Достапни линкови

Државната помош за млади претприемачи со неколкумесечна процедура


Илустрација

„Бројот на млади претприемачи и млади кои ги користат мерките на државата се намалува“, заклучува анализа на младинската организација „МладиИнфо“. Според наодите, ова се должи на комплексноста на процедурите, ниски финансиски средства, како и недоволна дигитализација на администрацијата и слабо претприемачко образование.

Невработеноста на младите е долгогодишен проблем, поради и што многумина млади се одлучуваат да емигрираат. Масовното иселување на младите ја чини државата повеќе од 300 милиони евра годишно, се наведува во истражувањето на Фондацијата за демократија на Вестминстер. Последните години стапката на невработеност се намалува, но сепак е повисока за скоро девет пати од просекот на ЕУ. Во 2016, 40.6 проценти од младите се невработени, во 2017, 39,2 отсто, во 2018, 37 отсто и во 2019, 30.5 проценти. Како дел од владините активности против невработеноста на младите се мерките за самовработување.

„И покрај пролиферацијата на мерките за самовработување, бројот на млади претприемачи и млади кои ги користат мерките на државата се намалува. Ова укажува дека и покрај добрата волја на институциите и мерките за самовработување, таргетирањето на младите и нивната мотивација за користење на овие мерки не е доволна“, стои во анализата „Ефикасноста на политиките за младинско самовработување во Северна Македонија“ на „МладиИнфо“.

Меѓу младите кои ја користеле мерката Грант за самовработување преку Агенцијата за вработување на Северна Македонија е младата адвокатка Ема Стојановиќ, која во 2018 година отворила своја адвокатска канцеларија. Со грантот, младите добиваат неповратни средства од 5000 евра за основање на свој бизнис, а минуваат низ процедура на обуки. Стојановиќ ја започнала процедурата во март 2018 година.

Ема Стојановиќ, млада претприемачка која отворила своја адвокатска канцеларија
Ема Стојановиќ, млада претприемачка која отворила своја адвокатска канцеларија

„Еединствен потребен документ кој треба да го поседува подносителот на апликација беше лична карта и истиот задолжително пред објавата на Јавниот повик од страна на АВРМ, да биде пријавен како невработено лице - АКТИВЕН барател на работа заведен во АВРМ, по што би ја поминале фаза 1 и би преминале на фаза 2 од програмата. Доколку успешно го пополните прашалникот и сте преминале на фаза 2 од програмата потребно е да се посети обука за Претприемништво и развој на претприемачки вештини која се посетува во просториите на АВРМ и е во траење од околу 5 работни дена, кои претходно се точно одредени од страна на АВРМ. Присуството на обуката е задолжително, а истата е од голема корист поради тоа што обучувачи се познати претприемачи и претставници на УНДП, кои низ различни вежби ве упатуваат за исплатливоста или неисплатливоста на бизнис идејата која ја имате. По завршување на обуката преку прашалници и насоки добиени на обуката се изработува бизнис идејата, која доколку биде позитивно оценета се оди на следната фаза односно фаза 3“, објаснува Стојановиќ.

Во фаза 3 пак, како што објаснува младата адвокатка, се изработува бизнис план, со советодавна поддршка. Конкретно, со поддршка на овластен советник од Каталогот на советници на АППРМ, кој секој млад претприемач сам го избира преку посебен софтвер.

„Откако ќе го изработите бизнисот планот, треба да добиете одговор од експертска комисија која треба да го оцени бизнис планот. Доколку Вашиот бизнис план е позитивно оценет, следува последната фаза, односно фаза 4 која е потпишување на договор помеѓу Вас како корисник на грантот oд една страна и УНДП и АВРМ од друга страна, по што ќе можете да започнете со користење на грантот“, вели Стојановиќ.

Коментирајќи ја процедурата за аплицирање за грант, Стојановиќ вели дека зад програмата стојат лица со „вистинска стручност и професионалност“.

„Единствено нешто кое мислам дека треба да се подобри е временскиот период на фазите, односно од аплицирање до реализирање на Договорот временскиот период е во траење од најмалку 5 месеци, а за целиот период треба да се водите како невработено лице односно активен барател на работа, кое нешто за некои лица може да претставува и пречка“, вели Стојановиќ.

Во заклучокот од анализата на „МладиИнфо“ се констатира дека младите ги одбива искористувањето на ова мерка токму комплексноста на процедурата, како и недоволната дигитализација. Дополнително, учеството од 5 илјади евра за основање на компанија е „голема пречка за младите, особено тие од социјални групи, рурални средини и друго“.

„Згора на тоа, средствата на државно ниво одвоени за оваа мерка се незначителни за создавање на нова заедница на претприемачки и поттикнување на претприемачкиот дух. И трето, техничките причини се наоѓаат во капацитетите на институциите да комуницираат со младите и да ги менаџираат мерките од почеток до крај“, стои во заклучокот од анализата.

Табела од „Анализа на можностите и перцепциите на младите за претприемништво“ на Национален младински совет на Македонија
Табела од „Анализа на можностите и перцепциите на младите за претприемништво“ на Национален младински совет на Македонија

Во анализата се препорачува поедноставување на административната процедура, дигитализација на процесот, зголемување на грантовите за самовработување, укинување на основачкиот влог за основање на ДООЕЛ или стипулирање на симболичен износ по примерот на Србија, Бугарија, Хрватска и други, како и зајакнување на претприемачкото образование во основните и средните училишта преку неформално учење и создавање кариерни центри.

Стојановиќ смета дека секој кој сака да отвори свој бизнис треба да има „претприемачки дух, добро замислена цел, добро искалкулирани предности и слабости на дејноста со која планира да се занимава, да биде истраен и реален во очекувањата“.

„Неповратните средства (грантот) кој како можност го нуди нашата држава претставува одлична прилика за почеток во основањето на сопствен бизнис, кои мене лично многу ми помогнаа во отварањето на адвокатската канцеларија, но секако секој МОРА да биде реален со себе и да биде сигурен во својата бизнис идеја, која ќе ја претвори во бизнис план и со која ќе се занимава не една година туку и во подалечната иднина. Така што со вистинска желба и визија, секоја млада личност може да чекори кон успешна иднина“, истакна Стојановиќ.

За Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година, каде спаѓаат и грантовите за самовработување на млади, обезбедени се милијарда 516 милиони денари и со него ќе бидат опфатени 10.279 лица. Годинава акцентот е на оние кои се најпогодени од пандемиската криза. Па така, при имплементација на мерките од планот ќе бидат почитувани три принципи – принцип на побрзо враќање на работа на лицата кои го изгубиле работното место поради пандемијата, принцип на диверзитет и инклузивност и принцип на рамномерен регионален развој. За мерката Грант за самовработување, надлежните имаат издвоено средства за 1760 лица да ја искористат оваа можност.

XS
SM
MD
LG