Достапни линкови

МОН - 0,02 % наставници и ученици се заразени од Ковид 19


Неколку паралелки на ученици од Велес, Прилеп и Штип од вчера се во изолација поради заболени ученици од Ковид-19. Од МОН велат дека околу 0,02 отсто од вкупниот број на ученици и наставници се заболени. Според МОН, училиштата постапуваат согласно протоколите и алгоритмите.

По седум дена од почетокот на учебната година на 1 септември низ неколку градови во земјава во изолација се цели паралелки поради заболени ученици од Ковид-19, а според здравствените протоколи, нивната настава сега се одвива онлајн. Од Министерството за образование и наука велат дека околу 0,02 отсто од вкупниот број на ученици и исто толкав процент и на наставници се активни случаи на заболени со Ковид- 19, а деталните податоци, како што наведуваат оттаму, ги поседуваат надлежните служби кои констатираат присуство на вирус кај суспектни лица и издаваат решенија за изолација.

„Тоа што е особено важно да се потенцира е дека училиштата не се трансмитери на заразата и дека во секој случај кога има појава на ученик или наставник со симптоми на заразата, училиштата постапуваат согласно протоколите и алгоритмите“, велат од МОН.

Засега според информациите во јавноста во изолација има паралелки во Велес, Прилеп и во Штип. Градоначалникот на Велес Аце Коцевски информираше дека позитивни ученици на Ковид-19 има во неколку средни и основни училишта во општината. Поради два ученика позитивни на Ковид-19 во велешката гимназија „Кочо Рацин“ во изолација се ставени учениците од две паралелки.

Едно одделение со 21 ученик во основно училиште во Прилеп, исто така, е во изолација, поради ученик во деветолетката кој бил позитивен на тестот за коронавирусот.

Во Штип како што информираше, Центарот за јавно здравје од градот, во две различни основни училишта „Тошо Арсов“ и „Страшо Пинџур“ имаат регистрирано по еден заразен ученик и двете одделенија се ставени во изолација.

Директорот на основното училиште Блаже Коневски од Велес, Јованче Манасков вели дека откако е почната наставата нема заболени ученици и наставници од Ковид-19, туку се работи за случаи од пред 1 септември.

„Во основното училиште Блаже Коневски Велес точно е дека имаме двајца позитивни ученика и еден одделенски наставник, но би сакал да напоменете дека и учениците и наставникот се позитивни пред почетокот на учебната година. Тие воопшто не се дојдени на училиште“, по информациите од страна на градоначалникот на Велес, Аце Коцевски за ситуацијата во училиштата во градот.

Учениците, како што посочува тој, следат онлајн настава, а наставничката има замена и од понеделник се враќа на работа.

„Ние ги следиме препораките. Доколку настане таков случај се јавуваме кај епидемиологот и он ни дава насоки. Дали одат во изолација, кој оди во изолација и итн. Значи и лани така постапувавме. Оваа година фала му на господ сме немале таков случај. Децата си доаѓаат на училиште со физичко присуство од прво до девето одделение. Преку 1100 ученици распределени почитувајќи ги мерките и протоколите. Сега за сега се е во ред. Пак ќе кажам безбедни се овдека децата, а 90 проценти од наставниот кадар и техничкиот персонал ни се вакцинирани со две дози. Тоа е еден солиден процент и бројка така што мислам дека се ќе биде како што треба“ додава директорот Манасков.

Вакцинирани 70 проценти од вработените во училиштата

По однос на вакцинацијата на вработените во училиштата, според последните податоци со кои располага МОН, степенот на вакцинација на наставниот и другиот помошно- технички кадар изнесува околу 70 отсто од вкупниот број на вработени во училиштата, и е два пати повеќе од националниот просек на вакцинација.

„Има општини и училишта каде процентот на вакцинација на вработените во училиштата е над 90 отсто што укажува на нивната висока свест и одговорност за заштита на јавното здравје. Очекуваме овој процент дополнително да се зголеми во следните денови. МОН континуирано доставува списоци за вакцинација со вработени во училиштата до МЗ и апелира за вакцинација на наставниот кадар“, додаваат од министерството.

Од МОН апелираат на доследно почитување на здравствените протоколи и одговорно однесување од страна на сите засегнати чинители во воспитно- образовниот процес, бидејќи само на тој начин ќе се одржи наставата со физичко присуство во училница, која, како што порачуваат, е во најдобар интерес на учениците и нема подобра алтернатива.

Какви се протоколите

Според протоколот за реализација на воспитно-образовниот процес, на секој ученик му се мери температура пред да влезе во училиштето. Ако таа е повисока од 37, 4 степени тогаш нема да му биде дозволен влез во училиштето. Истото важи и за вработените во училиштето. Наставата во училница се изведува со обезбедено физичко растојание од 1,5 метри помеѓу учениците и наставникот и учениците, а исто така се забрануваат поздравувања со физички контакт за вработените во училиштето и меѓу учениците.

Влегување во училиштето е дозволено само со задолжително користење на заштитни маски на лицето за сите вработени и ученици во училиштето. Протоколот предвидува тоалетите да бидат функционални заради овозможување услови за почесто миење на рацете со проточна вода и сапун и дезинфекција со средство кое делува на вируси или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини.

Ако ученик развие симптоми на Ковид-19 додека е во училиште, наставникот го изолира ученикот во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска и веднаш ги известува родителите, кои пак во најкраток временски период треба да го земат детето со цел консултација и натамошни активности со матичниот лекар на ученикот.

Доколку се потврди дека ученик е заболен од Ковид-19 се известува епидемиолошката служба во Центарот за јавно здравје кој итно треба да направи анкета со наставниците и учениците за проценка на степенот на ризик врз основа на контактите кои ги имале.

За учениците кои се позитивни на Ковид 19 или се во самоизoлација, наставата може да се реализира преку учење од далечина. Учениците кои следат настава од далечина се вклучуваат на часот во истото време додека наставникот го одржува часот со учениците кои следат настава со физичко присуство.

Учебната година започна на 1 септември со физичко присуство на сите ученици од основните и средните училишта и доследно почитување на сите мерки за заштита од Ковид-19. Минатата година, поради пандемијата на коронавирус, наставата се одвиваше онлајн, освен за учениците од прво до трето одделение.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG