Достапни линкови

Власта и опозицијата на „11 Октомври“ со пораки за изградба на европска иднина


 Спомен Костурница во Куманово.
Спомен Костурница во Куманово.

За власта битката на сегашните генерации е да се обезбеди развиена, безбедна и силно меѓународно интегрирана држава во која младите имаат проспертетна иднина. За опозицијата народот повторно е обесправен и се тргува со темелот на македонската држава, која треба да се врати на европската иднина.

Благодарение на жртвата и напорите на огромен број генерации денес Северна Македонија е меѓународно призната држава со сопствена армија, со државна валута и сите постулати на државност, а нејзиното место во ОН е кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и идентитет. Ова го порача премиерот Зоран Заев во обраќањето на централната прослава пред Спомен костурницата во Куманово по повод 11 Октомври- Денот на народното востание.

Одбележувањето на ваквите денови, рече тој, е најсилниот потсетник за вредностите кои не смејат да бидат заборавени, но и за патот по кој треба да се продолжи, а тоа според Заев, е европскиот пат, патот на демократските вредности.

„Нашиот повик и борбата на сегашните генерации е да обезбедиме развиена, безбедна и силно меѓународно интегрирана држава во која младите имаат проспертетна иднина. Токму затоа ги постигнавме договорите. Токму затоа ги постигнавме договорот од Преспа со Грција и договорот со Бугарија, со кој Северна Македонија направи пробив на меѓународен план. Сето ова се реализираше низ полноправното члелснтво во НАТО и со утврдувањето на почеток за преговори со ЕУ, како и низ градењето партнерски однос со нашите соседи“, рече Заев.

Светот, рече меѓу другото премиерот Заев, го очекува неизвесна есен со пандемијата на коронавирус во која се очекуваат многу предизвици. Но, според него, со предизвиците ќе се справиме само ако се почитуваат мерките.

„Токму затоа од ова место на непокор и стремеж за слобода, сакам да испратам порака дека ова е нашата биткаи денес имаме невидлив непријатил со кого очекувам да се избориме заедно- институциите и граѓаните“, рече Заев.

КВИЗ: Знаеш ли зошто празнуваме денеска?

За разлика од него лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски имаше поинаква честитика за празникот. Тој порача дека македонскиот народ застанал на вистинската страна на историјата, се спротивставил против теророт и застанал на страната на правдата, човечноста и слободата. Но, според него, народот повторно е обесправен, а се тргува и со темелот на македонската држава и борбата на оние кои ја донеле слободата и дале жртва борејќи се против неправдата.

„Денеска гледаме откажување и продажба на македонските национални и државни вредности додека врз народот се врши невидена тортура и реваншизам. Неправдите, сиромаштијата и криминалот се секојдневие во Македонија. Токму затоа денес повторно е неопходно да застанеме против неправдите и да се избориме против злото за да ја вратиме Македонија на вистинскиот пат, градејќи светла и сигурна европска иднина. Сите граѓани во Македонија го живееме истото секојдневие и затоа на 11 Октомври да се потсетиме на жртвата кои ја дадоа македонските херои и да го продолжиме нивниот идеал, да се избориме за правдата и за доброто на државата и идните генерации. Патот до слободата е вечен, а тој пат го оди и нашата генерација“, стои во честитката на Мицкоски.

Празникот го честиташе и претседателот Стево Пендаровски кој истакна дека карактерот на еден народ се цени според неговото однесување во пресвртни историски периоди. Во народноослободителниот фронт, посочува претседателот, биле обединети мажи и жени од различна етничка, верска, социјална и идеолошка позадина и сите заедно се избориле за слободна македонска држава што подеднакво ќе им припаѓа на сите нејзини граѓани.

„И денес, во вонредни услови поради пандемијата, 11 Октомври го празнуваме со чувство на одговорност и огромна благодарност. Благодарни сме на хероите за нивната жртва, но, имаме и одговорност да продолжиме да ја градиме Република Северна Македонија според концептот што тие ни го оставија во аманет. Бидејќи, чувањето на слободата е важно еднакво колку и самиот чин на ослободување. Почитувани граѓани, тогаш поразен, фашизмот, за жал, се уште не е целосно искоренет. Оваа идеологија што ги исклучува различните, останува да биде најголемиот непријател на слободата на народот и вроденото достоинство на човекот. И денес треба да се бориме, секој поединец, независно од неговата припадност, да биде безбеден и почитуван. Затоа што еднакво вредни делови на нашата човечност не се само нашите сличности, туку и нашите разлики“, стои во пораката на Пендаровски.

Антифашизмот, посочува претседателот, е цивилизациска придобивка, но, антифашистички се и темелите на македонската држава.

„Како наследници на славната воена генерација, но, денес и како дел од НАТО алијансата со јасна европска перспектива, имаме одговорност да се спротивставиме на растечкиот расизам, дискриминација и неофашизам. А тоа се прави само на еден начин: со градење на демократска држава, во која граѓаните се еднакви пред законот, и нема недопирливи за правдата. Затоа е нужно, час поскоро, да се помириме и обединиме во изградбата на солидарно општество во кое ќе се почитува правото на достоинствен живот на секој македонски граѓанин. Со тоа ќе го дадеме нашиот придонес кон прогресивното, глобално движење за човекови права и слободи, за социјална правда и еднаквост“, порачува Пендаровски.

Под слоганот „Честит 11 Октомври! Секогаш слободни!“ денеска во државата со повеќе свечености се одбележува празникот. Свеченостите се во организација на Владата, а ќе се одржуваат во посебни услови согласно протоколот за одбележување државни празници на Комисијата за заштита од заразни болести односно без масовни народни собири, со минимум присутни лица и почитување на здравствените протоколи– обезбедена дистанца и заштита.

Организираното востание почна во 1941 година кога Првиот прилепски партизански одред го нападна бугарскиот полициски участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG