Достапни линкови

МОТ– чувар на огнот за театарот на иднината


Официјален плакат за овогодинешното издание на МОТ
Официјален плакат за овогодинешното издание на МОТ

Дванаесет претстави на театри од регионов и од нашата земја обединети под мотото „Ќе има утре!“ ќе бидат прикажани на 45 јубилеен Млад отворен театар што ќе се одржи од 24 ноември до 3 декември. Фестивалот ќе биде отворен со перформансот „Универзална во пламен“.

На љубителите на театарот и на македонската културна сцена во изместен термин, со двомесечно задоцнување, наместо традиционално на крајот на септември, на прекршувањето на ноември и влезот во декември, сепак ќе им се случи Млад отворен театар. И, тоа по јубилеен 45 пат како крик за нормалност во времево на светска пандемија и во услови кога многу нешта ги зеде матицата, а да се планира навистина голема интернационална манифестација стана сизифовско разврзување на јазолот.

Како и да е, во дослух со високото реноме и под мотото „Ќе има утре!“, главно онлајн и дел со физичко присуство на три сцени, на заколнатите проследувачи на МОТ и на љубопитните планирано е да им се обистинат 12 театарски проекти во 10 дена од кои три премиери на уметници од Словенија, Хрватска, Србија, Грција и од Македонија, кои неминовно не само што ќе се бават со актуелниот момент на нашето сегашно живуркање туку со идеите и концептите за иднината на овој жилав и моќен медиум во пошироки општествени рамки.

А, почетокот на 45 МОТ ќе биде со премиерата на перформансот, или ако сакате трагедијата во шест декади „Универзална во пламен“ на авторскиот тим што ја освои главната награда „ЗЛАТНА ТРИГА“ на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор минатата 2019 година.

Во случајов утревечер, на 24 ноември во 19 часот, со присуство на публика и според постоечките протоколи, Филип Јовановски, Кристина Леловац, Симона Димковска, Денис Ајдаревиќ, Бранко Атанасов, Ема Давчева, Нина Елзесер, Ненад Тонкин, Ивица Димитријевиќ – РИБ, Џано Куч... сите собрани под развиореното знаме на Факултет за работи што не се учат и МОТ, во соработка со УКИМ, односно Факултетот за драмски уметности, ќе се бават со навистина актуелна, нека биде и не само локално горлива тема.

Со перформансот ќе се обидат да најдат одговор на прашањето: Што е улогата на уметноста кога општеството дебатира? Да одговорат на дилемата или да го постават прашањето: Какво е тоа општествошто не доведе до оваа ситуација?

А, поводот е иницијативата протуркана во јавноста на 27 јули годинава, значи ден по 57 годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, со која на виделина се појави идејата дека Универзална сала би било „најдобро“, најплодотворно, најпаметно... да се руши. И, така тргна лавината за и против рушењето.

„Универзална во пламен е перформанс-есеј за Жан Кокто во прошетка низ скопските улици, за поетот што во пожарот го спасувал огнот, наместо предметите што гореле. Човекот што уживал во очајот, очајот кој станал популарен со песните на Шарл Азнавур. Ова е и есеј за Азнавур, познатна скопјани по неговата песна што требало да биде пуштена во програма на Радио Скопје утрото на 26 јули 1963 година. Ова е приказна за затворениот објект на Универзална сала, кој официјално не функционира веќе пет години. Но таа е и дел од меморијата на Универзална сала, среде сите настани во нејзината долга историја. Ова е претстава за новата солидарност, која овие времиња ја бараат: за пожарот, трагедијата и за катарзата од која треба да се роди нова солидарност како фениксот што се раѓа од пепелта, од пепелта на Грамши“ , вели Филип Јовановски.

А, актерката Кристина Леловац најнапред со прашање: Зошто не дојдете да ја гледате оваа претстава која можеби е, а можеби и не е за Универзална сала?

„Ќе дојдете за да ја спасите Универзалната сала? Не сакате таа да се руши? Не сакате да се руши Универзална за да на нејзино место биде изградена катна гаража? Не сакате да се руши Универзална за да на нејзино место бидат засадени 120 млади костени? Не сакате Универзална да се руши за да на нејзино место биде изграден прифатен центар за бездомници? Или мигранти? Или можеби сакате да го убедите општеството дека Универзалана треба да се руши? Универзална треба да се сруши за да на нејзино место се изгради првата ИКЕА во Македонија? Или Универзална треба да се руши за да на нејзино место се изгради КОВИД 19 болница? Дали Универзалната сала треба да се руши или не? Тоа и не е некое прашање сега. Вистинското прашање е КАКВО Е ТОА ОПШТЕСТВО КОЕ ЈА ИМА ОВАА ДИЛЕМА? КАКО СТАСАВМЕ ДО ТУКА И ШТО МОЖЕ ДА НЕ СПАСИ? Размилете. Не морате веднаш да одговорите. Морате само да помните. Ова се случува еднаш во животот“, категорична е Леловац која заедно со Јовановски се погрижија за развој на перформансот.

Кон нејзините зборови само уште информацијата дека „Универзална во пламен“ ќе има пет премиерни изведби кои ќе се одржат од 24 до 28 ноември.

Инаку, од Младински културен центар-Скопје, потписниците и чуварите на Млад отворен театар, велат дека годинашното јубилејно 45 издание е формула со која се обидуваат да не го прекинат континуитетот на еден од најстарите меѓународни театарски фестивали во регионот. И во минатото имало економски кризи, пандемии, војни... но МОТ неамал прекин никогаш, а ...ќе има и утре!

„Сработивме многу годинава и не сакавме да дозволиме единствено да не се случи МОТ. Не ја даваме живата уметност, не го даваме театарот и затоа оптимистички го отвораме и затвораме фестивалот со претстави во живо, бидејќи ќе има и утре! “, ќе рече Русе Арсов, во име на организацискиот тим.

Во десетте фестивалски вечери на 45 јубилејен МОТ ќе бидат прикажани дури три премиери. Покрај „Универзална во пламен - трагедија во шест декади“, тука се и перформансот „Screensaver“, развиен во рамки на програмата „Современа кореографија и танц“ на Локомотива - Центар за нови иницијативи во уметноста и културата и „Херои 4:33“, во режија на Деан Дамјановски и продукција на Театар „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“, од Велес.

Но, освен овие претстави тука се и хибридниот перформанс „Траги од Антигона“ на Ели Константину и во продукција на Ансамбл ОДЦ од Грција, „Ајхман од Ерусалим“ на Јернеј Лоренци и Загребачко казалиште младих од Хрватска, „Полковникот птица“ на Андреј Цветановски и НУ Гостиварски театар, „Три сестри и Наташа П.“ од Наташа Поплавска на Арт медиа и НОБ од Скопје, дигиталниот проект „Илузии“ на Нела Витошевиќ и ВОНДЕРЛЕНД ТЕАТАР, „Иднината е приватна“ на Милош Б. Андоновски, „Спроти нештата“ на Борис Никитин и Словенско младинско гледалиште од Љубљана , „Кожурец“ на Билјана Радиноска и АРТОПИЈА и „Лоунли пленет“ на Атеље 212 од Белград, Србија, за која концептот го потпишуваат и играат Маја Пелевиќ, Димитрије Коканов, Олга Димитријевиќ, Тања Свилар и Игор Коруга.





  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG