Достапни линкови

Спировска и Муковски со книга за процесот на конзервација и реставрација на ѕидното сликарство


Ангелина Спировска - Муковска
Ангелина Спировска - Муковска

„Методологија на конзервацијата на ѕидното сликарство“ е книгата на уметниците и конзерватори Ангелина Спировска - Муковска и Владо Муковски, што како издание на „Муза“ излезе деновиве. Според авторите, таа несомнено ќе биде од корист во заштитата на нашето национално културно богатство.

Обично големите нешта се случуваат од ентузијазмот на вистинските творци и од нивната верба дека и на мускули може да се стигне до целта. Да се заокружи заложбата која најмалку ќе биде само нивно дело, туку многу повеќе ќе биде патоказ за натамошните исчекори на оние кои допрва доаѓаат, кои ќе бидат следбеници на делото и ќе работат на натамошно отелотворување на нечиите размисли, забелешки, сугестии.

И, токму едно такво излегување од комфорната зона, потпирајќи се на помошта од Министерството за култура, но секако многу повеќе на сопствените усилби сторија уметниците и конзерватори Ангелина Спировска - Муковска и Владо Муковски кои деновиве имаат можност со гордост во своите раце да ја држат книгата „Методологија на конзервацијата на ѕидното сликарство“, чиј издавач е „Муза“ од Скопје.

Ангелина Спировска Муковска вели дека идејата за книгата постоела кај обајцата уште од поодамна. Дека, уште од самиот почеток со жар се зафатиле да ја реализираат и дека сега и покрај лошата ситуација со која сите сме засегнати му се радуваат на моментот „дека создале нешто корисно и убаво“.

Бидејќи секое ново дело е нова радост, за нас оваа книга претставува посебна радост, затоа што кај нас ретко се пишува на оваа проблематика, односно, ова е прва издадена книга во нашата земја која што конкретно се однесува и го разработува целосниот процес на конзервација и реставрација на ѕидното сликарство. Затоа, и напишавме книга каква што сме посакувале да имаме претходно. Книга која има цел да не научи, да не води и да ни помага во оваа многу специфична професија. Така, книгата ја напишавме како резултат на нашите заеднички но и различни искуства во оваа област, вели Спировска – Муковска.

Таа и со дополна дека во „Методологија на конзервацијата на ѕидното сликарство“ најнапред е направена кратка хронологија на историјата на ѕидното сликарство,за да потем читателите имаат можност да навлезат во главниот дел на делото каде се објаснети сите причини за оштетување на ѕидното сликарство, како тие се манифестираат и следствено како да се консолидираат односно кои методи и материјали потребно е да се применат.

Владо Муковски, академски сликар и советник конзерватор при Национален конзерваторски центар, истакнува дека конзервацијата пред сѐ е еден занает кој се учи и пренесува најмногу со непосредно учество во конзерваторските екипи, односно, покрај теоретското познавање најбитна е праксата ,,на лице место“.

Тој е категоричен во тврдењето дека „не смееме да дозволиме да се најдеме во ситуација каде голем дел од искусните конзерватори кои полека заминуваат во пензија и младиот кадар којшто се прима во конзерваторските центри да нема од кого да научи или да го наследи овој занаетот“. Забележува дека со самото тоа „може да дојде до прекин на континуитетот на пренесување на оваа професија, кој е од голема важност за квалитетот и развојот на конзервацијата и кој се пренесува од генерација на генерација“.

Токму во интерес на ова прашање, се решивме да го преточиме целото наше искуство во пишан збор, односно една од причините за пишување на оваа книга беше токму и пренесување на знаењето на оние коишто се занимаваат или сакаат да се занимаваат со оваа професија. Несебично ги споделивме сите специфични конзерваторски методи и материјали кои сме ги употребувале во досегашната наша пракса.

Дополнително на ова, и конзерваторското искуството во Р. Италија претставува една убава можност да се направат одредени компарации со нивниот начин на заштита на културното наследство во споредба со нашиот. Голем дел од тие искуства и компарации се кажани во оваа книга и секој читател ќе може да се запознае со современите материјали и методи кои што тие ги користат. Еден таков пример е употребата на ласерот кој се употребува и во заштитата на ѕидното сликарство, вели Муковски.

Конзерваторот и уметник и со појаснување дека во книгата конкретно се објаснати и образложени разликите помеѓу ѕидното сликарство и неговите техники како фреско,полу фреско и секо сликарство како и разликите помеѓу италијанското фреско со нашето Византиско сликарство, поими коишто секој конзерватор мора да ги познава и разликува.

Во оваа книга си дозволивме да напишеме и лични мислења и размисувања, како и да откриеме една интересна загадочна појава со која се сретнавме при еден процес на конзерваторско чистење. Со сето ова, сакавме на некој начин да ја доближиме оваа проблематика и до обичниот читател, оној кој сака да се информира, но и оној кој сака да истражува. Се надевам дека оваа книга ќе биде еден поттик и за останатите да ги споделат своите искуства и знаења во областа на конзервацијата на ѕидното сликарство, со што би се збогатила оваа професија, посочува тој.

Ангелина Спировска – Муковска кон ова и со изјава дека со објавата на книгата „сакале да го актуелизираат прашањето за опстојбата на професијата“.

Со самата информација за објавата на оваа книга сакаме и да го актуелизираме прашањето за оваа професија, која не треба да згаснува, туку напротив, како изминуваат годините се повеќе да се осовременува и надоградува, па така сакаме да ги охрабриме сите професионалци, но и останатите луѓе, на свој начин да помогнат во заштитата на културното наследство. Свесноста за можното негово пропаѓање треба да побуди кај секој чувство на грижа и етика, бидејќи културното наследство, како и природата ни припаѓа на сите нас, ќе рече уметницата.

Згора на ова таа и со искрено признание дека наклонетоста и посветеноста кон оваа професија ја наследила од мојот дедо, Спасе Спировски кој е еден од доајените на конзервацијата во Македонија, дека неговиот труд и заложба успеале да зачуваат голем дел од она што ние денес го имаме како наше национално културно наследство“.

Кон ова уште збор-два за авторите на „Методологија на конзервацијата на ѕидното сликарство“.

Владо Муковски е академски сликар и советник конзерватор. Од 2002 година работи во Националниот конзерваторски центар во Скопје. Во 2009 специјализира во Институтот Палацо Спинели во Фиренца во областа на конзервацијата на ѕидното сликарство и неговата методологија. Од 2010 година станува раководител на секторот за непосредна заштита, а од 2013 работи и како стручен соработник во областа на конзервацијата и реставрацијата на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Има реализирано голем број конзерваторски проекти низ целата држава.

Ангелина Спировска Муковска е академски сликар и лиценциран конзерватор за ѕидно сликарство. Во 2012 година дел од своите студии ги завршува на Институтот за уметност во Сиена (Италија), како стипендист на американската фондација Пол Гети. Во 2015 година магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Била ангажирана од повеќе конзерваторски центри во Македонија како учесник на значајни проекти од областа на заштитата. Во моментов работи на Факултетот за арт и дизајн во Скопје.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG