Достапни линкови

Американската заплена на рускиот танкер ја става во фокус „флoтата во сенка“


Танкерот за нафта „Маринера“, кој претходно го носел името „Бела 1“ фотографиран на море во Сингапурскиот Теснец на 18 март 2025 година.“
Танкерот за нафта „Маринера“, кој претходно го носел името „Бела 1“ фотографиран на море во Сингапурскиот Теснец на 18 март 2025 година.“

Запленувањето на руски танкер за нафта под руско знаме од страна на САД во северниот Атлантик драстично ги зголеми влоговите во поморската блокада на Венецуела што ја спроведува Вашингтон, уривајќи ја очигледната стратегија на Кремљ за пререгистрација на бродовите од т.н. „флота во сенка“ под руско знаме, со цел да им се обезбеди заштита и, истовремено, поттикнувајќи пошироки тензии со Москва.

Според податоци на компанијата за поморска разузнавачка анализа „Виндврд“ (Windward), околу 21 брод кои пловеле без знаме, поставиле руско знаме откако САД на 10 декември во Карибите запленија танкер од таканаречената „флота во сенка“ именуван како „Скипер“.

По овој настан следуваше најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за блокада на санкционирани танкери што влегуваат и излегуваат од Венецуела, по што следуваа и други заплени на бродови од страна на САД.

Вообичаено, брод со регистрирано знаме може да биде претресен само со дозвола од државата што го издала знамето, додека брод без знаме нема таква правна заштита.

Но, и покрај предупредувањата од Москва да се повлече, хеликоптери на американската крајбрежна стража се спуштија на танкерот „Маринера“, неодамна преименуван од „Бела 1“, и ја презедоа контрола врз него.

Руското знаме не помогна

„Оваа поединечна акција се заканува да ја поткопа безбедноста и засолништето што регистрацијата или пререгистрацијата во Русија инаку би можела да ги обезбеди“, изјави Џон Берџес, виш соработник во Центарот за меѓународно право и управување при Универзитетот Тафтс, за Радио Слободна Европа на 7 јануари.

„Маринера“ го усвои руското знаме дури на 30 декември, по претходен обид на САД да извршат претрес додека бродот се приближувал до венецуелските води.

Според Берџес, тоа го направило статусот на „Маринера“ „двосмислен“, што значи дека новоусвоеното руско знаме, кое екипажот дури и го нацртал на трупот на бродот, не било од никаква корист.

„Стануваше збор за правно оправдан претрес, иако со одредени отворени прашања. Бродовите не смеат да го менуваат знамето туку така. Мора да постои суштинска причина“, рече тој.

Се чини дека Вашингтон имал сличен став.

„Бродот беше оценет како брод без државјанство откако пловеше под лажно знаме“, им изјави на новинарите портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, отфрлајќи ги протестите од руски претставници дека заплената претставува „кршење на поморското право“ или дури „пиратство“.

Проценките говорат дека големината на таканаречените „флоти во сенка“ што Русија, Иран и Венецуела ги користат за заобиколување на меѓународните санкции изнесува околу 1.000 бродови.

Нивниот број значително порасна во последниве години, бидејќи трите земји настојуваат да ја одржат продажбата на нафта, клучна за нивните државни буџети.

Овие бродови често се стари, во лоша состојба и без осигурување.

Стотици од нив се ставени на црна листа од страна на САД, Европската унија и други, што сериозно ја ограничува нивната способност за работа, но не ја запира целосно.

„Шаблон“ за „повеќе заплени“

Аналитичари од поморската индустрија веќе оценија дека американските акции против бродови без знаме, како и неодамнешните украински напади со дронови врз санкционирани бродови во Црното Море, означуваат нова ера на поостри мерки против флотата во сенка.

Заплената на „Маринера“ оди чекор понатаму.

„Американските регулатори набљудуваат. Веројатни се повеќе заплени“, изјави Мишел Бокман, виша аналитичарка за поморско разузнавање во „Виндврд“, за време на вебинар на 7 јануари.

Бокман додаде дека потегот со „Маринера“ нуди „шаблон“ за земјите од Балтичкото Море, кои се соочуваат со „заканата што темната флота ја претставува за поморската безбедност, сигурноста на пловидбата и животната средина, особено кога станува збор за лажно регистрирани бродови.

САД покажаа дека е можно да се пресретнат, запленат и процесуираат вакви танкери“.

Значајно е и тоа што, во случајот со „Маринера“, САД не дејствуваа сами.

Британското Министерство за одбрана соопшти дека Кралските воздухопловни сили обезбедиле дополнителен надзор и дополнување со гориво за воените бродови, во поддршка на американската операција.

Дипломатски последици

Британскиот министер за одбрана, Џон Хили, изјави дека на американските сили им било дозволено да ги користат нивните бази во Обединетото Кралство за мисијата, додавајќи дека таа била оправдана според меѓународното право, бидејќи „Маринера“ била дел од „руско-иранска оска за заобиколување санкции, која поттикнува тероризам, конфликти и страдања од Блискиот Исток до Украина“.

Оваа изјава не само што нуди поинаква правна аргументација, туку го истакнува и сложениот геополитички контекст на заплената.

Вашингтон со месеци води преговори со Русија, Украина и европските земји за ставање крај на војната во Украина. Најновите нацрти вклучуваат безбедносни гаранции за Киев, кои веќе беа неприфатливи за Москва.

Овие настани претставуваат уште еден удар врз престижот на Кремљ, по американската акција што заврши со приведување на клучен сојузник на Москва, сега соборениот венецуелски лидер Николас Мадуро.
Последиците допрва ќе се чувствуваат.

Не беше веднаш јасно колку руски членови на екипажот имало на бродот „Маринера“.

Руското Министерство за надворешни работи побара од САД да обезбедат „хуман и соодветен третман на руските државјани на бродот“, повикувајќи да се почитуваат нивните права и интереси, како и да не се попречува нивното што побрзо враќање во Русија.

XS
SM
MD
LG