Достапни линкови

Славица Јанешлиева: Уметникот низ своите дела ја изложува својата душа и тело


Славица Јанешлиева
Славица Јанешлиева

Чинот на творење е индивидуална активност, секој твори на начин каков што му одговара, а дигиталното е одамна присутно и се применува, знае да каже македонската уметница Славица Јанешлиева, чија онлајн изложба „Преплетување“ се одржува до крајот на ноември.

Славица Јанешлиева е авторка која кон уметноста која ја создава пристапува со искреност. Таа е дел од нејзината интима, од нејзината лична архива, од фамилијарните наративи, од нејзиниот микро космос чија аналогија или контекстуализација не останува само и единствено во рамки на интимното, туку станува и концепт кој се овоплотува во општественото милје, кој допира социјално-политички аспекти, историја, филозофија, метафизика. Нејзина алатка е линијата, нејзин медиум е графиката и оние сродни на неа, иако и мултимедијалноста воопшто не и е далечна, а елементот на женскоста, или феминистичката перспектива е присутна постојано или во постојаното „дружење“ со традиционалните мантрични занаети на шиење, плетење, кроење, везење... или во повеќеслојното феминистичко толкување на наративите кои ги применува. Најновите цртежи, колажи, фото (дигитални) колажи на Јанешлиева се исто така одблесоци или рефлексии на периодот и моментот кој го живее сега... Финалниот резултат е едно одлично осмислено и реализирано уметничко дело кое е повеќеслојно, повеќезначно, повеќемедијално, но пред сѐ искрено, впечатливо и длабоко.

Ова во својот подолг текст „Плетењата и како концепт и како модус“ а посветен на актуелниот проект, онлајн изложбата „Преплетувања“ ќе го запише Ана Франговска, историчар на уметност.

Кон него и чисто како збогатување на разговорот во продолжение уште благо посегање по фактографијата.

Родена 1973 година, Славица Јанешлиева е визуелна уметница со изразен мултимедијален и интермедијален пристап. По образование е графичар, но нејзиниот препознатлив исказ и исклучителна дарба за визуелна нарација ги пренесува преку различни медиуми: графика, објект, уметничка инсталација, цртеж, фотографија, видео, уметничка книга итн. Нејзините дела се изложувани на жирирани и курирани национални и меѓународни изложби низ целиот свет (28 самостојни изложби и над 270 групни поставки). Добитник е на повеќе меѓународни и национални награди и признанија, а дел од нејзиното творештво збогатува значајни колекции во земјава и во странство. Живее и работи во Скопје, како редовен професор на Катедра по графика на Факултетот за ликовни уметности (УКИМ).

Колку сега и овде, во неможност поинаку и само во виртуелниот простор, и беше потребна изложбата „Преплетувања“ на уметницата Славица Јанешлиева?

-„Преплетувања“ е изложба која се надоврзува на мојата последна еднодневна изложба во нестандарден-несекојдневен простор насловена „Од градот“ (ноември 2019). Темите кои ги обработувам во двете изложби ме преокупираат последниве три години и непрекинато работам на истражување и разработка на истите, со цел што појасно визуелно да ја доловам мојата идеја и да предизвикам емоција.

Првичната замисла беше изложбата да се да се реализира во галеријата „Акантус“, која сосема одговараше на концептот за неколку помали простории и галериски простор со „интимна“ историја. Но, за жал (верувам за сите) оваа изложбена галерија во меѓувреме се затвори, а истовремено и ситуацијата со Ковид 19 непрестајно осцилираше... Периодов кој го живееме, со минимална социјализација, со секојдневна и масовна употреба на виртуелната комуникација, неминовно остава трага во нашите животи и секојдневно функционирање. Поставувајќи си многубројни прашања про и контра вистинска или виртуелна изложба, а со потреба да го прикажам и споделам она што сум го создала... одлучив дека треба да го одбележам периодот токму таков каков што е, живот на дистанца и со многу виртуелни информации достапни на било каков екран.

Зошто „Преплетувања“? На што се фокусира самиот наслов на поставката и колку тој говори за разоткривањето на авторката, за нејзиниот пристап кон концептот, за кој ќе биде забележано дека допира и „социјално/политички аспекти, историја, филозофија, метафизика“?

-Преплетување на уметноста и животот, на личното и општото, на интимното и јавното, на единката и семејството/опкружувањето/градот/општеството... преплетување на симболите и метафорите со размислувањата, сеќавањата, доживувањата и емоциите... преплетување на книжевноста и ликовната уметност... преплетување на начините на раскажувањето (текст/визуелно)...

Изложбата „Преплетување“ не опстојува независно од моето досегашно творештво. Таа е надоврзување на се досега реализирано, но овој пат како медиум го употребувам цртежот и колажот, вклучувајќи го тука и дигиталниот фото-колаж од мои лични фотографии. Како што во разни кутии, тегли, фиоки... полнам мои и туѓи сеќавања и спомени, сведочења за постоењето на личности, места и емоции... така и во моето творештво ја архивирам меморијата, и сакам да верувам дека на мој специфичен начин, ги испреплетувам - како да ткаам нова ткаенина од разни конци и создавам тродимензионален албум на доживувања, размислувања, сеќавања... кои не се секогаш само лични.

Ана Франговска, историчарка на уметност и во случајов кураторка, потенцира дека вашите цртежите, колажите се „исто така одблесоци или рефлексии на периодот и моментот кој го живееме сега... Финалниот резултат е, како што вели, едно одлично осмислено и реализирано уметничко дело кое е повеќеслојно, повеќезначно, повеќемедијално, но пред сѐ искрено, впечатливо и длабоко“. Се колнете ли во искреноста и во вакви лажовни времиња, во периоди кога здушно се потрудивме да ги урнисаме сите вредности?

-Ја замолив Ана Франговска да го напише текстот за изложбата. Одамна професионално соработуваме, а воедно сме и пријателки. Оттука, таа мошне добро ги знае и препознава моите интимни моменти и размислувања прикажани во делата. Но и да не ме познавате како личност, оваа констатација (искреноста) е точна. Дали се впечатливи и длабоки, ќе покаже времето. Поривот за творење е внатрешна и интуитивна потреба, а крајната цел е да се создадат дела кои ќе опстојат и ќе поттикнат емоции и размислувања и кај идните генерации, како што за мене тоа го сториле делата на уметничките претходници. Уметноста покрај потреба за комуникација, во битот мислам дека е потреба од незаборав, од бесмртност и вечност. Вистинските вредности сеуште постојат, само ретки се оние кои ги негуваат.

Колку држи и забелешката дека ова е „еден вид личен визуелен дневник кој треба да го извади од конфорната зона набљудувачот и да го натера на размисла за себе и светот што го опкружува“?

-Делата прикажани во „Преплетување“ се резултат на активно посматрање, забележување, трагање, наоѓање, фотографирање, читање... градење на асоцијации, деноноќно цртање и „плетење“ на приказни за она што го чувствуваме, но тешко го опишуваме. Да бидам поексплицитна, дел од цртежите се посветени на болката, а другите на трансформацијата и меѓупросторот. Тие се навистина интимни искрени исповеди.

Да. Сакам да предизвикам реакција, да опфатам што повеќе сетила и да не го оставам набљудувачот рамнодушен. Тоа ми е многу битно. Симболите со кои ја градам визуелната приказна се многу асоцијативни и без разлика дали точно ќе се разбере мојата намера, мислам дека секој препознавајќи ги, добива порив да си создаде своја приказна.

Дел од инспирацијата црпам од книжевноста. Книгите за мене секогаш биле секојдневие. Не како украс на полицата, туку од почетокот на моите сеќавања насекаде во домот. Слично како што вели Шелева во „Клучот на мојот Дом“: „Кај мене дома, книгите се наоѓаат на некои чудни места и пополека самите си го пробиваат патот: седат на фотелја, си ручаат на маса, се трупаат покрај креветот во спална.“. Тие ми се извор за асоцијации за визуелни претстави, за ментални слики. Додека читам подвлекувам, запишувам или ги виткам аглите на страниците, запишувам и цртам во тетратка, за подоцна да се потсетам. А временската дистанца обично ми помага да ги акцентирам најважните согледувања за метафори, за начини на пренесување на чувство, за асоцијации за животот, за смртта, за физичките и психички состојби на човекот, за општеството... за времето, местата, личностите... за испрекинатиот синџир на времето и неговата цикличност.

Ова е специјално подготвена онлајн изложба што ќе може да се види до крајот на ноември. Сметате ли дека околностите водат по оваа патека и дека тешко ќе се вратиме на еднаш востановената практика поставките да бидат соборен празник на уметноста и можност таа да се густира со сите сетила, со публика која ќе му се радува на таквиот чин загатнат во осамата на атељето на уметникот?

- „Преплетување“ нема да опстои само во виртуелен облик. Веќе напоменав дека е продолжување на изложбата од 2019, а јас сеуште чувствувам извесна недореченост, па дури и веќе работам на нови цртежи. Ќе има надоврзување, односно продолжение.

Животот во време на пандемија, не соочи со многу аспекти, кои ги сметавме за загарантирани. Овој период ќе помине... нешто ќе научиме, а нешто ќе заборавиме... Но секако изложби ќе има, а можеби публиката тогаш повеќе ќе се радува на нив. Мене секако ми недостасуваат. Верувам во енергијата на уметничкото дело, односно верувам дека уметникот низ своите дела ја изложува својата душа и тело, а тоа може да се почуствува само кога вистински го доживувате делото... со сите сетила. Нели сме ние енергија?!

Ќе смени ли сето ова нешто во чинот на творење и споделување на уметноста?

-Многу светски музеи и галерии направија виртуелни тури од своите поставки. На тој начин ни понудија на нас „зависниците“ од ликовна/визуелна уметност да бидеме присутни во простори кои во периодов ни се недостапни. Меѓутоа ова е само една можност за да се види уметничко дело, да се дознае повеќе за истото или за авторот/ката, да се биде во тек со случувањата. И нашите институции се потрудија низ различни виртуелно достапни активности да привлечат гледаност.

Во Македонија, ликовните/визуелните уметници се одамна присутни во виртуелниот простор (генерално на бесплатни или платформи кои бараат скромен буџет), речиси и да нема уметник што нема своја веб страница или блог, а многу се присутни и на социјалните мрежи. Но колку кај нас има публика што е заинтересирана за вистинска уметност? Јас имав своја веб страница уште од крајот на 90-те, тоа беше проект на Центарот за современи уметности, а секој уметник сам си ја хранеше и организираше својата веб страна. Потоа оваа можност се укина... па творештвото и активностите од тогаш ми се видливи на блог. Но блогот не ми пружа доволно можности за професионална видливост. Моето искуство со виртуелната изложба и соработка со професионалци (Унет) е многу позитивно. Можностите се бескрајни... а шансата изложбата да се погледне од било кое место со интернет конекција во светот е фантастично. За десет дена „Преплетување“ има 690 прегледи, од 353 различни корисници (270 од Македонија, а останатите од Америка, Хрватска, Швајцарија, Австрија, Белгија, Германија, Данска, Англија, Холандија, Словенија, Австралија, Босна и Херцеговина, Франција, Унгарија, Луксембург, Норвешка, Пакистан, Србија, и Шведска). Сепак уметноста не треба да опстојува само на локацијата каде е создадена и треба да се искористат сите расположливи можности за нејзина видливост и комуникација.

Чинот на творење е индивидуална активност, секој твори на начин каков што му одговара, а дигиталното е одамна присутно и се применува. Не верувам дека текот на творењето ќе се промени заради пандемијата, но секако има ќе има тематски осврнувања... текот на творењето и така постојано се менува.

Конечно, како и каде натаму во творештвото ќе се упати Славица Јанешлиева? Како ќе се обиде да ги стивне и совлада идните авторски провокации и творечки предизвици?

-Имам големи амбиции. Се обидувам да ги остварам. Имам богат творечки опус. Би било фантастично кога кај нас би функционирал културниот менаџмент, кога би имало многу вистински љубители на уметност и кога ликовната уметност би имала вистинска/реална пазарна вредност. А кога јас би се бавела само со творештво.

Погоре веќе споменав дека планирам „Преплетување“ да доживее продолжување (можеби уште следната година), а во тек се и неколку групни тематски претставувања, како и уште неколку (на многу интересни теми и простори) кои се во план за следната година. Искрено се надевам дека моите авторски провокации, творечки предизвици и ентузијазам нема да стивнат и дека ќе се видиме следната година на изложба, со чаша вино во раката и без маска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG