Достапни линкови

Драмата „Што е силеџија?“ премиерно во Театар за деца и младинци


Сцена од претставата „Што е силеџија?“
Сцена од претставата „Што е силеџија?“

„Што е силеџија?“ е насловена претставата чии автори се Горјан Милошевски и Хана Миленковска што премиерно ќе биде прикажана оваа среда, на 18 ноември во 19 часот во Театарот за деца и младинци во Скопје. Проектот се бави со коренот на врсничкото насилство и со силеџиството во општеството воопшто.

По цели осум месеци од предвидениот термин и стапувањето на мерките за превенција и заштита од вирусот Ковид-19 со што глобално во изолација како и другите уметности беше пратен и театарот , во Театар за деца и младинци во Скопје конечно ќе се случи премиерата на младинската претстава „Што е силеџија?“. Текстот за оваа драма за булингот на поширок општествен план го напишаа Горјан Милошевски и Хана Миленковска, во случајов и режисер на проектот.

Во пресрет на овој чин во своето обраќање тие забележуваат дека во претставата „Што е силеџија“, на прв план, се опфаќаат проблемите поврзани со врсничкото насилство, поточно силеџиството во едно средно училиште. Дека на втор план, всушност подлабоко вграден во самата драмска содржина, се прикажува проблемот на силеџиството во општеството како и на гневот што го носиме во себе и кој предизвикува друг гнев.

„Со оглед на околностите во кои се најдовме на глобално ниво театарските уметници се соочија со предизвикот да се најде начин, а богами и мотивација да се продолжи да се создава убавина. Од тоа произлегува и дека е неминовно да се размислува за критериумот по кој се создава, затоа што денес, кога гледачот доаѓа да гледа театар, целиот ритуал има поинаква тежима и тоа искуство мора да биде нешто важно и нешто кое ќе се памети. Во претставата "Што е силеџија" како што насловот експлицитно говори, се занимаваме со темата на врсничко насилство. Текстот е резултат на долг истражувачки процес и е развиван со фокусна група од 8 ученици од различни средни училишта во Скопје на возраст 15-19 години. Наша појдовна точка како авторски тим беше да се следи генезата на еден насилен чин без да се посочува со прст на еден виновник. Значи, самиот насилен чин се зема како едно парче од сложувалката на се' она што го детектираме како погрешно во нашето општество. Случката околу која се развива дејството е класичен пример на она што народски го нарекуваме играчка-плачка. Пет тинејџери, на покрив на училишна зграда, секон е на тоа место со различна агенда и мотивација. Во текот на претставата ги запознаваме нивните животни приказни и како и зошто стигнале баш таму во тој миг“, вели Миленковска.

Горјан Милошевски истакнува дека веќе не е доволно и не помага само да се зборува за силеџиите и нивниот чин на насилство, да се прави претстава или филм во кој гледаме како насилни индивидуи малтретираат други индивидуи. Тој потенцира дека веќе живееме во време кога сме освестени за повеќеслојноста на овој проблем.Вели дека мора да се најдат причините, настаните, луѓето кои од едно нормално дете, еден чист човек направиле силеџија. Кои се силеџиите на силеџиите? Кои се факторите за еден човек да манифестира силеџиство, прашува сценаристот.

„Што кажуваме со оваа со оваа драма и претстава? Дека силеџиите не почнуваат од нулта позиција, од нигде и никаде туку тие се продукт на општеството и цел еден сплет на околности и односи. Тие се дело на домот, училиштето и игралиштето. Токму затоа е потребен комплетен, целосно интегративен процес за превенција или спречување врсничко насилство. Најчеста, барем кај нас, најчеста е работата со насилниците, како што ги нарекуваат, односно физичките чинители на одреден чин на насилство. А, всушност потребно да се работи сос ите оние кои се причина, барем дел од другарите, родителите, барем тој основен дел што е причина тие да станат насилници. Потребно е сите тие да се вклучат во едукативните, воспитните, психолошките, рехабилиционите процеси. Што е друго важно? Ова насилство е е премногу дозволено. Премногу очи се замижани на оваа агресија и таа расте и се шири, заразна е и експанзивна како вирусов. Од училиште стигнува во високите општествени ешалони, министерствата и владатасамо што во овој случај се манифестира, се извршува врз цели народи и нации. Значи, ова не е само драма за булингот во школите, ова е драма и за булингот што го претрпуваат цели општества“, дециден е Милошевски.

Во улогите на петте средношколци во драмата „Што е силеџија?“ настапуваат актерите Никола Наковски, Петар Стојанов, Мики Анчевски, Матеа Јанковска и Ангела Димитрова кои несомнено вложија многу напор по втор пат да го исправат на сцена овој исклучителен текст и драма која со својата актуелност не допира сите. Музиката е заеднички избор на учесниците во проектот, а кореографијата е на Валентино Апостоловски.

Плакатот за „Што е силеџија?“
Плакатот за „Што е силеџија?“

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG