Настаните на денот низ фотографии - 28 јули 2021
Родители во барови, талибанци во Кина...

1
МАКЕДОНИЈА - На подрачјето на Дебар, СВР Охрид спроведе превентивна кампања Соседска патрола. Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димовски, изјави дека целта на кампањата е родителите да видат каде нивните деца излегуваат, како и во каков амбиент младите се забавуваат во ноќните часови, какви се условите каде што излегуваат, кои угостителски и други јавни места најчесто ги посетуваат, кои се проблемите кои можат да се случат во текот на ноќните забави и како полициските службеници практично ги применуваат своите полициски овластувања.

2
ЈАПОНИЈА - Регионот на Токио бележи дневен рекорд од 3177 нови случаи на ковид19, но само 16 од нив се поврзани со Олимписките игри кои се одржуваат во јапонскиот главен град.

3
РУСИЈА - Руската полиција изврши претрес во домот на Роман Доброхотов, уредник на истражувачкиот интернет сајт Инсајдер, само неколку дена откако медиумот беше ставен во контроверзниот регистар на странски агенти.

4
МАКЕДОНИЈА - Апелацискиот суд Скопје постапувајќи по кривичниот предмет во јавноста познат како Титаник 3, ги уважи жалбите на обвинетите Исмет Гури и Ејуп Алими и ја укина првостепената пресуда.