Достапни линкови

Недостигаат и луѓе и технологии за поголем извоз


Илустрација

Последните статистички податоци покажуваат дека само 6,3 проценти од компаниите во земјава извезуваат. Упатените велат дека компаниите мораат да инвестираат во квалитетен кадар и во современи технологии за да бидат конкурентни на странските пазари

За македонските стопанственици тоа што само 6,3 проценти од компаниите во земјава извезуваат не е некое големо изненадување. Иако последните статистички податоци покажуваат дека само 3500 компании се извозно ориентирани, дел од упатените предупредуваат дека тој процент е уште понизок, бидејќи тука се вбројуваат и странските компании кои инвестирале во земјава.

Мирче Чекреџи е сопственик на приватна печатница во Македонија. Според него, има неколку причини зошто толку малку компании извезуваат.

„Ова се должи пред сè на политичката ситуација во земјава во последните дваесеттина години, наместо да се интегрираме во ЕУ и да ги следиме тековите на бизнисот во Европа ние сме една прилично изолирана земја. Втората причина е што македонските компании се многу мали, односно немаат доволно финансиска и производна кондиција да конкурираат на големите пазари. И третата причина е перманентно технолошко заостанување и со тоа конкурентноста за големите пазари е намалена“, изјави Чекреџи.

Бројките за извозот на нашите компании покажуваат дека нашата економска сила сè уште не е конкурентна за странските пазари, вели економскиот аналитичар Арбен Халили. Тој смета дека со зајакнување на човечкиот фактор, односно квалитетно обучени менаџерски тимови во фирмите кои постојано ќе истражуваат нови пазари и ќе создадат конкурентен производ, состојбата би можела да се придвижи во нагорна линија.

„Не дека немаме компании кои се добро етаблирани на странските пазари и се 100 проценти извозно ориентирани, сепак споредено со вкупниот број на правни лица кои се околу 78 илјади регистрирани, актуелната бројка е многу мала. Затоа Македонија мора да има јасна стратегија што ќе овозможи подобрување на трговскиот биланс и ќе ја подобри трговската размена со која било земја“, вели Халили.

Чекреџи е убеден дека интегрирањето на Македонија во евроатланските структури ќе ја подобри актуелната бизнис клима. Можностите за развој на компаниите ќе бидат многу поголеми, иако според него, компаниите и сега поседуваат претприемачки дух.

„Евидентно е постоење на претприемачки дух меѓу македонските претприемачи со тоа што ноторен факт е тоа што ние имаме одлив на мозоци. Во последните петнаесеттина години стотици илјади млади образовани луѓе ја напуштиле земјата и се разбира дека тоа е голем хендикеп“, вели Чекреџи.

Халили, пак, е на став дека фирмите мораат да ги подобрат технолошките перформанси, да инвестираат во современа технологија, да го обучат кадарот. Од друга страна пак, истакнува дека и државата треба финансиски да ги поддржува компаниите кои имаат конкретни и јасни проекти за зголемување на производството.

„Тука би можело да се искористи уште една алатка, односно компаниите кои се извозно ориентирани да се ослободат од плаќање на одредени даноци и тие финансиски средства да ги инвестираат во подобрување на технологијата и развојните процеси на своите компании“, сугерира Халили.

Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека најголем дел од фирмите кои извезуваат или 2.835 фирми се микро и мали фирми, а само 110 од извозниците се големи компании кои имаат над 250 вработени. Најголем дел од извозот или 87% од извозот се креира кај компаниите од индустријата. Сепак, иако се малку на број, големите извозни компании создаваат најголем дел или 80% од вкупниот извоз на државата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG