Достапни линкови

Трамп ги предупреди владетелите на Венецуела да „соработуваат“ или ќе платат „многу висока цена“


Американскиот претседател Доналд Трамп, директорот на ЦИА Џон Ратклиф (во средината) и министерот за одбрана Пит Хегсет го следат американскиот напад врз Венецуела
Американскиот претседател Доналд Трамп, директорот на ЦИА Џон Ратклиф (во средината) и министерот за одбрана Пит Хегсет го следат американскиот напад врз Венецуела

Со соборениот венецуелски лидер Николас Мадуро во американски затвор, претседателот Доналд Трамп ги предупреди авторитарните владетели на јужноамериканската земја дека ќе „платат многу голема цена“ ако не „соработуваат“ со Вашингтон, дури и во услови на глобална загриженост поради американскиот воен напад.

Трамп, во интервју објавено на 4 јануари во „Атлантик“, ја предупреди вршителката на должноста претседателка на Венецуела, Делси Родригез дека „ако не го стори она што е исправно, ќе плати многу голема цена, веројатно поголема од Мадуро“.

Левичарката Родригез, која беше потпретседателка на Мадуро пред да биде именувана за вршител на должноста претседател на 4 јануари, ја нарече акцијата на САД кршење на Повелбата на ОН и вети дека „никогаш повеќе нема да бидеме робови“.

Мадуро на 4 јануари пристигна во американски затвор откако беше транспортиран во Њујорк по неговото заробување од страна на американските сили во нападот што беше осуден од Иран, Русија и други сојузници на јужноамериканската земја, но поздравен од Венецуелците што живеат во егзил.

Видео објавено од „Фокс њуз“ на социјалните медиуми го покажа 63-годишниот Мадуро како е придружуван од федерални агенти и им кажува на новинарите: „Добра ноќ, среќна Нова Година“.

Тој и неговата сопруга - која исто така беше заробена во рацијата - треба да се појават во суд на 5 јануари за да се соочат со обвиненија за дрога.

На прес-конференција, Трамп ја поздрави воената операција во Венецуела, но не даде детали за акцијата. Висок американски генерал рече дека 150 американски авиони биле вклучени во нападот по месеци подготовки.

Бројот на жртви не беше откриен. Трамп рече дека некои американски војници се повредени, но се добро. Во меѓувреме, Куба соопшти дека 32 припадници на нејзините безбедносни сили биле убиени во Венецуела за време на американскиот напад.

САД ќе ја „управуваат“ Венецуела

Трамп предизвика загриженост кога рече дека САД привремено ќе ја „управуваат“ јужноамериканската земја „додека да може да направиме безбедна, правилна и разумна транзиција“.

Не беше веднаш јасно што мислеше Трамп со тоа што САД ќе ја „управуваат“ земјата. Тој им рече на новинарите дека „назначува луѓе“ од неговиот кабинет да бидат задолжени во Венецуела, без да даде детали.

Претставници на американската администрација - вклучувајќи го и државниот секретар Марко Рубио - не понудија појаснувања кога беа притиснати за време на телевизиските вести на 4 јануари во врска со планот на Трамп.

Родригез се помири

Врховниот суд на Венецуела нареди Родригез да ја преземе улогата на вршител на должноста претседател на левичарската влада.

Трамп првично изрази поддршка за Родригез, велејќи дека „таа е во суштина подготвена да го стори она што ние сметаме дека е потребно за да ја направиме Венецуела повторно голема“.

Родигез - која е поддржана од венецуелската војска - прво се појави пркосна, нарекувајќи го Мадуро „единствениот претседател“ на земјата и етикетирајќи го американскиот напад како „ужасна дамка“ на односите.

Откако Трамп сигнализираше дека е подготвен да спроведе втор бран воени акции во Венецуела доколку е потребно, се чинеше дека Родригез се помири, пишувајќи на социјалните мрежи рано на 5 јануари дека Каракас бара „избалансиран и почитувачки“ однос со Вашингтон.

„Ја покануваме американската влада да работи заедно на агенда за соработка насочена кон заеднички развој“, напиша таа.

Американските напади во Венецуела и заробувањето на Мадуро беа силно осудени од некои од сојузниците на Каракас, како и од генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој рече дека американската воена акција претставува „опасен преседан“.

Новинските агенции, цитирајќи извори, велат дека Советот за безбедност на ОН ќе се состане во 10 часот наутро на 5 јануари за да разговара за американската операција. Колумбија, поддржана од Русија и Кина, побара седница, соопштија дипломати.

Русија, Иран и други ја осудија акцијата

Москва, која одржува блиски врски со Венецуела, изјави дека е исклучително загрижена од извештаите дека Мадуро и неговата сопруга биле насилно протерани од земјата и ги повика САД да ги ослободат.

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, кој има историја на размена на закани со Трамп, напиша на X дека американските напади врз Венецуела немаат никаква врска со напорите за борба против трговијата со дрога, додавајќи дека се сомнева дали Вашингтон може „далеку да ја води Венецуела“.

Некои критичари на Кремљ го сметаат Медведев - моментално заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија - за неодговорен екстремист, додека други велат дека неговите изјави го одразуваат размислувањето на многу високи руски креатори на политики.

Иран, друг клучен сојузник на Венецуела, го осуди нападот на САД, според иранската државна телевизија Прес ТВ, велејќи дека акцијата го нарушува суверенитетот и територијалниот интегритет на Венецуела, како и Повелбата на ОН.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој неодамна го нарече Мадуро „голем пријател на Србија“, на 3 јануари изјави дека е „јасно“ дека меѓународниот правен поредок и Повелбата на ОН „не функционираат“.

„Светот е доминиран од законот на силата, законот на посилниот, и тоа е единствениот принцип на модерната политика што постои во светот денес“, изјави Вучиќ на состанокот на Советот за национална безбедност во Белград.

Во меѓувреме, прослави од страна на Венецуелците што живеат во странство по повод апсењето на Мадуро се одржаа низ градовите во Латинска Америка, Шпанија и на други места.

„Слободни сме. Сите сме среќни што диктатурата падна и што имаме слободна земја“, ја цитираше Ројтерс Хати Јањез, Венецуелка во Сантијаго, која поминала седум години во Чиле.

Во главниот град на Перу, Лима, мигрантката Милагрос Ортега, чии родители се уште се во Венецуела, рече дека се надева дека ќе се врати.

„Сознанието дека мојот татко бил жив за да го види падот на Николас Мадуро е многу емотивно. Би сакала да го видам неговото лице“, рече таа.

Претпазливост кај некои западни сојузници

Многу од сојузниците на Вашингтон, иако не изразија никаква симпатија кон Мадуро или неговиот режим, предупредија за потребата од почитување на меѓународното право.

Британскиот премиер Кир Стармер рече дека „го сметаме Мадуро за нелегитимен претседател и не пролеавме солзи за крајот на неговиот режим“, додавајќи: „Ја повторив мојата поддршка за меѓународното право утрово“.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц рече дека Мадуро „ја довел својата земја до пропаст“, но ја нарече акцијата на САД правно „сложена“.

Сепак, десничарската популистичка италијанска премиерка Џорџа Мелони - сојузник на Трамп - ја нарече акцијата на САД „легитимна“ и „одбранбена“.

Други, како што се Украина, Северна Македонија, Албанија и Косово, по нападите изјавија дека цврсто стојат зад Вашингтон и неговата најдиректна интервенција во Латинска Америка од инвазијата на Панама во 1989 година.

„Ја поздравувам објавата на Трамп дека Николас Мадуро е уапсен и ќе се соочи со правдата. Ние стоиме зад САД и венецуелскиот народ за слобода и демократија“, изјави на социјалните медиуми министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Тимчо Муцунски.

Земјите од Европската Унија, со исклучок на Унгарија, ги повикаа сите страни во Венецуела да покажат воздржаност, велејќи дека почитувањето на волјата на венецуелскиот народ е клучно за враќање на демократијата.

„Европската Унија повикува на смиреност и воздржаност од сите актери, за да се избегне ескалација и да се обезбеди мирно решение на кризата“, се вели во заедничката изјава на 26-те земји.

Воената акција на САД дојде по месеци зголемен економски и воен притисок од Вашингтон врз јужноамериканската земја, вклучително и пресретнување на венецуелски танкери за нафта и убивање десетици во напади врз бродови во близина на нејзините води за кои наводно превезувале дрога.

Вашингтон, исто така, го оспори легитимитетот на Мадуро како претседател бидејќи тој беше лично избран наследник на Уго Чавез во 2013 година, посочувајќи на последователните избори за кои опозицијата и другите рекоа дека биле наместени во негова корист.

XS
SM
MD
LG