Достапни линкови

13. Скопје постер фестивал со глобална порака - „Цврсто, сите заедно!“


13. Скопје постер фестивал
13. Скопје постер фестивал

Плакати кои инспирираат движење за подршка на борбата со пандемијата од 75 светски дизајнери од 56 земји ќе бидат изложени на актуелното 13-то издание на Скопје постер фестивал што од 16 до 26 ноември се одржува во Младински културен центар. Мотото на манфестацијата е „Цврсто, сите заедно!“.

Јоси Лемел од Израел, Мирко Илиќ од Хрватска/САД, Кубанецот Хавиер Борбола , Адек Сапутра од Индонезија, Унгарецот Петре Поч, Италијанецот Тирсо Цезар, Кристофер Скот од Еквадор, Луис Ривера од Бразил, Американката Ерин Брајт, Роберт Јанг од Велика Британија, Јапонецот Хитоши Муира и нашите Небојша Гелевски и Лазе Трипков се само некои од 75-те светски дизајнери од 56 земји од светот чии плакати се изложени на актуелното 13-то издание на Скопје постер фестивал што од денеска, 16 ноември и во наредните 10 дена се одржува во Младински културен центар.

Идеен творец и организатор на оваа манифестација која поодамна се издигна над обичноста на повеќето културни понуди кај нас и со право се следи со нагласено внимание на уметниците ширум светот е ПЛАКАРТ.

Во случајов ПЛАКАРТ најконкретно е еден од организаторите поттикнувачи на создавањето на глобална мрежа на дизајн асоцијации и здруженија, кои имаат за цел да инспирираат движење за поддршка во борбата со пандемијата предизвикана од Ковид-19 и сите предизвици поврзани со неа. Од таму целата иницијатива се реализира во соработка со „Poster Тerritory" од Калифорнија, Чешката асоцијација за графички дизајн, Московското биенале и реномираниот дизајнер Мирко Илиќ од Њујорк - познат на нашата публика како еден од најинспиративните дизајнери и стрип уметници од бивша Југославија.

13. Скопје постер фестивал
13. Скопје постер фестивал

Оваа година ќе остане забележана како година на нови предизвици и нови состојби. Ковид-19 ни наметна општествени, социјални, економски и физички ограничувања, успеа на некој начин да ја преобликува културата, образованието и младите генерации. Некои процеси кои се започнати, остават сериозни последици, а државите ќе бидат приморани да се справуваат соодветно. дали на здравствен, емотивен или креативен план. Поради тие причини, сметав дека ние дизајнерите, можеме и мораме да бидеме будни и да дадеме свој допринесе во поттикнувањето, мотивирањето и приближувањето на состојбите. Постојат повеќе вакви индивидуални акции, но одлучив дека е најдобро да инспирираме глобалната акција и да поттикенеме дополнително движење кое ќе покрене свест, ќе го задржи вниманието, ќе го подигне духот, ќе едуцира и насочува, вели Д-р Лазе Трипков, дизајнер и еден од основачите на ПЛАКАРТ.

Тој и со појаснување дека под заедничкиот слоган „Цврсто, сите заедно!“ застанале и авторитети како Алекс Џордан кој бил дел од Грапус, Ендру Луис од Канада, Елизабет Ресник од САД, Ана Черна од Украина, Хуан Мадриз Венецуела, Хитоши Муира Јапонија, Рике Хансен од Данска, Димитри Мириленко од Русија... и дека на иницијативата до сега и се приклучиле и повеќе организации, меѓу кои и Европско-Кинеска асоцијација за култура и уметност со седиште во Брисел.

Згора на тоа не смее да се заборави дека исто на 13. Скопје постер фестивал се претставени и студентски плакати од младите автори кои го прифатија повикот на ПЛАКАРТ за приклучување кон иницијативата и заложбата и тие да го дадат својот допринос во ширењето на мисијата и гласот на уметникот.

Од друга страна, прашан за иднината на Скопје постер фестивал во едни вакви времиња, за видливоста на манифестацијата во услови на криза во региона каде културата е „монета за поткусурување“ и посебно за претстојниот убав јубилеј, Трипков со информација дека како и секој фестивал што држи до себе полека ја подготвуваат програмата за 15-то издание. Дури дека веќе знаат кои кои ќе им бидат гостите за таа пригода.

Она што ме прави посебно горд е што успеавме Скопје да го позиционираме на мапата на дизајнеркси градови од целиот свет. Останавме посветени на нашите цели, први воведовме онлајн апликација и онлајн жирирање (уште во 2007) кога сите се сомневаа дека ќе профункционира, а денес гледаме дека така функционира пола свет. Додека сите се трансформираа, ние успеавме да останеме единствен меѓународен студентски конкрус за плакат во светот! Тоа се нашите атрибути, тоа е нашата предност. Дополнително, во Македонија, преку плакатот, работилниците и предавањата, успеавме да ја подигнеме и свеста за професионализација на дизајнот и струката, како и применетата уметност. Но, поддршката на државните институции е навистина потценувачка. Нашата понуда и идеите за креирање на креативни политики и подадената рака за соработка е секогаш политизирана и злоупотребена, за жал поимот дали си „подобен„ или не, најмногу се чувствува на сметка на професионализмот и фактот дека сте повеќе почитувани надвор, отколку дома, заклучува Лазе Трипков.

Инаку, Изложбата за 13 Скопје постер фестивал е поставена во Белата галерија на МКЦ и заинтересираните следејќи ги препораките за почитување на мерките за заштита од Ковид-19 можат да ја погледнат секој ден од 10 до 20 часот почнувајќи од денеска до 26 ноември годинава.
Проектот е поддржан од Министерството за култура на Македонија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG