Достапни линкови

Вести

Мицкоски: Народот обесправен, се тргува со темелот на државата

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во честитката по повод 11 Октомври, Денот на народното востание порача дека македонскиот народ застанал на вистинската страна на историјата, се спротивставил против теророт и застанал на страната на правдата, човечноста и слободата. За жал, според него, денеска народот повторно е обесправен, а се тргува и со темелот на македонската држава и борбата на оние кои ја донеле слободата и дале жртва борејќи се против неправдата.

„Денеска гледаме откажување и продажба на македонските национални и државни вредности додека врз народот се врши невидена тортура и реваншизам. Неправдите, сиромаштијата и криминалот се секојдневие во Македонија. Токму затоа денес повторно е неопходно да застанеме против неправдите и да се избориме против злото за да ја вратиме Македонија на вистинскиот пат, градејќи светла и сигурна европска иднина. Сите граѓани во Македонија го живееме истото секојдневие и затоа на 11 Октомври да се потсетиме на жртвата кои ја дадоа македонските херои и да го продолжиме нивниот идеал, да се избориме за правдата и за доброто на државата и идните генерации. Патот до слободата е вечен, а тој пат го оди и нашата генерација“, стои во честитката на Мицкоски.

види ги сите денешни вести

Од грчкиот осуден радикален левичар Куфодинас е побарано да го прекине штрајкот со глад

Во Грција роднините на жртвите на Димитрис Куфодинас, радикален левичар кој веќе 52 дена штрајкува со глад, го повикаа да го прекине штрајкот

Во Грција роднините на жртвите на Димитрис Куфодинас, радикален левичар кој издржува доживотна казна и веќе 52 дена штрајкува со глад, го повикаа да го прекине штрајкот. „Неговата смрт нема да ги врати нашите најблиски“, рекоа семејствата на жртвите на екстремно левичарската група 17 ноември. Се проценува дека оваа организација е одговорна за смрт на 23 лица.
Нејзиниот лидер 63 годишниот Куфодинас е во затвор повеќе од 18 години. Тој е осуден на доживотен затвор за убиство на 11 лица, вклучувајќи го и десничарскиот пратеник Павлос Бакојанис, татко на сегашниот градоначалник на Атина, Костас Бајоканис. Куфодинас започна штрајк со глад на почетокот на јануари во затворот во Домокос, во централна Грција. Осудениот бара да биде префрлен во Атина поради семејни посети.

Атина: Доживотна казна затвор за водачите на 17-ти ноември


Тој е во болница 24 дена и неговата здравствена состојба е значително влошена, соопштија лекарите. Сепак, владиниот портпарол Аристотел Пелони оцени дека Куфодинас бара привилегиран третман и се обидува да ги уценува властите. Во последните неколку недели во Грција се одржуваа митинзи за солидарност на Куфодинас. Вчера во Атина се собраа меѓу 2.000 и 3.000 луѓе да побараат исполнување на барањата на затворениците.

Закажани продолженија на четири собраниски седници

Собрание на Република Северна Македонија

Во Собранието по скоро еден месец денеска треба да се одржат продолженија на 21, 22, 25 и 26 седница. Закажувањето на продолженијата на пленарните седници доаѓа по вчерашната координативната средба на првите луѓе на пратеничките групи и потпретседателите со собранискиот претседател Талат Џафери. На средбата присуствуваше заменик-координаторот на ДУИ Арбер Адеми. Координаторите на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците и Алтернатива, кои не одат на овие средби веќе подолго време, не присуствуваа на состанокот, но имаат неформална комуникација со Џафери за работата и активностите на Собранието.

Собранието му ја враќа на Мицкоски Иницијативата за пописот, згрешени се името на државата и на законот

По недоразбирањата кои се појавија во пратеничката група на ДУИ, по што Собранието повеќе недели не можеше да одржи нова пленарна седница заради немање на кворум, премиерот Зоран Заев изјави дека сите 62 пратеници со кои располага власта во Парламентот во наредниот период ќе доаѓаат на работа. Претходно и лидерот на ДУИ Али Ахмети кажа дека проблемите се надминати на претседателството на партијата. На дневен ред на 21-та седница се Предлог – законите за дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, по скратена постапка, за изменување на Законот за поштенските услуги и за дополнување на Законот за заштита на населението од Заразни болести, двата во прво читање. На 22-та седница пак се Предлог на законите за остварување на јавниот интерес во културата во прво читање и Предлог на Деловникот за дополнувања на Деловникот, поднесен од собранискиот спикер Талат Џафери. Пратениците на 25-та седница ќе ги расправаат по Предлог на законот за задолжување со заем кај Европската банка за обнова и развој за реализирање на „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“.

Неоправдани отсуства на функционерите на собраниските седници

На оваа седница се и Предлог – законите за изменување и дополнување на Законот за Македонската банка за поддршка на развојот по скратена постапка, како и измените и дополнувањата на Законот за државјанството на Република Македонија, по скратена постапка во второ читање. На дневен ред на 26 седница се четири предлог закони за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, за дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и за контрола на опојни дроги и психотропни сусптанци. Последен пат пленарна седница имаше на 3 февруари.

Ердоган ќе објави акционен план за човековите права

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска, како што претходно најави, треба објави акционен план за човековите права како дел од реформите што ќе се фокусираат врз слободите, правото на безбедност и правично судење и слободата на говорот. Ердоган тврди дека акциониот план за човекови права е подготвен „во согласност со очекувањата на сите сегменти во општеството“. Тој најави и пакет економски реформи кој, според него, „ќе ја демонстрира желбата на владата за економски раст на Турција“.

Ципрас - Ако не постоеше Договорот од Преспа, денес Турција ќе беше и на нашата северна граница

Владеењето на правото и практиките за човекови права во Турција заедно со нејзината демократија се под удар особено од 2013 година со растечките овластувања на Ердоган, што доведе до промена на парламентарниот систем во претседателски. Оттука и економијата на Турција се влоши. Ветувањето за економски реформи на тој начин има за цел привлекување странски инвестиции и стабилизирање на турската валута.

Србија денеска ќе ѝ даде 10.000 дози вакцина на БиХ

Српскиот претседател Александар Вучиќ и претседателот на босанското трипартитно претседателство, Милорад Додик на церемонијата на устоличување за новиот патријарх на Српската православна црква Порфирије во Белград, 19 февруари 2021 година

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска ќе го предаде контингентот на вакцини на компанијата АстраЗенека, што Република Србија ѝ ги дава на Босна и Херцеговина. Според кабинетот на Вучиќ, тој на меѓународниот аеродром во Сараево ќе биде пречекан од претседателот и членовите на претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ.

Пристигна втората пратка вакцини отстапени од Србија

Вучиќ претходно најави дека на Босна и Херцеговина ќе ѝ бидат дадени 10.000 дози од вакцината „АстраЗенека“, што ги набави Србија.

Курти: дијалогот со Белград не е ни прв ни втор приоритет

Претседателот на Движењето Самоопределување Албин Курти

Претседателот на Движењето Самоопределување Албин Курти изјави дека дијалогот со Србија не може да биде прв или втор приоритет на владата. По состанокот со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина Мирослав Лајчак, Курти рече дека не ја негира важноста на дијалогот со Србија, но дека тој треба да биде добро подготвен и искрен. „Уште еднаш објаснив вдека победивме на овие избори со нашата програма за правда и вработување, дека сме во услови на пандемија ковид-19 и оти не сме против дијалог, но сакаме тој да биде принципиелен и добро подготвен“, рече Курти.

Вучиќ: очекуваме концентриран притисок од ЕУ и САД околу Косово


Запрашан дали дијалогот со Србија ќе биде прв приоритет кога тој е на чело на косовската влада. „Не може да биде прв или втор приоритет, бидејќи тоа се правдата и вработувањето. Не ја негирам важноста на дијалогот - исто така за ЕУ, Косово и Србија и регионот, но најважно е овој дијалог да биде добар подготвен“, рече Курти.Тој рече дека за време на состанокот немало дискусија за мапата на ЕУ на која Косово е прикажано како дел од Србија. Лајчак денеска ќе се сретне со вршителот на должноста претседател Вјоса Османи.

СЗО: нереално да се очекува пандемијата да запре до крајот на годината

СЗО работи на подобро разбирање зошто е зголемен бројот на пациенти и сите индикации се дека главната причина е олеснување на меркитe.

Директорот на Светската здравствена организација СЗО, Тедрос Аданом Гебрејезус изјави дека е жално што помладите и поздрави луѓе во некои богати земји се вакцинираат пред ранливите здравствени работници во земјите во развој. Тој рече дека, благодарение на напорите на програмата КОВАКС, вакцинирањето започнало во Гана и Брегот на Слоновата Коска, но жали што за тоа поминале три месеци по почетокот на имунизацијата во некои други земји како Британија, САД и Канада.

Џонсон оптимист дека ковид ограничувањата ќе завршат до 21 јуни

Гебрејезус додаде дека за прв пат во седум недели, бројот на случаи на ковид-19 ширум светот се зголеми минатата недела, што е разочарувачко, но не изненадува. СЗО работи на подобро разбирање зошто е зголемен бројот на пациенти и сите индикации се дека главната причина е олеснување на мерките, рече тој. Високиот службеник за итни случаи на СЗО, Мајкл Рајан, рече дека е премногу рано и нереално да се очекува пандемијата да запре до крајот на годината, но дека ефективните вакцини секако ќе придонесат за намалување на бројот на хоспитализирани и мртви.

Времето денеска: претежно сончево

Ќе биде претежно сончево, околу пладне со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието на места засилен северен ветер. Дневната температура ќе биде од 6 до 16 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 13 степени.

Над 300 номинации за Нобелова награда за мир

Илустрација

За овогодинешната Нобеловата награда за мир пристигнале 329 номинации од кои 234 се лица, а 95 се организации. Организацијата со седиште во Осло соопшти дека тоа е трет најголем број кандидати досега. Рекордот од 376 кандидати беше постигнат во 2016 година.

„Тоа одразува голем меѓународен интерес за Нобеловата награда за мир. Веројатно, исто така, тоа одразува дека има голем број нерешени конфликти, војни и проблеми со човековите права низ целиот свет“, рече секретарот на Нобеловиот комитет на Норвешка, Олав Нјоелштад.

Комитетот не открива кој е номиниран. Но, оние кои ги поднеле номинациите, кои се движат од политичари до поранешни победници, ако сакаат може да ги откријат.

Меѓу номинираните во 2021 година се наоѓаат рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, белорускиот опозициски лидер Свјатлана Циханускаја, шведската активистка Грета Тунберг и активистот за права во САД, Стејси Абрамс. На списокот се наоѓа и поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, неговиот зет, Џаред Кушнер и заменикот на Кушнер во Белата куќа, Ави Берковиц за нивните улоги во договорот за посредување за нормализирање на односите меѓу Израел и неколку арапски земји.

Номинираните организации ги вклучуваат Светска здравствена организација, Меѓународна мрежа за проверка на фактите, како и Репортери без граници и Комитетот за заштита на новинарите. Лауреатот за 2021 година ќе биде објавен во октомври. Лани наградата ја доби Светската програма за храна.

Радев бара мерки за заштита за Бугарите во Македонија

Бугарскиот претседател Румен Радев

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска побарал од специјалните служби да се се преземат навремени мерки за адекватна заштита на правата на бугарските граѓани надвор од земјата, кои се изложени на напади поради нивната национална самосвест.

Поводот на средбата на Радев со шефовите на бугарските специјални служби било писмото до неговиот кабинет од Културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола, како и сигнали и од други граѓани на Северна Македонија кои се соочувале со, како што се наведува во соопштението, зачестени појави на повреда на нивните права поради фактот што се определуваат како етнички Бугари.

На средбата, според соопштението, бил разгледан и случајот во Струмица, со нападнатите граѓани кои се определуваат како Бугари.

Министерството за надворешни работи на земјата соопшти дека бугарскиот амбасадор во Скопје, Ангел Ангелов и специјалниот претставник на македонската Влада за Бугарија, Владо Бучковски разговарале за актуелната соработка меѓу двете земји. Најголем акцент на средбата бил ставен на врските во областа на медиумите, образованието, културата, здравствената заштита и инфраструктурните проекти.

Ерменскиот премиер прифаќа предвремени избори под одредени услови

Ерменскиот премиер Никол Пашинијан

Ерменскиот премиер Никол Пашинијан денеска рече дека е подготвен да одржи предвремени парламентарни избори под услов опозицијата да се согласи на одредени услови. Политичките тензии во Ерменија се високи, при што приврзаниците на Пашинијан и опозицијата организираат масовни митинзи на одделни места во главниот град. Пашинијан се соочува со тековната политичка криза откако армијата побара тој да се повлече од функцијата минатата недела, потег за кој рече дека е обид за пуч.

„Ако парламентарната опозиција се согласи на предвремени избори, ние ќе се согласиме на предвремени избори“, им рече Пашинијан на илјадниците приврзаници собрани на централниот плоштад во Ереван.

Тој исто така предложи одржување референдум во октомври за усвојување на нов устав со кој ќе се прошират претседателските овластувања за да се избегнат идните кризи.

Пашинијан се соочи со сè поголеми протести и повици од опозицијата за оставка по шестнеделниот конфликт меѓу Азербејџан и етничките ерменски сили во регионот на Нагорно Карабах минатата година. Многу Ерменци договорот го сметаат за понижувачки.

Група украински дипломати осомничени за шверц на злато и девизи

Украинското знаме и злато. Илустрација.

Украинската Служба за безбедност оопшти дека спречила синџир сочинет од поранешни и сегашни украински дипломати кои се осомничени за криумчарење стока вредна стотици илјади долари, вклучително злато и девизи.

Дипломатите, чиј идентитет не е обелоденет, го користеле системот на дипломатска пошта и дипломатските документи за шверц на акцизна стока до и од Европската унија. Според соопштението, групата дипломати нелегално префрлала девизи, злато и производи од тутун преку граница.

Службата за безбедност заедно со истражителите на Државниот завод за истраги запреле камион со дипломатски регистарски ознаки на царинската точка долж украинско-полската граница. Во камионот се пронајдени 140.000 долари, 67 200 евра, 11.600 полски злоти (3.060 долари), 16 килограми злато во вредност од околу 530.000 долари, тутун во вредност од 53.000 долари.

Во соопштението се додава дека е покрената истрага за аферата и дека осомничените, чиј број не е соопштен, не се официјално обвинети.

Заев: Заложбите за нулта дискриминација ги остваруваме и преку ново законско решение

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев по повод одбележувањето на Денот на нулта дискриминација на Фејсбук порача дека Владата преку новиот закон ќе овозможи услови за развој на сите граѓани.

„Заложбите за нулта дискриминација, градење, еднакво, праведно и правично општество ги остваруваме и преку ново законско решение со кое граѓаните добиваат соодветна правна заштита и општество кое ги негува различностите и овозможува услови за развој за сите“, напиша тој.

Според него, во новиот текст на законот за првпат сексуалната ориентација и родовиот идентитет се воведуваат како основи за дискриминација. Со Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој како што наведува, е целосно усогласен со правото на ЕУ и меѓународните стандарди и со позитивно мислење од Венецијанската комисија, како и од граѓанските организации, се обезбедува ефикасна регулатива која воведува принципи на еднаквост и ефикасна заштитата од секаков вид на дискриминација.

Тој додава и дека законот го зајакнал и капацитетот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, ги проширил нејзините надлежности во делот на превенција и го фокусирал нивното внимание на активна грижа и заштитата на граѓаните од сите форми на дискриминација.

Една декада од првото издание на македонскиот весник „Илинден“ во Албанија

Во Албанија точно пред една декада беше испечатен првиот број од македонскиот весник „Илинден“. Главниот уредник на весникот Никола Ѓурѓај за Радио Слободна Европа изјави дека весникот досега има испечатено 45 изданија, а почнувајќи од март 2017 година весникот има и електронско издание.

Ѓурѓај нагласува дека весник станал достапен за целокупната јавност. Тој вели дека мисијата на весникот била и останува поттикнување и одржување во континуитет на македонскиот јазик и идентитет во Албанија.

„И понатаму остануваме со вербата дека нашите активности ќе бидат соодветно поддржани од државните институции на Албанија и на Македонија, како и од Македонците ширум светот“, рече тој.

Ѓурѓај додава дека весникот дава голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците во Албанија, и континуирано работи на заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен и културен идентитет и националните традиции на Македонците во Албанија.

Експерти на ОН бараат меѓународна истрага за Навални

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални

Експерти за човекови права на ОН побараа меѓународна истрага за труењето на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, велејќи дека доказите укажуваат на „многу веројатната вмешаност“ на претставници на руската влада.

Во заедничката изјава Агнес Каламард, специјален известувач на ОН за вонсудски и произволни егзекуции и Ајрин Кан, специјален известувач за слобода на мислење и изразување, побараа итно ослободување на Навални од затвор.

„Со оглед на несоодветниот одговор на домашните власти, употребата на забрането хемиско оружје и очигледна шема на обиди за убиства, сметаме дека треба итно да се спроведе меѓународна истрага за да се утврдат фактите и да се разјаснат сите околностите во врска со труењето на Навални “, рекоа тие.

44-годишниот Навални, најголемиот критичар на рускиот претседател Владимир Путин, беше уапсен на 17 јануари откако се врати во Русија од Германија каде се лекуваше од труење со нервен агенс. Навални изјави дека неговото труење е нарачано од Путин, што беше негирано од Кремљ.

Рама: Лидерите на Северна Македонија и Бугарија да најдат начин сами да се договорат

Албанскиот премиер Еди Рама

Албанскиот премиерот Еди Рама денеска на прес-конференција во Брисел изјави дека кога дознал дека идентитетските прашања се покренати во процесот на преговори за Северна Македонија, тој бил „ужаснат“.

„Ова е најлошата можна дискусија кога е потребен консензус за постигнување на следниот чекор, затоа што е комплицирано, затоа што е емотивно и се надеваме дека мудрите лидери на Северна Македонија и Бугарија, ќе го решат ова сами и се надевам дека нема да чекаат некое волшебно стапче од Берлин, Лондон или од каде било, затоа што тоа нема да се случи. Треба да најдат начин сами да се договорат“, рече Рама кој учествуваше на редовниот годишен Совет за стабилизација и асоцијација со Албанија.

Според него, минатото треба да им се остави на академиците, граѓанското општество и експертите и за тоа нема место во дневната политика. Тој изрази надеж дека нема да дојде до одвојување на Северна Македонија и Албанија, односно одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ.

„Минатото е процес кој може да ја зароби Северна Македонија, не дај Боже, за којзнае колку време, но ако треба да ве чекаме и да бидеме трпеливи, ќе ве чекаме како наши соседи и ќе трпиме“, изјави Рама.

Редовниот состанок за стабилизација и асоцијација со Северна Македонија, кој требаше да се одржи на крајот на февруари, беше одложен. Еврокомесарот Оливер Вархеји порача дека тоа нема никаква поврзаност со Бугарија и дека и состанокот со Албанија требало да се одржи во ноември.

Вархеји, порача дека Албанија ги исполнува сите ветувања и заложби и покрај вонредните услови во кои се наоѓа, пандемијата од ковид-19 и земјотресот што ја погоди земјата претходно.

Поранешниот француски претседател Саркози осуден за корупција

Никола Саркози

Францускиот суд му изрече тригодишна казна на поранешниот претседател Никола Саркози, откако го прогласи за виновен за корупција и за тргување со влијание. Пресудата вклучува една година затвор и уште две години условна казна. Пензионираниот политичар, кој го негираше обвинението има рок од 10 дена да се жали на пресудата.

Обвинителството тврдеше дека 66-годишниот поранешен претседател се обидел да го поткупи судијата Жилберт Азиберт нудејќи му престижна работа во Монако, за возврат да добие информации во врска со истрагата за финансирањето на неговата изборна кампања.

Претходникот на Саркози, Жак Ширак, беше прогласен за виновен во 2011 година за злоупотреба на народни пари како градоначалник на Париз и доби двегодишна затворска казна.

Нови 234 случаи на корона, 7 починати и 274 оздравени пациенти

Тестирање за ковид-19

Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека во последните 24 часа се направени 1.208 тестирања, а регистрирани се 234 нови случаи со ковид-19. Пријавени се вкупно седум починати пациенти во болнички услови од кои по двајца од Скопје и од Крушево и по еден пациент од Тетово, Прилеп и Пробиштип. Регистрирани се 274 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 523.726 тестирања на ковид-19. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 103.020, бројот на оздравени пациенти е 91.507, на починати е 3.144, а на активни случаи изнесува 8.369.

Симовски: Пописот е во интерес на граѓаните

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски денеска изјави дека по пописот најважно е да има доволно точни, навремени и квалитетни информации, што ќе придонесе за развој и во моментот најмалку се размислува за санкции.

„Најголемата санкција за сите нас е да немаме доволен фонд на информации, еве 20 години речиси немаме попис поголема санкција од тоа има ли за сите нас. Значи јас ги охрабрувам не е проблемот некој да се казни, проблемот е да ги собереме податоците, бидејќи тие се потреби за сите граѓани во оваа држава, ако сакаме развој на оваа земја, а тој развој се прави исклучиво ако имате информации, денеска најскапата работа во светот е информацијата, навремена, точна и квалитетна информација. Ако сакаме квалитетни информации, а врз основа на тоа и квалитетен развој треба сите да учествуваме во пописот и да се попишеме. Последната работа на којашто јас размислувам во овој момент се санкциите“, рече Симовски, кој со министерот за правда Бојан Маричиќ и директорот на Управата за извршување санкции Марјан Спасовски, ја посетија Казнено-поправната установа Куманово во К’шање, каде што почна пописот на осудените лица.

Според него, има два типа санкции. Оние кои одбиваат или ќе дадат погрешни податоци, како што наведе тој, ќе се казнат парично од 200 до 300 евра , а оние кои учествуваат во операцијата и ги злоупотребат податоците ќе одговараат кривично, што е прецизно утврдено со Законот за попис.

„Јас се надевам дека никој нема да има потреба да подлежи на овие санкции, туку дека сите ќе сфатиме дека оваа операција е во интерес на нас, на граѓаните на оваа држава и дека ќе ја поддржиме и максимално ќе бидеме сериозни во тој дел“, рече Симовски.

Тој додаде дека нема проблеми со апликацијата и иселениците можат да се попишуваат. Симовски информираше и дека вчера завршил и рокот за теренските попишувачи на кои се пријавиле осум илјади лица.

Љубчо Георгиевски по реакциите за акцискиот план: Кукавици, викнете ме на дуел

Статус на Љубчо Георгиевски на Фејсбук по реакциите за неговиот предлог-акциски план за решавање на спорот со Бугарија

Чудна работа, плукачи колку сакаш. А досега ниту еден патриотски новинар или тандем на новинари не ме покани да ме распарчи во јавна дебата. А, со задоволство би прифатил и доктор на науки по историја. Па, еве ви кукавици, отворена понуда за дуел, напиша денеска на Фејсбук поранешниот премиер и aктуелен лидер на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски, откако предизвика бурни политички реакции со неговиот предлог-акциски план кој пред два дена го предложи за надминување на спорот со Бугарија.

Георгиевски во саботата понуди план за решавање на спорот со Бугарија, а според тој план, составен од пет точки, потребно е да ѝ се дадат гаранции на Бугарија дека земјава нема апсирации кон Источна Македонија, а предложи и промена на стратегијата за историјата и конечно, како што вели, решавање на проблемот со јазикот.

На неговиот предлог реагираа ид од власта и од опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ, изјавија дека „акцискиот план на Георгиевски е пробен балон кој премиерот Зоран Заев го пушта преку неговиот коалициски партнер“. Премиерот Заев, пак, денеска изјави дека се слушнал со Георгиевски и дека лидерот на ВМРО-НП му кажал дека е тоа негов став, а Заев му рекол „дека тоа не е став ни на нивната коалиција, ниту на Владата“.

Вчера од Бугарија пристигнаа честитки за „храброста на Георгиевски“.

Реакции за изјавата на Коцарев за Катедрата по македонски јазик, тој вели - тоа е мој став

Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев

Претседателот на Македонската академија на науки и уметности (МАНУ), Љупчо Коцарев, по денешните реакции на неговата вчерашна изјава за укинување на Катедрата за македонски јазик, денеска изјави дека изнесените мислења биле само негов личен став и дека му е драго дека „немало намери за такво нешто“.

Неговата денешна изјава следува по писмото од Катедрата за македонски јазик при скопскиот Филилошки факултет во која се вели дека станува збор за „целосни невистини и манипулации дека на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност“.

На изјавата на Коцарев денеска реагираше и премиерот Зоран Заев, кој рече дека „не само што не му паѓа на памет на некој да ја укине катедрата за македонски јазик туку и се користи 100 годишнината на Блаже Конески за дополнителна афирмација на македонскиот јазик“.

Претходно, рaководителката на Катедрата за македонски јазик, Искра Пановска-Димкова, на социјалните мрежи напиша: „Во однос на тврдењата за укинување на Катедрата за македонски јазик, изнесени по медиумите од страна на претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, сакам да укажам дека станува збор за чисти измислици“.

Вчера претседателот на МАНУ изјави: „Пораката што се праќа со укинувањето на двете македонски катедри и дома и надвор е јасна. Тоа ќе предизвика, што го знаат подобро поупатените од мене, лавина непопуларни реакции во светот по однос на македонистиката, што ќе резултира во гаснење на многу катедри/отсеци ширум светот каде што се учат македонскиот јазик и книжевност. Не верувам дека овие зборови ќе допрат до некого, но јас сакам да ги изречам“.

ЕУ месецов ќе предложи дигитален пасош за вакцини

Урсула фон дер Лајен

Европската комисија во март ќе претстави предлог за креирање пасош за дигитална вакцинација во рамките на Европската унија, рече денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, пренесува Ројтерс.

Пасошот треба да им овозможи на Европејците да патуваат послободно за време на летните одмори. Ваквиот дигитален пасош ќе обезбеди доказ дека лицето е вакцинирано, резултати од тестови за оние кои сè уште не биле вакцинирани и информации за оздравеите од ковид-19.

„За тоа како ќе изгледа дигиталниот пасош, ќе ја претставиме правната рамка во март“, рече фон дер Лајен на видео-конференција со германските конзервативни пратеници.

Направен посебен безбедносен план за Сашо Мијалков во Шутка

Полициско спроведување на Сашо Мијалков

Директорот на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски, денеска информираше дека за притвореникот Сашо Мијалков, кој се наоѓа во истражниот затвор Скопје до правосилноста на пресудата за предметот „Таргет-Тврдина“, има направено посебен безбедносен план за да не дојде до каков било инцидент.

„Апсолутно ве уверувам дека во овој момент можеме да му ја гарантираме безбедноста и на Мијалков и на сите осудени и притворени лица. Изготвен е безбедносен план конкретно за притворениот Сашо Мијалков, за негово движење, конкретно за шетањето и се запазени сите безбедносни протоколи и стандардни оперативни процедури за да не дојде до каков било инцидент“, изјави денеска Спасовски, кој денеска, заедно со министерот за правда Бојан Маричиќ и со директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, извршија увид во текот на попишувањето во Казнено-поправната установа К’шање, Кумановско.

Спасовски додаде дека Мијалков е во притвор во затворот „Скопје“ во скопско Шуто Оризари, но каде ќе ја издржува затворската казна зависи од судијата за извршување санкции.

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузвање, Сашо Мијалков, минатата недела беше првостепено осуден на 12 години затвор во предметот „Таргет-Тврдина“, односно за незаконското масовно прислушување на над 20 илјади граѓани во Македонија.

Заев: Разговарав со Георгиевски, предлогот е негов став, не на Владата

Архивска фотографија од Љубчо Георгиевски на предизборен митинг на ВМРО-Народна партија

Владата ниту преговарала, ниту ќе преговара за македонскиот идентитет и македонскиот јазик, а мислењето на нашиот коалициски партнер Љубчо Георгиевски е негово лично мислење, изјави денеска премиерот Зоран Заев, коментирајќи ги ставовите на коалицискиот партнер Љубчо Георгиевски, лидер на ВМРО-НП, кој викендов на социјалните мрежи изнесе „план за решавање на спорот со Бугарија, што предизвика бројни реакции во јавноста.

Заев рече дека уште вчера разговарал со Георгиевски, при што „тој му потврдил дека тоа е негов личен став“, а премиерот му рекол дека „тоа не може да биде став ниту на Владата, ниту на коалицијата, заради тоа ставовите на Владата по тоа прашање се јасни“.

По бугарското вето лани во декември, дипломатската реторика меѓу Скопје и Софија е заострена. Официјална Софија бара Македонија да признае бугарски корени, а македонската Влада тврди дека нејзините црвени линии се току идентитетот, јазикот и националноста.

Денеска премиерот Заев не сакаше подетално да каже до каде се разговорите со Бугарија околу блокадата на преговарачката рамка на Македонија и Европската унија. Тој само рече оти верува дека ќе се најде решение.

„Сега не би давал длабински коментари, бидејќи сега во Бугарија има избори. А по изборите штом ќе се формира владата во Бугарија ние ќе продолжиме уште посуштински да навлеземе во преговорите, бидејќи сакаме час поскоро да најдеме решение и ние да го продолжиме нашиот европски пат и да ја одржиме првата меѓувладина конференција“, рече Заев.

Ерменија - Упад во Владата, се бара оставка од премиерот

Фотографија од денешниот упад на демонстрантите во зградата на Ерменската влада

Ерменија падна подлабоко во политички превирања кога група ерменски демонстранти кои бараа оставка од премиерот Никол Пашинијан упаднаа во зградата на владата во главниот град Ереван. Десетици демонстранти скандираа „премиерот да се повлече од власта“ додека ја нападнаа зградата на 1 март, предупредувајќи дека нема зграда во земјата во која Пашинијан може да се скрие.

Засега нема извештаи за повредени или апсења. Пашинијан се соочи со сè поголеми протести и повици од опозицијата за оставка по шестнеделниот конфликт меѓу Азербејџан и етничките ерменски сили во регионот на Нагорно Карабах минатата година. Многу Ерменци договорот го сметаат за понижувачка загуба.

Минатата недела, незадоволството се прелеа во војската откако Пашинијан го разреши Тиран Хачатријан, првиот заменик началник на генералштабот, кој ја исмејуваше анализата на премиерот за руското оружје користено во војната против Азербејџан. Како одговор, неколку десетици високи воени офицери потпишаа писмо во кое ги обвинуваат Пашинијан и неговата влада дека ја довеле земјата „на работ на колапс“ и велат дека „повеќе нема да може да донесува соодветни одлуки во оваа критична ситуација за ерменскиот народ“. Пашинијан рече дека овој потег претставува „обид за воен удар“ и веднаш го отпушти началникот на Генералштабот на армијата. Претседателот Армен Саркисијан, сепак, одби да го потпише наредбата, по што некои членови на сојузот„ Мој чекор “на Пашинијан повикаа на импичмент на претседателот.

Сајкоски: Имаме 100.000 потписи против „политички попис“

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски

ВМРО-ДПМНЕ заедно со граѓаните за само 8 дена собра 100.000 потписи против политички попис во Македонија, соопшти денеска генералниот секретар на партијата, Ѓорѓија Сајкоски.

„И покрај бројните опструкции од власта, само 24 часа во 8 дена 100.000 граѓани го дадоа својот потпис за вистински и европски попис, спротивен на оној кој сака да го организира власта на насилен начин, со политичка цел. Граѓаните одлучија, не сакаат политички попис, сакаат попис како статистичка операција, што точно ќе може да ја насочи Република Македонија во која насока да се развива“, изјави Сајкоски на денешната партиска прес-конференција.

Сега, како што рече Сајкоски, ВМРО-ДПМНЕ преку своите 44 пратеници, поддржана од над 100.000 граѓани, ќе поднесе пратеничка иницијатива за поништување на законот за попис.

Пописот на населението почна денеска со првата фаза во која се попишува дијаспората, изелениците, бездомниците и затворениците. Во Македонија пописот е закажан за во април. Опозицијата тврди дека власта сака да направи политичка наместо статистичка операција и затоа бара поништување на новодонесениот закон за попис. Власта, пак, тврди дека се е според правилата на Евростат и според методологијата на Европската унија.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG