Вести
Влада: Обезбедени вакцини против ковид за цела 2021
Владата на денешната 37 седница го разгледала и усвоила записникот од последниот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Ковид-19.
Министерот за здравство Венко Филипче ги информирал и членовите на Владата дека по интензивни преговори се обезбедени количини на вакцини за цела 2021 година, дека од компанијата „Фајзер“, се очекуваат првите над 5.800 вакцини и дека во тек се преговори и со други компании, соопшти владината прес-служба.
Министерот Филипче информирал дека значително е намален притисокот на болниците и дека капацитетите за сместување на ковид болните лица се полупразни и било констатирано дека мерките донесени од Владата во последниот период за намалување на ширењето на коронавирусот донеле резултати.
Обезбедени вакцини против ковид за цела 2021, првата пратка во февруари
Владата на редовната седница ја разгледала и усвои информацијата за давање согласност за преземање обврски на Министерството за здравство за набавка на вакцини за континуирана имунизација и вакцини по епидемиолошки индикации за потребите на населението за тригодишен период и тоа од јануари 2021 – декември 2023 година, се дополнува во соопштението
види ги сите денешни вести
Привремено затворање на студентските домови во Иран
Универзитетот во Техеран издаде известување со кое се најавува затворање на сите студентски домови за најмалку 10 дена.
Според новинската агенција Тасним, која е блиска до Корпусот на Исламската револуционерна гарда, затворањето ќе започне во 10 часот наутро на 22 јануари и ќе продолжи до 2 февруари.
Според извештајот на Тасним, од студентите е побарано да ги напуштат своите домови што е можно поскоро.
Студентските домови се едни од главните центри на демонстрантите во текот на изминатите две недели. Овој последен потег, наводно, е спроведен во координација со иранското Министерство за наука и безбедносните агенции.
Американската невладина организација за заштита на човекови права ХРАНА соопшти дека ја потврдила смртта на 490 демонстранти и 48 припадници на безбедносните сили, а повеќе од 10.600 луѓе се уапсени изминативе две недели.
Организацијата NetBlocks објави на 12 јануари дека националното „затемнување“ на интернетот во Иран влезе во својот четврти ден.
Повикувајќи се на своите технички податоци, NetBlocks рече дека долгогодишните истражувања за дигиталната цензура во Иран покажуваат дека граѓаните користат алтернативни решенија за пристап до комуникациите во такви околности.
Исклучувањето на интернетот започна на 8 јануари, што се совпадна со интензивирањето на протестите во бројни ирански градови. Групите за човекови права и активистите за слобода на интернет велат дека целта е да се ограничи ширењето на информации и да се отежни документирањето на потиснувањето на протестите.
Поттикнати од зголемените цени, инфлацијата и паѓањето на валутата, Иранците излегоа на улиците во она што е најголемата закана за исламскиот режим во последниве години.
Пратениците ги избраа Кадри Шакиновиќ и Јошевска – Анастасовска за нови членови на Судскиот совет
Пратениците ги избраа професорката Алинда Кадри Шакиновиќ и адвокатката Сузана Јошевска – Анастасовска за нови членови на Судскиот совет. Тие беа предложени од македонската претседателка Гордана Сиљановска- Давкова, поради, како што вели таа, нивната стручност, високата професионалност и личен кредибилитет.
Сузана Јошевска-Анастасовска е адвокатка позната во јавноста, има повеќегодишна пракса, особено во кривични предмети.
Арлинда Кадри-Шахиновиќ, пак, е професорка со долгогодишна академска кариера на Факултетот за правни и политички науки при ФОН и МИТ Универзитетот, а беше и член на претходната Комисија за помилување што ја формираше претседателката на државата.
Сиљановска-Давкова во својот говор пред пратениците посочи дека реформите во областа на правосудството треба да ги водат личности кои се препознатливи во својата област на делување.
„Од дискусиите овде, и не само овде туку во јавноста општо, јасно беше дека Судскиот совет стана фактор на криза во судството… Двете кандидатки не ги предложив затоа што се жени, туку пред се заради нивната стручност и компетентност“, изјави таа.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, денеска изрази поддршка за новите кандидатки за членови на Советот предложени од претседателката.
„Претседателката е пред сè правник и професор. Не се сомневам во нејзиниот избор и верувам дека избрала вистински професионалци кои ќе придонесат во работата на Судскиот совет, доколку ја добијат довербата од Собранието“, изјави Камбовски.
Сега за овие предлози треба да се изјаснат пратениците во Собранието.
Предлогот од Сиљановска-Давкова следува откако на 29 декември беше усвоен новиот Закон за Судски совет во кој се заострени условите за членовите на ова тело односно прецизирани се критериумите што значи „истакнат правник“ кој може да биде предложен за член, како и правилата за дисциплинската одговорност за членовите и за судиите.
Исто така, новото законско решение предвидува и поголема транспарентност во работата на Советот, како на пример, обврска за образложување на одлуките за избор или одговорност односно разрешување на судии итн.
Новиот Закон за Судски совет беше и обврска што Северна Македонија ја презеде пред Европската Унија преку реформската агенда од Планот за раст. Пратениците го изгласаа законот на 29 декември што беше само два дена пред истекот на грејс-периодот кој беше до крај 2025 година.
Судскиот совет брои 15 членови од кои осум ги избираат судиите, тројца Собранието, двајца ги предлага претседателот на државата. Останатите двајца се членови по функција – претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, но тие се без право на глас.
Двете места што се пополнуваат на предлог од шефот на државата беа испразнети, а Сиљановска-Давкова во годишното обраќање пред пратениците на крајот на 2025 ја услови номинацијата на нови имиња со изгласување на новиот Закон за Судски совет.
Судскиот совет има задача да избира и разрешува судиите и претседателите на судови и да ја оценува нивната работа.
Франција почнува кампања за регрутација во нова доброволна воена служба
Франција почнува кампања за регрутирање илјадници млади луѓе за нова 10-месечна доброволна национална воена служба, а првите учесници ќе ја започнат својата служба во септември, јави агенцијата Ројтерс.
Програмата, што францускиот претседател Емануел Макрон ја претстави во ноември, е отворена за сите млади француски граѓани на возраст од 18 до 25 години кои се желни „да играат улога во капацитетот на нацијата да се спротивстави во неизвесна средина“, рече началникот на Генералштабот на вооружените сили, генерал Фабиен Мандон, на прес-конференција.
Овој потег е дел од поширока промена низ Европа, каде земјите кои со децении имаа безбедносни гаранции од Соединетите Американски Држави (САД) се загрижени за променливите приоритети на американскиот претседател Доналд Трамп и она што го сметаат за агресивен став на Русија, според Ројтерс.
Од септември, 3.000 млади луѓе ќе се приклучат на армијата, морнарицата или воздухопловните сили за мисии на француска почва, зголемувајќи го бројот на 4.000 во 2027 година и на 10.000 годишно до 2030 година.
Тие ќе добиваат околу 800 евра (935 американски долари) месечно и ќе извршуваат задачи почнувајќи од помош за време на природни катастрофи до надзор против тероризам и ќе служат на работни места почнувајќи од оператор на беспилотни летала до пекар, механичар, електричар и член на медицински персонал.
По програмата, учесниците би можеле да се интегрираат во цивилниот живот, да станат резервисти или да останат во вооружените сили, што го одразува „долгорочниот развој на армијата кон хибриден модел“, рече министерката за одбрана Катрин Вотрин на истата прес-конференција.
Се очекува програмата да чини 150 милиони евра во 2026 година и вкупно 2,3 милијарди евра меѓу 2026 и 2030 година, рече Вотрин.
Жељазков му го врати на Радев мандатот за нова влада на ГЕРБ, повика на избори на крајот на март
Бугарскиот премиер во оставка, Росен Жељазков, доби мандат од претседателот на Бугарија Румен Радев за формирање нова влада на ГЕРБ (бугарска централно десничарска партија) и веднаш го врати, јави бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа.
Со тоа е завршен првиот чекор од постапката откако Жељазков и неговата влада поднесоа оставка на 11 декември 2025 година по едни од најмасовните протести во современата историја на Бугарија. Причината за нив беше предложениот буџет на владата за 2026 година, кој никогаш не беше усвоен.
Потоа следува предавањето на мандатот на втората по големина парламентарна група - „Континуирани промени - Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ), која исто така веќе објави дека ќе го врати мандатот.
Според Радев, ова ќе се случи „во наредните денови“.
Веднаш откако доби мандат од Радев, Жељазков ја пофали својата влада, наведувајќи дека во последната година завршила „огромна работа“ и ги исполнила „своите стратешки цели“. За време на неговиот мандат, Бугарија официјално стана членка на еврозоната.
Премиерот во заминување потсети дека неговиот кабинет преживеал шест гласања недоверба, но на крајот одлучил да се повлече од власт „во моментот кога граѓанското општество побара нов легитимитет“. Според зборовите на Жељазков, ова „не е политичко повлекување“, туку почитување на „демократските традиции за одржлив развој на Бугарија“.
По овие зборови, Жељазков му го врати на Радев мандатот за нова влада на ГЕРБ, повикувајќи го да закаже предвремени избори на крајот на март.
„Многу е важно предизвикувачката година, која треба да биде година на жнеење на позитивните резултати од тоа што сме дел од срцето на Европа, да не биде залудно пропуштена“, рече Жељазков.
Во Бугарија се закажани редовни претседателски избори за оваа есен. Доколку во меѓувреме не се формира стабилна влада, тоа би значело дека претседателските избори би можеле да се одржат заедно со нови предвремени избори за Националното собрание.
Без струја се 35.000 домаќинства околу Одеса по напад со руски дронови
Без струја останаа 35.000 домаќинства во јужниот украински регион Одеса по напад со руски беспилотни летала, објави снабдувачот со електрична енергија ДТЕК, пренесе агенцијата ДПА.
ДТЕК, која е најголема украинска приватна енергетска компанија, соопшти дека станува збор за сериозна штета.
„Враќањето на снабдувањето ќе потрае“, се вели во соопштението од компанијата.
Во пристанишниот град Одеса, нападот погоди инфраструктурен објект и станбена зграда, напиша градоначалникот на Одеса, Сергеј Лисак, на мрежата Телеграм.
Тој кажа дека притоа две лица се повредени.
Поради силните воздушни напади во последните денови, практично нема електрична енергија во главниот град Киев, во Днепар, во Одеса и други градови во Украина. Како резултат на тоа, недостигаат и греење и вода. Во исто време, има силен мраз со ноќни температури што паѓаат до минус 18 целзиусови степени, според ДПА.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека пресретнале 135 од вкупно 156 напаѓачки руски беспилотни летала ноќеска, што е релативно мал напад во споредба со последните недели. Сепак, имало удари на 18 локации, соопштија воздухопловните сили.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски на 11 декември изјави дека најновите напади на Русија врз неговата земја претставуваат „свесен, циничен руски терор“, додека земјата и понатаму се соочува со смртоносни напади и голема штета врз енергетскиот систем во услови на ледени зимски температури.
Русија негира дека намерно ги гаѓа цивилите во Украина, и покрај бројните докази кои укажуваат на спротивното од почетокот на инвазијата во 2022 година.
Оштетена вратата на Бугарската амбасада во Скопје, остра реакција од бугарското МНР
Непознато лице со удар со рака го оштетило стаклото од влезната врата од Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, соопшти вечерва Министерството за внатрешни работи.
Министерството во писмено соопштение, информираше дека оштетувањето на стаклото е пријавено денеска (11 јануари) во 15:55 часот во СВР Скопје, од страна на Одделот за обезбедување на определени личности и објекти при МВР.
-Офицерот за безбедност на Амбасадата, преку системот за видео надзор, забележал оштетување на стаклото од влезната врата на објектот. Според досега утврденото, оштетувањето го извршило засега непознато лице, кое со удар со рака го оштетило стаклото од влезната врата, велат од МВР.
На местото на настанот биле преземени соодветни полициски мерки, а надлежните служби работат на расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со настанот.
Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, додаваат од МВР.
За случајот реагираше бугарското МНР оценувајќи дека се работи за „чин против зградата на бугарското дипломатско претставништво во Скопје – симбол на државноста и официјалното присуство на Република Бугарија во Република Северна Македонија“.
-Ова претставува недозволив напад врз статусот на дипломатската мисија и грубо прекршување на Виенската конвенција за дипломатски односи, се вели во реакцијата со остра осуда на Министерството за надворешни работи на Бугарија.
„Бараме надлежните власти во Република Северна Македонија веднаш да ги преземат сите неопходни дејствија за идентификување на сторителот и негово изведување пред лицето на правдата, како и за гарантирање на безбедноста на бугарските дипломатски и конзуларни претставништва, нивниот персонал и имотот“, велат од бугарското МНР од каде додаваат дека ќе го следат „развојот на настанот“.
Повторени локални избори: Две градоначалнички места за НАИ, по едно за ВМРО-ДПМНЕ и за ДП на Турците
Коалицијата Национална алијанса за интеграција (НАИ) ги освои градоначалничките места во Гостивар и Врапчиште, на денешните повторени локални избори, кои освен во овие две општини, се одржаа и во Маврово-Ростуша и Центар Жупа.
Кандидатот на коалицијата предводена од ДУИ, Ваљбон Лимани го победи кандидатот на Коалицијата ВЛЕН, Невзат Бејта во Гостивар каде денеска гласале 30,44% од граѓаните со право на глас.
Другиот кандидат со кој НАИ настапи на овие локални избори, Исен Шабани победи во Врапчиште, каде одзивот беше 32,37%. Противкандидат на Шабани, на денешните избори беше Зуљхајрат Демири кој беше поддржан од Група избирачи.
Овие резултати се првични и неофицијални, односно се добиени преку електронскиот систем.
Тие укажуваат на победа на кандидатот за градоначалник на Маврово-Ростуша, Онер Јакуповски кој беше поддржан од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Во оваа општина каде гласале 28,51% од граѓаните, на салдото на Јакуповски се бројат 9.963 гласа. Јакуповски кој беше кандидат и во првиот изборен круг во 2025-та година, влезе во трката за градоначалник со истиот противкандидат, Анес Ахмети поддржан од Коалицијата предводена од СДСМ,
Единствениот кандидат пак, во Центар Жупа, Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците обезбеди 973 гласови. Во оваа општина, правото на глас го искористиле 13,26% од гласачите.
Ваквите резултати вечерва на прес конференција ги соопшти портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска. Таа најави дека во текот на утрешниот ден, Комисијата ќе ги соопшти и првичните официјални резултати откако ќе пристигнат записниците од избирачките места.
Во текот на денешниот изборен ден, полицијата не регистрирала инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. Министерството за внатрешни работи преку соопштение оцени дека повторените локални избори се „одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера“.
Причина за повторувањето на изборите е тоа што на гласањето на 19 октомври лани, не излегоа доволен број на луѓе на гласање.
Услов за да бидат успешни изборите беше на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните граѓани во Избирачкиот список.
Но, за разлика од тогаш, според изборните правила, на денешните повторени избори немаше потреба од цензус.
Зеленски го осуди „циничниот терор“ откако руските напади го исклучија греењето за стотици илјади луѓе
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави дека најновите напади на Русија врз неговата земја претставуваат „свесен, циничен руски терор“, додека земјата и понатаму се соочува со смртоносни напади и голема штета врз енергетскиот систем во услови на ледени зимски температури.
Зеленски рече дека во текот на изминатата недела Русија употребила речиси 1.100 дронови, повеќе од 890 наведувани воздушни бомби и над 50 ракети од различни типови против Украина.
„Во многу региони состојбата е тешка по руските удари врз нашата критична инфраструктура“, изјави Зеленски и им се заблагодари на работниците од итните служби за обновувањето на основните услуги.
Тој исто така изјави дека Русија употребила балистички ракети со среден дострел „против цели кои немаат никаква воена намена: енергетски објекти, станбени згради…“
„Тоа е свесен, циничен руски терор против народот“, додаде претседателот на Украина.
Четири лица загинаа во саботата во руското гранатирање на Доњецката област, соопшти началникот на регионалната воена управа Вадим Филашкин.
„Русите убија четворица жители на Доњецката област: двајца во Јарова и двајца во Костјантиновка“, наведе Филашкин во неделата на социјалните мрежи. „Уште 10 лица во регионот се повредени во текот на изминатиот ден.“
Украинскиот државен железнички оператор соопшти дека железничката инфраструктура е оштетена во руските напади и дека двајца работници се повредени.
Тој додаде дека поради прекин на електричната енергија во текот на ноќта, железничкиот сообраќај во Днепарската и Запорошката област привремено бил префрлен на дизел-локомотиви и генератори.
Украинската железничка мрежа има клучна улога во евакуацијата на цивили од регионите разурнати од војната откако Русија ја започна својата инвазија во февруари 2022 година.
Руските сили во ноќта меѓу сабота и недела извршија уште еден голем напад со дронови врз Украина, покажуваат податоците на украинските воздухопловни сили, кои наведоа дека биле лансирани 154 ударни дронови од повеќе правци.
Воздухопловството додаде дека украинската противвоздушна одбрана соборила или неутрализирала 125 дронови во северните, јужните и источните региони.
Сепак, последиците од 22 дронови се регистрирани на 18 локации, а остатоци од соборени дронови паднале на уште две локации.
Најтешките последици почувствувани во Киев
Најтешките последици од неодамнешните напади се почувствувани во Киев и неговата околина.
Во ноќта кон петокот, руските сили извршија масовен комбиниран напад со употреба на 36 ракети и 242 дронови. Украинската противвоздушна одбрана неутрализираше 244 од нив, но удари од 18 ракети и 16 дронови се регистрирани на 19 локации.
Четири лица загинаа во Киев, а 25 биле повредени, меѓу кои и медицински работници и спасувачи. Во Киевската област властите пријавија голема материјална штета и пет повредени лица.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко во неделата изјави дека повеќе од 1.000 згради во украинската престолнина останале без греење. Температурите во Киев во последните денови се под минус 10 степени Целзиусови.
Кличко рече дека „работите на обновување се во тек, но состојбата останува тешка“. Со оглед на тоа што се очекува температурите под нулата да продолжат и во наредните денови, тој исто така ги повика жителите, доколку имаат можност, привремено да го напуштат градот.
Според податоците на украинското Министерство за енергетика, повеќе од 500.000 потрошувачи во Киев и Киевската област се без електрична енергија.
Русија негира дека намерно ги гаѓа цивилите во Украина, и покрај бројните докази кои укажуваат на спротивното од почетокот на инвазијата во 2022 година.
Трамп ја повика Куба да склучи договор со САД и предупреди дека повеќе нема да добива нафта од Венецуела
Американскиот претседател, Доналд Трамп во неделата ја повика Куба да постигне договор со САД, предупредувајќи дека таа островска држава повеќе нема да добива нафта и пари од Венецуела.
„Повеќе нема да пристигнуваат нафта или пари во Куба – нула“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social. „Силно им сугерирам да склучат договор пред да биде предоцна.“
Венецуела е најголемиот снабдувач на Куба со нафта, но откако на почетокот на годината американските специјални сили во операција во Каракас го уапсија авторитарниот лидер Николас Мадуро, кој во САД е обвинет за нарко-тероризам, Трамп успешно изврши притисок врз привремената претседателка, Делси Родригез, венецуелската нафта да се испраќа во САД.
Во американската операција беа убиени десетици припадници на венецуелските и кубанските безбедносни сили кои го обезбедуваа Мадуро.
Иако последиците од апсењето на соборениот Мадуро би можеле да се почувствуваат и кај оддалечените сојузници на Венецуела, како што се Иран, Кина и Русија, ниту една земја не е толку ранлива на исходот од американската акција во Венецуела како Куба.
Оваа островска држава, која се соочува со хроничен недостиг од пари, во голема мера зависи од Венецуела за снабдување со енергенси, кои ги добива по силно субвенционирани и исклучително ниски цени.
Истиот ден, претходно оваа недела, кога Мадуро на суд во Њујорк се изјасни дека не е виновен по обвиненијата за нарко-тероризам, во Венецуела заклетва како привремена претседателка положи дотогашната потпретседателка, Родригез.
Трамп претходно, во неделата, сподели повторно објава во која се сугерира дека американскиот државен секретар Марко Рубио, чии родители се имигранти од Куба, би можел да стане претседател на таа земја, со која владеат комунистите.
Трамп ја сподели таа објава со коментар: „Ми звучи добро!“
Набргу потоа, Трамп во објава изјави дека „Куба со години живееше од големи количини нафта и пари од Венецуела. За возврат, Куба обезбедуваше ‘безбедносни услуги’ за последните двајца венецуелански диктатори, но тоа веќе не е случај!“
„Поголемиот дел од тие Кубанци се мртви како резултат на минатонеделниот напад на САД, а на Венецуела повеќе не ѝ е потребна заштита од насилници и уценувачи кои ја држеа како заложник толку многу години“, додаде тој.
Под американското трговско ембарго, Хавана од 2000 година сè повеќе се потпира на венецуелската нафта, обезбедена како дел од договорот постигнат со претходникот на Мадуро, Уго Чавез.
За Куба, губењето на венецуелската нафта би можело да биде разорно.
Меѓу јануари и ноември минатата година, Венецуела во просек испраќала 27.000 барели дневно на овој остров, со што покривала приближно 50 отсто од нафтениот дефицит на Куба, покажуваат податоците за транспорт и документите на венецуелската државна нафтена компанија PDVSA.
Локални избори во четири општини, дел од избирачките места отворени задоцнето
Во општините Гостивар, Маврово - Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска (11 јануари) се одржуваат повторени избори за градоначалник откако на првиот круг на локалните избори на 19 октомври лани, не беше постигната законската излезност од најмалку една третина (33,33 проценти) од запишаните гласачи, што е услов изборите да се сметаат за успешни.
Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека до 09 часот, одзивот изнесува 1,12%.
Гласањето почна во 7:00 часот, а избирачките места се затвораат во 19:00 часот.
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска на прес конференција информираше дека на избирачките места кои се отворени навреме утрово, гласањето тече непречено, без поголеми тешкотии.
Поради временските прилики со задоцнување се отворени неколку избирачки места, а избирачкото место 0782 во Ќафа, Општина Гостивар не е воопшто отворено.
„Како што е познато, според Изборниот законик, онаму каде што гласањето е прекинато и прекинот трае еден до три часа, гласањето ќе се продолжи колку што траел прекинот. Избирачкото место 0782 во Ќафа не е отворено и засега таму гласањето не се одвива. Ќе видиме што ќе се случува во текот на денот“, изјави Тодоровска Алексовска.
Услов за да бидат успешни изборите, беше на гласање да излезат најмалку една третина или 33,33% од запишаните граѓани во Избирачкиот список. Но, тој услов не беше исполнет на локалните избори на 19 октомври 2025 година во овие четири општини.
Во Гостивар одзивот беше 33,31 процент, во Врапчиште – 25,18 проценти, во Маврово и Ростуше – 30,31 процент и во Центар Жупа – 21,49 проценти.
За разлика од првите избори, изборните правила велат дека на повторените избори на 11 јануари нема да има потреба од цензус, односно од излезност на најмалку една третина од запишаните граѓани.
Вчера во овие општини гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете