Достапни линкови

Ученичка компанија со цел да се намали ширењето на коронавирусот


Производи на „Стоп д спред“, ученичка компанија од „Раде Јовчевски - Корчагин“

Средношколци од Корчагин продаваат кутивчиња за заштитни маски и алки со средство за дезинфекција, а со средствата од продажбата планираат да купат стерилизатор за своето училиште.

„Нашата мотивација произлезе од нашата желба што побрзо да заврши оваа состојба на пандемија и што можеме да преземеме ние како млади луѓе во врска со истата“, вели средношколскиот тим зад ученичката компанија „Стоп д спред“ за создавањето на компанијата. Учениците од скопската гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“ нудат кутивчиња за заштитни маски и алки со средство за дезинфекција. Преку нивните дизајни и производи сакаат да ја подигнат свеста за почитување на мерките за заштита од пандемијата.

„Нашата ученичка компанија беше формирана преку Upshift програмата и истата е потпомогната од страна на CEEDHUB Skopje. Проектот започна во ноември 2020 година, најпрвин имавме работилници на кои ги развивавме нашите идеи и истите подоцна ги презентиравме пред комисија. По селекцијата не известија дека нашата компанија е една од избраните ученички компании на кои ќе им бидат доделени парични средства за реализација на нивната идеја и ние почнавме со развивање на нашата идеја во текот на 2021 година“, велат од „Стоп д спред“.

РСЕ: Што научивте од процедурата за отворање на компанија?

„Стоп д спред“: Во текот на формирањето на компанијата стекнавме многу нови знаења како што е испитување на пазарот, барање материјали и пронаоѓање дистрибутери, каква е процедурата за формирање на буџетот, создавање на дизајн за производите, создавање на веб страна, снимање на рекламен материјал и слично.

РСЕ: Дали има интерес за вашите производи?

„Стоп д спред“: Сметаме дека има интерес за нашите производи бидејќи уште во текот на развивање на нашата идеја направивме анкета во која ги прашавме дали се соочуваат со одредени проблеми кои би ги немале доколку би ги користеле нашите производи и дали би ги купиле производите што ги нудиме. Повратните информации што ги добивме само ги потврдија нашите претпоставки дека има побарувачка за нашите производи на пазарот.

Производи на „Стоп д спред“, ученичка компанија од „Раде Јовчевски - Корчагин“
Производи на „Стоп д спред“, ученичка компанија од „Раде Јовчевски - Корчагин“

РСЕ: Имате изјавено дека со добивката од продадените производи ќе купите стерилизитор за своето училиште. Зошто токму стерилизатор и дали имате поддршка од своите соученици?

„Стоп д спред“: Набавување на стерилизатор беше нашата првична идеа за учество во натпреварот. Причината поради која избравме стерилизатор како наше решение е фактот дека со поставување на стерилизатор на влезот на нашето училиште, пренесувањето на вирусот би се намалило бидејќи при влез и излез личноста би се дезинфицирала.

РСЕ: Колку соучениците во вашето училиште се придржуваат кон протоколите за заштита од вирусот?

„Стоп д спред“: Бидејќи моментално наставата не се одвива со физичко присуство не би можеле објекнивно да кажеме колку нашите соученици се придржуваат на протоколите за заштита од вирусот, но сметаме дека повеќето ги почитуваат мерките и се надеваме дека преку нашата порака ќе ги поттикнеме и оние кои можеби не ги почитуваат дадените мерки.

XS
SM
MD
LG