годинава ќе биде за најмалку 30 отсто помала од лани. Во тек е пријава на штетите, а тие очекуваат владина помош за да ја преживеат годинава, но Преспанскиот Регион е на удар на климатските промени и мора да се најде долгорочно решение. Жанета Здравковска.

Економски се загрозени 350 семејства од преспанските села Крани, Штрбово, Наколец, Долно Дупени, Љубојно, Брајчино, Арвати и Сливница по силното невреме кое на десетти јули им ги оштети овоштарниците, велат од Здружението на овоштари „Благој Котларовски“ од Ресен. Тие годинава веќе вложиле пари во резидба, ѓубрење и заштита на јаболкниците, а берба нема да има. Најмалку за една третина ќе биде намалено производството на квалитетни јаболка во Преспа оваа есен, а последиците ќе се чувствуваат и во следните две години. Така, овоштарите годинава нема да можат да ги платат долговите по земјоделските аптеки.

„Стравот кај населението е многу голем зашто се задолжени по земјоделските аптеки. Се прашуваат дали ќе треба да го напуштат своето огниште и егзистенцијата да ја бараат по европските или прекуокеанските земји. Штетите во споменатите села се стопроцентни, околу 400 хектари беа зафатени од невремето. Штетата ќе биде не само за оваа година, туку и за идната бидејќи неколку стотици садници се откорнати, а постојните се без лисна маса, што значи одвај би преживеале до в година“, рече Љубе Пампулевски, претседател на Здружението на овоштари „Благој Котларовски“ од Ресен.

Во тек е пријава на штетите во Општина Ресен, а дополнително ќе се каже како државата ќе им помогне на овоштарите.

„Екипите ќе излезат на терен да направат проценка на штета. Покрај тоа што ќе се прави проценка на принос, ќе се прави и за оштетувањето на самите дрвја. Во Преспанскиот Регион секоја година ни се повторуваат временски неприлики, дали е град, мраз или дожд. Во програмата за рурален развој интервенираме за да имаме влијание врз ваквите климатски промени. Знаеме дека технологијата тоа го овозможува. Тоа е она засејување, алоцирање на облаците и намалување на штетата или целосно тоа да се отстрани“, рече министерот за земјоделство Трајан Димковски.

Според овоштарите, Преспа е на удар на климатските промени. Лани имаше хиперпродукција, а годинава ќе се соочат со намалено производство. Велат дека на картата со климатски промени, Преспа е мапирана како еден од можните региони во нашата земја, заедно со Тиквешкиот Регион кои ќе трпат последици. Преспа во 1962/63 година, пред да се случи земјотресот во Скопје, била зафатена од големо невреме, но ваков ураган во најмала рака не паметат ни постарите жители. Во првиот налет, ветерот имал удари од 180-200 километри на час, проследени со силни врнежи од град и дожд. Овоштарите се сомневаат дека би ги кренал и мрежите за заштита од град кои како современа мерка се користат на некои плантажи.

„Мора да се најде решение на долг рок. Во ваков случај не би помогнале ни мрежите против град. Невремето би ги откорнало и бетонските столбови, а мрежите би отишле во неповрат, што е инвестиција од 15-20 илјади евра по хектар“, рече Пампулевски.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG