Достапни линкови

Недовербата и лажните вести ја забавуваат вакцинацијата


Бугарија - Красимира Николова држи тенџере и лажица додека присуствуваше на протест на работниците во рестораните во Велико Трново на 2 септември 2021 година. Само 20% од бугарското население од 7 милиони жители досега се целосно вакцинирани, што е најнизок прцент во ЕУ.
Бугарија - Красимира Николова држи тенџере и лажица додека присуствуваше на протест на работниците во рестораните во Велико Трново на 2 септември 2021 година. Само 20% од бугарското население од 7 милиони жители досега се целосно вакцинирани, што е најнизок прцент во ЕУ.

Вакцинацијата во Бугарија е далеку под просекот на ЕУ. Во Македонија темпото е нешто посолидно, но е потребен висок процент за да се постигне соодветна колективна заштита. За некои вакцинацијата е неопходна, но има и такви кои одбиваат да се вакцинираат поради недоверба во вакцините, лажните вести и стравот.

Во Македонија периодов против Ковид-19 се вакцинираат од 13 до 15 илјади луѓе дневно. Дел лекари оценуваат дека ова темпо е солидно, но сметаат дека е потребно висок процент од населениоето да биде вакцинирано за да се постигне соодветна заштита.

Д-р Злате Мехмедовиќ од Клиниката за пулмологија во Скопје вели дека во последниот период вакцинирањето се одвива со задоволително темпо кое ги исполнува потребните критериуми да се стави пандемијата под „некаква контрола.“

„Процесот е добар и се надевам дека ќе продолжи да се одвива со тоа темпо додека не постигнеме соодветно ниво на заштита на населението преку вакцинација - тоа е најмалку 80-85 отсто од вакцинирање на целокупното население“, вели Мехмедовиќ.

Но, можно ли е да се постигне толкава бројка со оглед на постоечката недоверба кај дел граѓани кои одбиваат да примат вакцина? Изминатиов месец илјадници се собраа на протести против државните мерки кои се однесуваат на невакцинираните лица.

Протест против новите рестриктивни мерки за заштита од Ковид-19, Скопје 15 август 2021.
Протест против новите рестриктивни мерки за заштита од Ковид-19, Скопје 15 август 2021.

Во земјава во моментов целосно вакцинирани со две дози се над 26 проценти од населението, додека бројката е околу 35 отсто со оние кои примиле само една доза. Некои сметаат дека вакцината е неопходна за заштита против ковид-19, но има и такви кои се сомневаат во нејзината безбедност.

Оние кои одбиваат да се вакцинираат велат дека лекарите и производителите не гарантираат дека вакцините се безбедни. Од друга стана, здравствените власти уверуваат дека сите вакцини против ковид се безбедни и штитат од хоспитализација и смртен исход.

Видео Тема на неделата - зошто некои се плашат од вакцината против Ковид 19

Зошто некои се плашат од вакцината против ковид-19?
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:33 0:00

Ќумбен Рамадани од Скопје вели дека примила вакцина против ковид. Таа смета дека вакцинацијата е потребна за заштита од болеста, бидејќи двајца членови на нејзиното смејство починале од коронавирусот.

Но, на прашањето дали смета дека се оправдани стравувањата кај луѓето кои имаат недоверба во вакцините таа вели:

„Да, затоа што понекогаш се случува некој од некои од колегите, семејството или подалечен пријател, да слушнеме дека по примањето на вакцината има компликации со своето здравје“, вели Рамадани.

Ацо Насоличев смета дека луѓето треба да се вакцинираат против Ковид-19.

„Обавезно треба луѓето да се вакцинираат, спасот е само тоа“, вели Насоличев.

Адим Колеци вели дека вакциите се потребни за колективното здравје, но и за младите да можат повторно да се вратат во образовниот процес.

Вакцинација против ковид-19 во Скопје.
Вакцинација против ковид-19 во Скопје.

Д-р Мехмедовиќ вели дека постојат одредени предуслови за да се оправда неверувањето во вакцините. Тој посочува дека такви пропусти постојат на глобално ниво, а дека дополнителен проблем е неетичкото и сензационалистичко известување на медиумите.

„Постојат неколку основни работи коишто треба да ги знаеме, а тоа е дека мора да имаме транспарентност на оние фирми, веледрогерии, коишто ги произведуваат вакцините за тоа каква е безбедноста, ефикасноста и клиничките истражувања од вакцините. Доколку тие се јавно достапни и презентирани, тогаш ќе биде многу полесно да ги убедите граѓаните. Во одредени случаи поради лошата комуникација, овие податоци погрешно се презентираат или воопшто не се презентираат на оние коишто не веруваат во безбедноста и ефикасноста на вакцините“ – вели д-р Мехмедовиќ.

Според официјалните податоци на здравствените власти во земјава, вакцините се над 63 проценти ефикасни за превенција од инфекција, додека за 85 отсто го намалуваат ризикот од тешка форма на болеста.

Според нив, несаканите ефекти најчесто се благи и краткотрајни, а доколку некој ги добие треба да пријави во Агенцијата за лекови МАЛМЕД. Радио Слободна Европа побара одговори од МАЛМЕД колкумина луѓе досега имале негативни реакции и какви несакани реакции се пријавени по извршена вакцинација против Ковид-19.

Од институцијата одговорија дека од почетокот на вакцинацијата до денес на неделно ниво пристигнувале по неколку пријави за сомнеж на несакана реакција од вакцините.

„По спроведена вакцинација на 750.893 лица во нашата земја, согласно официјалните податоци објавени од Министерството за здравство, кај помалку од 0,03 проценти од извршените вакцинации е пријавен сомнеж за несакана реакција“, се вели во одговорот кој го добивме од МАЛМЕД преку електронска пошта.

Од МАЛМЕД наведуваат дека најчесто пријавените реакции биле со лесна симптоматологија како болка и оток на местото на апликацијата, покачена телесна температура, главоболка, болка во мускули и малаксаност.

„Сите досега пријавени несакани реакции се опишани во упастствата за употреба на вакцините“, велат од МАЛМЕД.

Прашање поставивме и до Министерството за здравство, од каде велат дека според нивните информации ниту еден од вакцинираните досега не пријавил сериозни последици, ниту пак дека има починати како последица од примената вакцина.

Оттаму посочуваат дека единствен случај била 28-годишната девојка, која на крајот на март беше хоспитализирана на Клиниката за хематологија во Скопје откако се вакцинирала во Србија и развила тромботична реакција, а немала хронични заболувања.

Вакцинален пункт во Бугарија.
Вакцинален пункт во Бугарија.

Бугарија - лажни вести и недоверба

Центарот за вакцинација против ковид-19 во Софија е речиси празен. Ова е витинската слика за начинот на кој се спречуваат напорите за имунизација на земјата поради лажните вести и широката недоверба.

Официјалните податоци покажуваат дека само околу 20 проценти од бугарското население од 6,9 милиони луѓе е целосно вакцинирано. Тоа е далеку под просекот на ЕУ од 53,3 проценти.

„Уште од почетокот на вакцинацијата сме на последното место“, вели министерот за здравство Стојчо Кацаров во неодамнешното интервју. На улиците во Софија, лесно е да се забележат ставовите што доведоа до низок прием.

45-годишниот градежен работник Георги Драгоев, запрашан дали ќе се вакцинира, вели дека намерно „се шири паника“:

„Мислам дека сето ова е создадено вештачки и тоа е причината зошто воопшто не планирам да се вакцинирам“.

На исто мислење е и пензионерот Константин Бојаџиев: „Не сум вакциниран, не сакам и не планирам. Имаше толку многу контроверзни работи што се зборуваа за вакцините, за АстраЗенека, а потоа и за Фајзер исто така, и во Бугарија и во други земји и не им верувам на овие вакцини“.

„Не е лесна одлука“

Неодамнешната анкета на Галуп покажа дека вкупно 41,8 проценти од Бугарите изјавиле дека не планираат да се вакцинираат. Дури и некои од оние што дојдоа да се вакцинираат имаа резерва.

Сметководителката Катерина Николова изјави дека „не била лесна одлука“ за неа, велејќи дека била загрижена за клиничкото испитување за вакцините. Маргарита Станева и покрај двоумењето сепак решила да прими вакцина:

„Решив да се вакцинирам, но се разболев, па морав да чекам да поминат 2-3 месеци пред да ја добијам вакцината. Но, не се двоумев, претпочитам да ја имам сигурноста што ја дава вакцината“.

Вакцинација во Бугарија.
Вакцинација во Бугарија.

Лажните вести за вирусот исто така одиграа улога. Од средината на март, АФП работи на проверка на факти на бугарски јазик, и во тој период, половина од објавените написи се поврзани со дезинформации за коронавирус.

Теориите се движат од тврдењето дека вакцината вградува магнетни чипови во телата на луѓето - споделени илјадници пати на Фејсбук - до слики од прославата на победата на француските фудбалски навивачи по Светското првенство 2018 лажно претставени како протести против француската здравствена пропусница.

Министерот за здравство Кацаров делумно ги обвини „подложноста на теориите на заговор“ на Бугарите за ниското ниво на вакцинација, но Николова вели дека е збунета и од спротивставените ставови на експертите кои зборуваат на телевизија.

Честопати од таквите гости се бара да коментираат за области надвор од нивната експертиза или им е дозволено да презентираат научно сомнителни мислења.

Еден од поканетите на телевизиските дебати, Атанас Мангаров, е вонреден професор за заразни болести и шеф на одделението против ковид-19 во болницата во Софија, но шири дискредитирани теории за вирусот, инсистирајќи на неносење маски и на билни чаеви како третман.

Медиумскиот експерт Нели Огњанова вели дека медиумите придонеле за лошиот стандард на информации. „Медиумите, социјалните мрежи, јавните настапи на експерти и други извори носат заедничка одговорност за одбивноста против вакцините и за недовербата во улогата и безбедноста на вакцините“, вели таа.

„Не е тајна дека и ова е дел од хибридна војна предводена од Кремљ“, додаде таа, осврнувајќи се врз улогата на руските фабрики за тролови во ширењето дезинформации - во земјата која долго време има блиски културни врски со Русија.

Обновен страв

Според Парван Симеонов од Галуп Интернешнл, скептицизмот кон вакцините, исто така, ја одразува „огорченоста на Бугарите кон елитите“ и пошироката недоверба во властите и официјалните информации.

„Ова преоптоварување со информации доведе до конфузија, доведе до отпор и многу луѓе едноставно престанаа да слушаат, бидејќи прво, информациите беа контрадикторни, различни.

Според официјалните податоци, Бугарија има регистрирано околу 450.000 случаи на инфекција со коронавирус, но експертите и здравствените власти се согласуваат дека ова е дефинитивно недоволен број, бидејќи пристапот до бесплатни тестови е ограничен и многу болни луѓе едноставно не плаќаат за да направат тест.

Симеонов вели дека вакцинирањето дополнително е забавено од големиот број на луѓе кои веќе се заразени - или веруваат дека се заразени - и кои поради тоа одлагаат да се вакцинираат.

„Главните причини се поврзани со возраста и социјалната структура на општеството, односно ниската здравствена и превентивна култура, фактот дека многу луѓе веќе беа болни, преоптовареноста на информациите и секако фактот дека како и во секое балканско општество, овде луѓето изгледаат да бидам малку повеќе подложна на алтернативни факти, така да се каже “.

Меѓутоа, со оглед на тоа што се најавува есенски четврт бран на инфекции, Симеонов смета дека „факторот страв“ може да донесе промена во ставовите во наредните месеци, што ќе предизвика поголема вакцинација.

Доколку населението и понатаму се двоуми, експертите се загрижени дека тоа може да доведе до зголемување на стапката на смртност од коронавирусот која и онака е една од највисоките во ЕУ, 263 на 100.000 жители.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG