Достапни линкови

Вести

Времето денеска: претпладне сончево, попладне дожд

Претпладне ќе биде сончево со умерена облачност, а попладне ќе има појава на локална нестабилност со врнежи од дожд. На места процесите ќе бидат поинтензивни со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Дневната температура ќе биде од 14 до 25 степена. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 22 степена.

види ги сите денешни вести

Руски војник осуден на доживотна казна затвор во Киев

21-годишниот руски војник Вадим Шишимарин

Доживотна казна затвор доби 21-годишниот руски војник Вадим Шишимарин.

Судот во Киев во првото судење за воени злосторства од руската инвазија врз Украина го осуди војникот на доживотен затвор за убиство на невооружен цивил.

Рускиот војник претходно призна вина за смртта на 62-годишниот украински цивил, Олександр Шелипов, кој беше застрелан додека возел велосипед во селото Чупахивка во североисточниот регион Суми.

Во својата последна изјава пред судот минатата недела, Шишимарин, кој доаѓа од сибирскиот регион Иркутск, рече дека не сакал да го убие Шелипов и дека „искрено“ жали за она што се случило.

Судијата Серхиј Агафонов рече дека Шишимарин извршил „кривична наредба“ што му ја дал војник од повисок чин кога испукал неколку истрели во главата на жртвата од автоматско оружје.

На 12 мај, Советот за човекови права на ОН со големо мнозинство ја одобри резолуцијата за покренување истрага за наводите за злоупотреби од страна на руските војници во областите на Украина што тие привремено ги контролираа.

Во резолуцијата се наведени очигледни случаи на тортура, пукање и сексуално насилство, заедно со други злосторства документирани од тим на ОН на теренот.

Македонските здравствени власти во среда ќе расправаат за мајмунските сипаници

Мајмунски сипаници

Комисијата за заштита од заразни болести ја следи состојбата со мајмунските сипаници во светот, како и препораките на Светската здравствена организација кои во моментот не предвидуваат ограничување на движење на луѓе и стока во рамки на земјите каде не се регистрирани, изјави портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ.

Во среда, посочи тој, е закажан состанок на Комисијата, а една од точките на расправа ќе биде состојбата со мајмунските сипаници во светот и можноста за евентуално пренесување кај нас и подготвеноста на системот да се справи со евентуална епидемија или пандемија која би се појавила во светот и кај нас.

„Што ќе се дискутира на состанокот на Комисијата за заразни болести во среда ќе информираме по неговото завршување, за тоа што понатаму планираме да спроведеме како активности во однос на тоа системот да биде што поподготвен за евентуална епидемија која би можела да се случи“, додаде д-р Мехмедовиќ.

Досега повеќе од 100 случаи на вирусната инфекција се потврдени во Белгија, Франција, Германија, Италија, Португалија, Шпанија, Шведска, Холандија и Британија. Случаи се откриени и во САД, Канада и Австралија.

Мајмунските сипаници, кои се почести во западна и централна Африка, предизвикуваат блага вирусна болест која се карактеризира со треска и карактеристичен осип. Тие се помалку заразни од малите сипаници и предизвикуваат помалку случаи на тешка болест.

Вирусот на човек се пренесува со консумирање месо или контакт. Пренесување од човек на човек е ретко, но не и неможно.

Ковачевски од Ватикан: Ги делиме истите вредности

Премиерот Димитар Ковачевски на аудиенцијата кај папата Франциск

На аудиенцијата кај папата Франциск по повод чествувањето на големото дело Светите браќа Кирил и Методиј, кои со својата мисија го ширеа христијанството на јазик разбирлив за словенските народи и извршија и мисија на поврзување на народите на Европа, ги потврдивме пријателските односи со Светата Столица, напиша премиерот Димитар Ковачевски на неговиот фејсбук профил.

„Со папата Франциск се согласивме дека грижата за најранливите наши сограѓани во време на криза и почитувањето на разликите се столбовите на градењето на општество во кое има место за сите и дека плодната соработка со Ватикан ќе се продлабочи бидејќи ги делиме истите вредности на меѓусебно разбирање, толеранција и човечко достоинство“, објави Ковачевски.

Премиерот и делегацијата на Владата кои се во дводневна посета на Рим и Ватикан во рамки на традиционалните свечености во чест на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј, денеска беа примени од неговата светост папата Франциск.

Ковачевски имаше тет-а-тет средба со папата Франциск, а потоа и аудиенција на која беше придружуван од ќерката, како и останатите членови на делегацијата на Северна Македонија.

На аудиенцијата кај папата Франциск, како една од централните активности од програмата за чествување на животот и големото дело на Светите Кирил и Методиј, премиерот Ковачевски изразил благодарност за посетата на папата на нашата земја во 2019 година, што беше прва посета на предводник на Римокатоличката црква запишана како историска.

Од владината прес служна соопштија и дека на средбата била поздравена и отпочнатата иницијатива за потпишување темелен договор (конкордат) помеѓу Северна Македонија и Светата Столица, за да се регулира статусот на Католичката црква во нашата земја и за унапредување на соработката во областите од взаемен интерес, особено во делот на соработката меѓу образованите институции и архивите на двете земји.

Премиерот Ковачевски на папата Франциск му подарил рачно изработен фрагмент со калиграфско пишување на рачна изработена хартија од пофалното слово на Свети Климент Охридски, бројаница со традиционален охридски бисер и филигран, како и винил плоча од македонскиот виртуоз Влатко Стефановски.

Украина предупредува на зголемена активност на војската во Белорусија

Илустрација

Вооружените сили на Украина предупредуваат на зголемување на воената активност и бројот на војници во близина на границата од страната на Белорусија.

„Вооружените сили на Република Белорусија го интензивираат извидувањето, се распоредуваат дополнителни единици во пограничните области на регионот Хомел“, соопшти денеска украинскиот генералштаб, додавајќи дека останува заканата од ракетни и воздушни напади од територијата на Белорусија.

Белоруските власти до сега не излегоа со коментар.

Белорусија официјално не учествуваше во војната што ја започна Москва против Украина на 24 февруари, но дозволи нејзината територија да ја користат руските сили како област за напади на украинска територија.

Подготовки во Соборниот храм за утрешната литругија на поглаварите на МПЦ-ОА и СПЦ

Илустрација

Во Соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје се вршат подготовки пред утрешната заедничка Божествена литургија на поглаварите на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија г.г. Стефан и на Српската православна црква г.г. Порфириј.

„Во моментов се одвиваат подготовки на просторот за пречекот на српскиот патријарх, поглаварот на СПЦ г.г. Порфириј. Се уредува внатрешноста и надворешноста на храмот. Во тек се опсежни работи. Вклучени сме повеќе луѓе во организацијата. Пречек на едно вакво лице кое доаѓа со делегација, членови на Синодот на СПЦ бара посебно внимание, гостопримство на ниво и љубовно пречекување, и исто така запазување на сите оние норми правила кои ги пропишува и преданието на православната црква“, изјави презвитер Бобан Митевски.

Српската делегација ќе ја сочинуваат дваесет лица, од кои најверојатно осуммина ќе бидат владици на СПЦ.

Со заедничката литургија ќе чиноначалствуваат поглаварите Стефан и Порфириј, а ќе сослужуваат сите владици на МПЦ – ОА и владици на СПЦ.

Соборниот храм за утрешната литургија, како што вели Митевски, ќе биде украсен за соодветниот повод, а на крајот на литургијата двајцата поглавари ќе имаат говори.

Поглаварот на СПЦ и членовите на српската црковна делегација треба да пристигнат во Скопје денеска. Божествената литургија утре во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ ќе започне од 9 часот, а во соопштението до јавноста, МПЦ – ОА упати покана до верниците да земат молитвено учество.

На оваа посета на поглаварот на СПЦ Порфириј и претходеше заедничката архијерејска литургија на помирување што се одржа на 19-ти месецов во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград, а со која чиноначалствуваа патријархот Порфириј и архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан.

Со литургијата беше потврдено надминувањето на 55-годишниот раскол меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и возобновувањето на канонското и евхаристиското општење.

Вселенската патријаршија на 9-ти месецов ја призна канонската природа на Македонската православна црква – Охридската архиепископија, со што по 55 години му се даде можност на македонското свештенство да има заеднички богослужби со другите православни цркви.

Спорот меѓу двете сестрински цркви почна откако на 17 јули 1967 година, Светиот синод на МПЦ во Охрид, го свика Третиот црковно-народен собор и на свечената седница во охридската црква „Св. Климент“ ја прогласи Македонската православна црква за автокефална.

Бајден: Целта на Путин е да ја елиминира Украина

Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден го обвини својот руски колега Владимир Путин дека се обидува да ја „елиминира“ Украина и порача дека поради тоа мора да ја плати цената за неговата инвазија.

Бајден кој е во посета на Јапонија, денеска на прес конференција во Токио рече дека руското бомбардирање на цивилната инфраструктура како што се училишта, театри, болници и музеи ги покажува вистинските намери на Путин со инвазијата што ја започна на 24 февруари.

„Верувам дека она што Путин се обидува да го направи е да го елиминира идентитетот на Украина. Тој не може да го окупира, но може да се обиде да го уништи идентитетот на земјата“, рече Бајден.

Украина ја обвини Русија дека извршила злосторства за време на нејзината неиспровоцирана инвазија и соопшти дека идентификувала повеќе од 10.000 можни воени злосторства. Русија негира дека цели на цивили и тврди дека доказите за злосторствата презентирани од Украина биле исценирани.

Бајден: САД би интервенирале воено во случај на кинеска инвазија врз Тајван

Пред да започне инвазијата, која Путин ја нарекува „специјална воена операција“, тој експлицитно негираше дека Украина некогаш имала „вистинска државност“ и рече дека земјата е составен дел од „сопствената историја, култура и духовен простор на Русија“.

Бајден рече дека Путин мора „да плати висока цена за неговото варварство во Украина“, за да се даде пример и на други земји кои ќе се обидат да преземат слични агресивни акции, алудијарќи на тензиите меѓу Кина и Тајван.

Вселенскиот патријарх Вартоломеј ја поздрави литургијата на помирување што ја одржаа СПЦ и МПЦ-ОА

Вселенскиот патријарх Вартоломеј

Вселенскиот патријарх Вартоломеј ја поздрави литургијата на помирување што ја одржаа СПЦ и МПЦ-ОА во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград со која беше ставен крај на 55-годишниот раскол, само неколку дена по одлуката на Фанар да ја прифати Охридската архиепископија во канонска и евхаристиска заедница.

На средба со професори и студенти од Богословијата „Св. Петар Цетињски“, кои се во посета на Вселенската патријаршија, патријархот Вартоломеј рече дека сослужувањето на српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски Стефан со право може да се оцени како чин на помирување и соработка, кој се случи, како што наведе, само неколку дена по неговата историска одлука во однос на црквата во Северна Македонија.

„Преку вас ја поздравувам светата црква на Србија и срдечно го прегрнувам нејзиниот поглавар, најљубениот и блажениот патријарх г. Порфириј. Нашите две цркви се поврзани со свети и неуништливи врски, на заедничка вера и заеднички борби, и врски на љубовта на мајката кон својата сакана ќерка, кои според апостол Павле, „никогаш не пропаѓаат“, истакна вселенскиот патријарх.

Тој ја нагласи и радоста на, како што посочи, Мајката црква во Константинопол по „историската одлука“ на нејзиниот Синод за враќање на Охридската архиепископија во евхаристиска заедница, што го отвори патот за помирување со СПЦ и воспоставување на мирот и поредокот на Балканот.

Бајден: САД би интервенирале воено во случај на кинеска инвазија врз Тајван

Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден денеска во Токио предупреди дека Соединетите држави „воено ќе го бранат Тајван доколку Пекинг го нападне“ автономниот остров, предупредувајќи дека Кина „флертува со опасноста“. „Тоа е обврска што ја презедовме“, рече Бајден на прашањето на новинарите дали САД ќе интервенираат воено против обидите на Кина да ја заземе територијата насилно. „Се согласивме со политиката на една Кина, ја потпишавме... но идејата дека Тајван може да биде преземен со сила едноставно не е соодветна“, рече Бајден, додавајќи дека тоа „ќе го наруши целиот регион и ќе биде уште една акција слична на она што се случи во Украина“. Според него, по руската инвазија врз Украина, се зголемува потребата за заштита на Тајван.

Бајден во посета на Азија, кинески воени маневри во Јужното Кинеско Море

Според политиката „Една Кина“, САД го признаваат Пекинг како влада на Тајван и немаат дипломатски односи со Тајван. Сепак, тие одржуваат неформални контакти со Тајван, вклучувајќи ја и „де факто“ амбасадата во главниот град Тајпеј. Соединетите држави обезбедуваат и воена опрема за одбрана на Тајван.

УНХЦР: Бројот на принудно раселени лица во светот надмина 100 милиони

Илустрација

Повеќе од 100 милиони луѓе во светот биле приморани да ги напуштат своите домови, бегајќи од воени конфликти, насилство, прогон и поради кршење на човековите права. Ова денеска го соопшти високиот комесар на Агенцијата за бегалци при Обединетите нации (УНХЦР).

За прв пат во историјата е надмината границата од 100 милиони раселени лица низ светот.

Според податоците на УНХЦР, руската инвазија врз Украина е една од причините за раселувањето на милиони луѓе, но за големиот број бегалци придонеле и постојаните борби во земјите како Етиопија и Демократската Република Конго.

„Ова е рекорд кој никогаш не требаше да се постави. Ова мора да послужи како повик за будење за да се решат и да се спречат разорните конфликти, да се стави крај на прогонот и да се елиминираат причините поради кои невини луѓе ги напуштаат своите домови“, порача високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди.

Гранди повика да се решат причините за раселувањето, наведувајќи дека хуманитарната помош само ги ублажува последиците.

Тој на Твитер напиша дека бројот на раселени е показател за „страшната состојба на нашиот свет“ и дека потрагата по решение за нивната мака мора да продолжи.

Лабуристот Албанезе положи заклетва за нов премиер на Австралија

Лидерот на австралиската Лабуристичка партија, Ентони Албанезе положи заклетва како премиер на Австралија

Лидерот на австралиската Лабуристичка партија, Ентони Албанезе, денеска положи заклетва како 31-виот премиер на Австралија, ветувајќи дека ќе ја обедини земјата по напорната изборна кампања и справување со климатските промени и нееднаквоста. Лабуристите се вратија на власт по девет години во опозиција победувајќи ја конзервативната коалиција на општите избори во саботата. „Со нетрпение очекувам да водам влада што ќе ги прави горди Австралијците, влада која не сака да дели, која не сака да има клинови, туку сака да ги зближи луѓето“, рече Албанезе за време на својот прв брифинг за медиумите откако ја презеде функцијата премиер.

Бајден во посета на Азија, кинески воени маневри во Јужното Кинеско Море

Иако гласовите сè уште се пребројуваат и составот на владата допрва треба да биде финализиран, Албанезе положи заклетва на церемонијата во националниот главен град Канбера за да може да присуствува на клучниот состанок на безбедносната групација „Квад“ во вторник во Токио. Индија, Соединетите држави, Јапонија и Австралија се членови на Квад, неформална група која Вашингтон ја промовира како потенцијален бедем против зголемената политичка, комерцијална и воена активност на Кина во Индо-Пацификот. Новоизбраниот австралиски премиер Албанезе, или како што самиот се нарекува Албаниз, е херој на мултикултурната Австралија и се опиша себеси за време на изборната кампања како единствениот кандидат со „неангло-келтско презиме“ кој се кандидирал за премиер во 121 година историја на оваа позиција во неговата земја. Либералната коалиција на премиерот во заминување Скот Морисон на изборите загуби многу места и тој го призна поразот.

Москва ги засили нападите во источна Украина

Русија ја интензивирала својата офанзива во источниот регион Луганск,

Русија ја интензивирала својата офанзива во источниот регион Луганск, соопшти украинската војска на 23 мај, при што градот Северодоњецк бил под „деноноќно“ неселективно бомбардирање додека руските трупи се обидуваат да го опколат градот. Тешките борби во источна Украина ѝ однесоа тежок биланс на руската војска, соопштија од британското разузнавање, проценувајќи дека во текот на првите три месеци од војната во Украина, Москва претрпела голем број смртни случаи слични на оние што ги доживеа Советскиот Сојуз за време на својата деветгодишна војна во Авганистан.

Продолжена воената состојба во Украина за 90 дена


Украинските бранители одбија 11 непријателски напади во последните 24 часа додека руските трупи постојано се обидувале да се пробијат, зголемувајќи ја употребата на авиони за уништување на инфраструктурата, соопшти денеска украинскиот Генералштаб на вооружените сили. Во Северодоњецк, регионалниот гувернер Серхи Хејдеј изјави дека руските сили кои се обидуваат да го опкружат „користат тактики на изгорена земја, намерно уништувајќи го“ градот. Се вели дека Русите направиле ограничен напредок кон градот, каде што се смета дека планираат нова опсада. Руските гранатирања и ракетни напади, исто така, продолжија врз вториот по големина град во Украина, Харкив, на север, како и Миколаев и Запорожје на југ, соопштија украинските власти.

Украина загрижена за судбината на борците од Азовстал

Британската војска, во својот дневен билтен за разузнавање на 23 мај, наведува дека високата стапка на руски жртви „продолжува да расте во офанзивата во Донбас“ како резултат на конвергентни фактори како што се лошата тактика на ниско ниво, недоволното воздушно покривање, слабата флексибилност и команден пристап“.

Бајден во посета на Јапонија

Јапонскиот министер за надворешни работи Јошимаса Хајаши и американскиот амбасадор во Јапонија Рам Емануел го поздравуваат американскиот претседател Џо Бајден по пристигнувањето во воздухопловната база Јокота во Токио на 22 мај 2022 година.

Американскиот претседател Џо Бајден денеска го увери својот „добар пријател“ јапонскиот премиер Фумио Кишида дека Соединетите држави се целосно посветени на одбраната на Јапонија, во услови на тензиите со Кина и последиците од руската инвазија на Украина. Камен-темелник на дводневната посета на Бајден, која вклучува средби со лидерите на Јапонија, Индија и Австралија, во групата „Квад“, ќе биде лансирањето на Индо-пацифичката економска рамка, широк план што обезбедува економски столб за американскиот ангажман со Азија. „Алијансата меѓу САД и Јапонија долго време беше камен-темелник на мирот и просперитетот во Индо-Пацификот, а Соединетите држави остануваат целосно посветени на одбраната на Јапонија“, рече Бајден на почетокот на разговорите со Кишида во палатата Акасака во центарот на Токио.

САД и Јужна Кореја со договор за засилени мерки за Северна Кореја

Ова е втора етапа од неговото патување во Азија по Јужна Кореја. Тој во Јужна Кореја имаше состанок со новиот претседател Јун Сук-џеол, на кој, меѓу другото, разговараше за зајакнување на воените вежби против „ѕвечакањето со оружје“ на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун. Ова беше објавено во моментот кога јужнокорејската разузнавачка служба објави дека Северна Кореја ги завршила подготовките за извршување на нуклеарна проба која ќе биде седма во нејзината историја и прва во последните пет години. Не е исклучено овој тест да биде направен додека американскиот претседател е во посета на Азија.

Зеленски ќе се обрати на отворањето на Светскиот економски форум во Давос

Претседателот на Украина Володимир Зеленски

Претседателот на Украина Володимир Зеленски денеска преку видео врска ќе им се обрати на политичките и економските лидери собрани на Светскиот економски форум во Давос. Годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос што ќе се фокусира врз војната во Украина, пандемијата на коронавирусот и климатските промени, ќе се одржи од денеска до четврток. Зеленски ќе го искористи овој нов форум за да побара од светот да му обезбеди на Киев поголема финансиска и воена помош. Голем број украински политички претставници отпатуваа во Швајцарија за лично да присуствуваат на митингот. Од друга страна, Русите се исклучени.

Продолжена воената состојба во Украина за 90 дена

За основачот на Форумот во Давос, Клаус Шваб, состанокот во 2022 година се одржува во најпогодниот момент и е најважен откако Форумот е формиран пред повеќе од 50 години. „Агресијата на Русија ќе се гледа во историските книги како распаѓање на поредокот роден по Втората светска војна и Студената војна“, оцени тој додавајќи дека Давос ќе направи сѐ што е во негова моќ за да ја поддржи Украина и нејзината обнова.

Дендиас на мини турнејата во Тирана, Сараево и Скопје

Министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас, Скопје, (фотографија од датотека)

Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас од денеска до среда ќе ги посети Албанија, Босна и Херцеговина и Северна Македонија, со цел и зајакнување на билатералните односи и изразување поддршка за ЕУ перспективата на регионот. Дендиас денеска ќе биде во Тирана, во вторник во Сараево, а в среда во Скопје. „Оваа турнеја е во рамките за зајакнување на билатералните односи, од една страна и од друга страна, да ги потсетиме сите, како во регионот, така и во Европската унија за важноста на овој регион“, рече портпаролот на грчкото МНР Александрос Папајоану на редовниот брифинг со новинарите во средата. Тој додаде дека сите овие средби, една по друга се и затоа што на 10 јуни во Солун ќе се одржи Самит на високо ниво во рамки на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во периодот 2021-2022 година, со што ќе заврши грчкото претседателство.

Реакции во Бугарија, Грција и Србија за канонското признавање на Охридската Архиепископија

Шефот на грчката дипломатија в среда во Скопје ќе оствари средби со претседателот, премиерот и министерот за надворешни работи на Северна Македонија. Папајоану коментираше дека шефовите на дипломатиите на Грција и на Северна Македонија имаат континуирани контакти, а последниот беше минатата сабота на неформалниот состанок на НАТО. Посетата на Дендиас на Скопје ја соопшти и министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи на прес конференцијата во минатата среда.

Ковачевски во Ватикан во чест на Денот на Светите Кирил и Методиј

Бугарскиот и македонскиот премиер, Кирил Петков и Димитар Ковачески, во Скопје, 18.01.2022

Премиерот Димитар Ковачевски придружуван од ќерката Тамара Ковачевска денеска и утре ќе предводи делегација на Република Северна Македонија во Италија и Ватикан во официјална и работна посета во рамки на одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, соопшти владината прес-служба.

Петков: Премиерот не носи сам одлуки, ако има договор со Скопје прво МНР ќе ја извести Владата

Ковачевски во тек на престојот на Ватикан и Рим ќе има аудиенција кај папата Франциск и ќе присуствува на молебенот на гробот на Св. Кирил во црквата „Сан Клементе“, а во работниот дел од посетата се најавени средби со претседателот на Советот на министри на Италија Марио Драги, како и со премиерот на Бугарија Кирил Петков кој денеска ќе присуствува на Божествена литургија во базиликата Сан Клементе, каде што е погребан словенскиот првоучител Константин-Кирил филозоф.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG