Достапни линкови

Децата на Блерим Беџети отвориле градежна фирма, тој негира дека ќе градат згради


Блерим Беџети - графичка илустрација
Блерим Беџети - графичка илустрација

19-годинишниот Валон, син на пратеникот од ДУИ, Блерим Беџети отвори градежна компанија која не е пријавена како дел од имотот во Антикорупциска, а тој тврди дека нема да градат згради. Седиштето на компанијата е во стан во сопственост на таткото на Блерим, Беџет Беџети. ДКСК одлучи да ја истражува неговата имотна состојба.

Во време кога Финансиската полиција ја водеше предистражната постапка против Блерим Беџети за фалсификување градежна дозвола за фирма од неговото родно село Глумово за изградба на зграда во Сарај, неговите две деца, 19-годишниот Валон и 21-годишната Ељма Беџети отвориле фирма чија дејност во Централниот регистар е заведена со изградба на станбени и нестанбени згради.

Станува збор за компанијата „ВЕ-ИНВЕСТ ХОЛДИНГ ДООЕЛ СКОПЈЕ“ која е основана на 16 септември 2025 година.

Фирмата е создадена со непаричен капитал од 5.000 евра, вклучувајќи елементи од домаќинство - бор машина, плакари, брусалка, мобилен телефон, биро, клуб маса. Нивната вредност за впишување на непаричниот влог во Централниот регистар ја утврдил овластен проценител.

Седиштето на градежната фирма „ВЕ-ИНВЕСТ ХОЛДИНГ ДООЕЛ СКОПЈЕ“ се наоѓа во близина на трговскиот центар Мавровка во Чаир. Како сопственик е заведена Ељма Беџети, додека за управител на фирмата е запишано името на Валон Беџети.

Регистрација на компанијата „ВЕ-ХОЛДИНГ ДООЕЛ СКОПЈЕ“ во Централниот регистар
Регистрација на компанијата „ВЕ-ХОЛДИНГ ДООЕЛ СКОПЈЕ“ во Централниот регистар

Според имотниот лист, локацијата каде е регистрирана компанијата е стан во сопственост на Беџет Беџети, таткото на Блерим.

Но, за разлика од станот на таткото на Блерим, кој е пријавен во анкетниот лист на актуелниот пратеник, тоа не е случај и со компанијата на децата Валон и Ељма.

Во јавно достапниот анкетен лист на Блерим Беџети, како имот на деца се наведени автомобил Голф фолксфаген, произведен во 2021 година, а купен на 26 јуни 2024 година за сума од 23.000 евра, како и заштеда од плата, стекната на 27 јуни 2023 година од 2.000 евра.

Во изјава за РСЕ, пратеникот Беџети вели дека неговите деца не живеат во иста заедница и дека се возрасни луѓе, иако во анкетниот лист фигурира имот на неговите деца кои ги пријавил претходно и се јавно достапни - автомобил и заштеда.

Беџети вели дека ќе се консултира и доколку треба, ќе ја пријави компанијата во Државната комисија за спречување на корупцијата после празниците, заедно со друга измена на анкетниот лист која планирал да ја пријави.

Пратеникот негира дека Друштвото за градежништво, трговија и услуги ВЕ-ИНВЕСТ ХОЛДИНГ ДООЕЛ СКОПЈЕ влегува во бизнисот со градежништвото, но, не откри што точно ќе работи компанијата на неговите деца.

„Како родител ми кажале дека планираат нешто, сакаат да станат претприемачи, не сакаат да бидат на буџет, туку напротив. Тоа е општа клаузула (дејност) која е запишана во Централниот регистар, но, во нешто друго сакаат да се профилираат, тоа е нивно право. Ако компанијата треба да се пријави, ќе пријавам промена“, вели Беџети за РСЕ.

ДКСК оформи предмет за проверка на имот

Последната изјава за имотната состојба Блерим Беџети ја доставил до Државната комисија за спречување на корупцијата на 27 јуни 2024 година, одговорија од институцијата за РСЕ. Оттогаш, пратеникот не пријавил никаква дополнителна промена.

А според одговорот од Антикорупциска требало, бидејќи според член 85 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, „избрано или именувано лице е должно во рок од 30 дена да го пријави секое зголемување на неговиот имот, односно на имотот на член на неговото семејство што надминува износ од 20 просечни плати како и промена на интересите. Доколку тоа не го направи, предвидена глоба во износ од 300 до 500 евра.

„Ве известуваме дека ДКСК по сопствена иницијатива оформи предмет за проверка на наводот дека е основана наведената компанија и дека не е пријавена согласно членот 85 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси“, рекоа од Антикорупциска.

За разлика од антикорупционерите кои отвораат постапка за непријавен имот, од Финансиската полиција не одговараат дали во рамки на кривичната пријава против Блерим Беџети за градбата во Сарај се истражува и неговата имотна состојба.

„Сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна. Од тие причини, со цел непречно водење на кривичната постапка и успешно обезбедување на доказите неопходни за утврдување на кривичното дело и неговиот сторител, не сме во можност да откриеме информации во врска со нашето постапување во конкретни случаи“, одговорија од Управата за финансиска полиција.

Валон остана без парите за интелектуални услуги

Синот на ексградоначалникот и сегашен пратеник Блерим Беџети, 19-годишниот Валон Беџети не е непознат во македонската јавност. Неговото име стана актуелно во јуни годинава, кога коалицијата ВЛЕН објави документ дека потпишал договор со Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ за интелектуални услуги и заштита на животната средина за сума од 12.000 евра.

Тогашното раководство на Комунална хигиена на чело со Сабахудин Рустеми од ДУИ, кој подоцна беше и уапсен и за кого обвинителството неодамна поднесе обвинителен акт за загрозување на животната средина и природата со смет, тврдеше дека парите не се исплатени.

Новото раководство на Комунална хигиена на чело со директорот Драги Митковски потврди дека до исплата не дошло, бидејќи парите биле сторнирани.

„Исплатата на договорната сума на договорот со Ваљон Беџети за давање интелектуални услуги - совети за заштита на животната средина, била сторнирана на 4 март 2025 година од страна на тогашниот в.д.директор Сабахадин Рустеми. Во посочениот период бил склучен и авторски договор со уште едно лице за советување за имплементирање нови техники за заштита на животната средина, чијашто исплата исто така била сторнирана на истиот датум“, велат од Комунална хигиена.

Кривична пријава за Беџети

Неговиот татко, Блерим, Финансиската полиција го гони за имот на кој никнала зграда на пет ката. Тој и други функционери и службеници од Сарај и Град Скопје се сомничат дека издале одобрение за градба за парцела каде немало ДУП. Фирмата „Азра Идриз“, како инвеститор со дејност трговија со отпадоци, „заработила“ 1,7 милиони евра.

Како што пишуваше РСЕ, податоците од Катастар покажуваат дека најголемиот дел од становите во овој објект по имотни листови се водат на фирмата „Азра Идриз“, додека за неколку како сопственици се водат приватни лица или други фирми. Становите распоредени на пет ката, се со различни површини – од 40-тина до околу 140 квадратни метри. Зградата има и еден подземен кат односно гаражи или подрумски простории, како и мала површина од 43 квадрати која се води како дуќани.

Беџети ја оцени кривичната пријава како „политички монтирана и правно неоснована“. Според него, пријавата е дел од „организирана хајка, режирана од власта и директно од премиерот Христијан Мицкоски, со, како што посочи, јасна цел да се врши притисок врз него како пратеник за да се зголеми мнозинството“.

Блерим Беџети го доби градоначалничкиот мандат во 2021 година, но го прекина во 2024 година кога на парламентарните избори во мај беше избран за пратеник од коалицијата Европски фронт предводена од неговата матична партија ДУИ.

Како актуелен пратеник, тој има пратенички имунитет. До неодамна, Беџети беше и координатор на пратеничката група на Европскиот фронт. По локалните избори на 19 октомври и 2 ноември се повлече од координатор.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG