Достапни линкови

Иновација на македонски средношколци: Исчисти автомобил преку мобилна апликација


Шеснаесетгодишните Ангел Карали и Бојан Спасеновски

Натпреварот за најдобар средношколски бизнис план во организација на Младински Образовен Форум покажа дека младите имаат идеи кои не заслужуваат да останат затворени „во фиока“ и ги мотивираше да ја претстават својата визија.

На натпреварот насловен „YES TEAM FOR THE WIN“, меѓу петте презентирани идеи, се истакна идејата на двајца млади охриѓани, кои презентираа план за иновативна автопералница која има опција за нарачка на чистење на автомобил преку мобилна апликација.

Со визијата на шеснаесетгодишните Ангел Карали и Бојан Спасеновски, корисниците добиваат на практичност и на слободно време, бидејќи вработени во автопералницата го преземаат автомобилот од посакуваната локација и го враќаат назад откако ќе заврши чистењето.

„Бизнис идејата ја поставивме со тоа што се фокусиравме на секојдневни потреби и проблеми кои ги имаат луѓето во нашето блиско опкружување и токму тоа што во моментот презентиравме ново решение за веќе постоечка потреба, нè одвои од конкуренцијата“, изјави за РСЕ, Ангел Карали.

Фотографија од натпреварот за најдобар бизнис план „YES TEAM FOR THE WIN“
Фотографија од натпреварот за најдобар бизнис план „YES TEAM FOR THE WIN“

Ангел и Бојан мислат на оние кои секојдневно се борат со брзото темпо на живот.

„Луѓето на кои сакаме да им помогнеме и ќе им ја нудиме нашата услуга сметаме дека се луѓето кои секојдневно се во трка со времето и многубројните работни и семејни обврски “, додаде Карали.

Другиот член на победничкиот тим, именуван како „Anboy“, ветува реализација во најскоро време.

„Мислам дека ваква прилика не се пропушта и идните планови ни се да ја реализираме најбрзо што можеме, а тоа е кога ќе земеме возачки дозволи“, вели за РСЕ, средошколецот Спасеновски.

Презентација на Бојан Спасеновски и Ангел Карали
Презентација на Бојан Спасеновски и Ангел Карали

Иако сите тимови решавале проблеми во различни аспекти од секојдневието, победничата идеја се истакнала како решение на проблем кој ќе опфати најмногу потрошувачи, а тоа ја прави и реализацијата највозможна. Младите имале можност да слушнат четиринаесет предавања од врвни домашни и американски експерти, кои го споделиле своето знаење и искуство и ги „наоружале“ со потребните вештини за еден ден и тие да бидат претприемачи.

„Она што најмногу го изненади нашиот тим беше интересот на средношколците за овој проект. Па така, и од нивните идеи јасно може да се види дека младите се иновативни и го бараат својот простор за да ја изразат својата креативност. Она што најмногу остави впечаток е што секоја од бизнис идеите, освен тоа што решава проблем и го олеснува животот на потрошувачот, има во себе и некоја иновација која што на нашиот пазар до сега не е видена“, изјави за РСЕ Ива Цветановска, програмска асистентка во Младински Образовен Форум.

Проектот има цел на средношколците да им овозможи простор за работа на своите вештини во полето на претприемништвото.

„Освен тоа што победниците беа наградени со вредносен ваучер за да можат да продолжат да работат на својата идеја, МОФ како организација секогаш останува со отворени врати за да им помогне да го надградат своето знаење, но и како поддршка во понатамошниот пат до реализацијата на бизнис планот. Освен предавањата и натпреварот како дел од проектот на членовите на клубовите ќе им биде обезбедена и пракса во локален бизнис кој веќе работи во истото поле“, додаде Цветановска.

За реализација, потребна е храброст и мотивација

Идеите се тука, но понекогаш мотивација и храброст е она што недостасува. Од МОФ велат дека надградувањето и работа на себе се клуч до поголема самодоверба и поттик да се побара помош од организациите и институциите кои се на располагање.

Младиот Бојан, инаку и државен првак и рекордер во стрелаштво, вели дека точно во центарот ќе погодиш ако заборавиш на стравот и силно веруваш во својата идеја, додека се потпираш на поддршката од околината.

„Најголемиот проблем кај младите кај нас е дека ги обзема стравот дека некоја идеја нема да биде успешна понатаму, а не ги гледаат придобивките во тоа, односно ги гледаат само негативните работи во нештата. Мислам дека им треба поддршка барем од најблиските, бидејќи мотивацијата не е иста ако немаш уште некој до тебе. Нашата препорака е да бидат упорни и да веруваат во својата идеја. Нема лоша идеја, затоа почнете сега да ги реализирате идеите, бидејќи нема што да изгубите, нема да останете на улица, имате некој позади вас. Би напоменале и дека неуспехот, односно грешката не претставуваат ништо лошо, затоа што таа е мајка на знаењето“, истакна Спасеновски.

Целта на МОФ е практичните вештини и применливото знаење да го пополнат празното место кое го остава формалното образование. Бројот на иновативни идеи од млади умови се очекува да расте сè повеќе, сè додека тие имаат што да кажат, ама има и кој да ги слушне.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG