Достапни линкови

Што сѐ Европската Унија ќе финансира во Западен Балкан?


Илустрација - автопат

Според нацрт планот за инвестиции за Западен Балкан, Европската комисија (ЕК) има намера во следната деценија да инвестира до 20 милијарди евра. Значајни проекти и за Македонија.

Во посебен документ, Европската Комисија ги претстави проектите во кои има намера да инвестира до крајот на мандатот, односно до 2024 година. За овие проекти се издвоени девет милијарди евра.

Инвестициите на Европската унија (ЕУ) во патишта, енергија, заштита на животната средина, мали и средни претпријатија и дигитализација се поделени во десет инвестициски сектори, а специјална програма е наменета и за младите.

Поврзување на истокот со западот

Во следните четири години се планираат големи инвестиции во четири големи собраќајници на трасата Исток-Запад - автопати, железници и пловни патишта.

  • Завршување на „автопатот на мирот“ меѓу Ниш (Србија) и Приштина (Косово). (Финансирањето на овој проект се споменува и во договорот за економско нормализирање на односите меѓу Србија и Косово, кој беше потпишан во Вашингтон на 4 септември со поддршка на САД)
  • Модернизација на југоисточниот крак на железничкиот Коридор 10 (од Унгарија, преку Западен Балкан, до Бугарија, Грција и пошироко). Планирано е да се заврши обиколницата околу Ниш, да се модернизира трасата меѓу Србија и Хрватска и да се подобрат железничките врски со Северна Македонија.
  • Забрзување на работите на железничкиот Коридор 8 помеѓу Скопје и границата со Бугарија, со цел подобро поврзување на Скопје и Софија.
  • Работи на пловниот пат - отстранување мини од реката Сава и расчистување на тесните грла на Дунав, со цел да се подобри трансевропската мрежа за транспорт.

Поврзување на северот со југот

До 2024 година се планира да се заврши или да се напредува во реконструкцијата на главните сообраќајни врски на трасата Север - Југ:

  • Се очекува да бидат завршени три четвртини од коридорот север-југ . Овој автопат ќе ги поврзе главните градови на Централна Европа, преку Сараево во Босна и Херцеговина, со пристаништето Плоче на јадранскиот брег. Предвидена е и модернизација на пругата долж истиот коридор.
  • Целосна обнова на железничката линија Белград - Подгорица - црногорско пристаниште Бар, од границата со Србија до морето. Предвидено е и модернизирање на патот на истата траса и изградба на обиколница околу Подгорица.
  • Модернизација на патиштата меѓу двата главни града Сараево и Подгорица и изградба на патишта во Босна и Херцеговина за подобро поврзување со соседите.
  • Почеток на работите на железничката рута што го поврзува Белград со Приштина. (Финансирањето на овој проект е споменато и во договорот за економска нормализација на односите меѓу Србија и Косово, кој беше потпишан на 4 септември во Вашингтон со поддршка на САД).

Поврзување на крајбрежните региони

Еден од клучните проекти во овој инвестициски сектор е „Железничка рута 2“, која ги поврзува главните градови на Црна Гора и на Албанија, Подгорица и Тирана и продолжува до пристаништето Драч во Албанија. Планирана е санација на 120 километри железница во Албанија кон границата со Црна Гора.

Ќе бидат преземени значителни чекори за да се заврши „Синиот автопат“ долж крајбрежјето од Хрватска до Грција. Планирано е да се заврши обиколницата околу Тирана и уште две делници во Албанија, како и значајна реконструкција на патот во близина на Будва во Црна Гора.

Инвестиции во енергетскиот сектор

Трите поглавја за инвестиции се однесуваат на енергетскиот сектор - инвестиции во обновливи извори на енергија, премин од јаглен кон зелени извори и инвестиции во енергетски ефикасни инфраструктурни проекти.

Обновлива енергија

Неколку специфични проекти може да бидат поддржани во рамките на ова поглавје за инвестиции:

  • Завршување на санацијата на хидроцентралата Фиерза во Албанија и напредок во изградбата на хидроцентралата Скавица, за да се зголеми потенцијалот за електрична енергија на Албанија и регионот, со цел да се зголеми извозот на чиста електрична енергија.
  • Хидроенергетскиот систем Пива во Црна Гора ќе се прошири со почетокот на изградбата на хидроцентралата Комарница.
  • Подготовките за изградба на втората фаза на хидросистемот Ибар-Лепенец на Косово ќе бидат забрзани.
  • Значителни инвестиции во ветерници и соларни централи во Северна Македонија ќе послужат како пример за идни инвестиции во обновливи извори на енергија во регионот.

Преминување од јаглен во зелени извори

Со цел регионот да ги исполни своите обврски од Парискиот договор, Европската комисија планира да финансира проекти кои ќе овозможат премин од јаглен, што е голем загадувач кон многу поодржливи и зелени извори на енергија - модерни гасоводи и паметни мрежи за зголемена употреба на обновливи извори на енергија.

Се очекува до 2024 година да бидат поддржани клучните проекти:

  • Како дел од Транс-јадранскиот гасовод, изградбата на гасоводот Фјер-Валона во Албанија ќе заврши, а Јонско-Јадранскиот гасовод по должината на крајбрежјето ќе биде приоритет, за да се овозможи поголема диверзификација на изворите на снабдување со гас за Западен Балкан и пошироко.
  • Завршување на гасното поврзување помеѓу Босна и Херцеговина - Хрватска, со цел диверзификација на системот за дистрибуција на гас.
  • Почеток на изградба на гасна интерконекција Северна Македонија - Косово и проширување на инвестициите во поврзувањето на Северна Македонија со Грција.
  • Подготовки за почеток на изградба на интерконекцијата Северна Македонија - Србија.
  • Завршување на транс-балканскиот коридор за пренос на електрична енергија во Србија, како дел од поврзувањето помеѓу Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Овој систем за пренос на електрична енергија треба да биде „столбот за дистрибуција“ на електрична енергија низ целиот регион и понатаму кон Европската унија.

Бран на обнова

Европската комисија предлага „Бранот на обнова“ да се прошири на целиот Западен Балкан до 2024 година: да се реновираат јавните и приватните згради со цел да се намалат емисиите на штетни гасови, бидејќи градежниот сектор учествува со 40% во потрошувачката на енергија.

  • ЕУ, заедно со меѓународните финансиски институции, планира да ги поддржи напорите на Западен Балкан за тројно зголемување на сегашната стапка на обнова на постојните згради и заштеда на енергија со цел да се постигне „нулти стандард“ (да нема емитување штетна енергија)“ во новите згради.


Управување со отпад и отпадни води

Се планира Европската унија да поддржи неколку големи проекти во областа на водоснабдувањето, управување со отпадни води и отстранување на отпад до 2024 година:

  • Завршување на изградбата на постројки за пречистување на отпадни води во Скопје и Приштина.
  • Имплементација на програмата за инвестиции во животната средина во Србија, која вклучува модернизација на системите за пречистување на отпадни води во големите и средните градови.
  • Воспоставување на интегрирани регионални системи за управување со отпад во Албанија, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, заедно со затворање на депониите што не ги исполнуваат еколошките барања. Слични инвестиции во регионот исто така треба да бидат поддржани во иднина, вклучително и подобро управување со отпадот во прекуграничните области.
  • Поддршка на воспоставување на соодветни системи за спречување и следење на загадувањето на воздухот и водата.


Дигитализација

Со цел да се развие дигитализацијата, во осмиот инвестициски сектор се планира финансиска поддршка за:

  • Завршување на конструкцијата на широкопојасен интернет во шест земји од Западен Балкан и подобрување на дигиталната инфраструктура во регионот до 2024 година, со посебен фокус на поврзување на руралните области.
  • Изградба на безбедни, енергетски ефикасни и сигурни центри за складирање на податоци - „центри за податоци“ и дигитална инфраструктура што ќе се усогласи со законите и основните вредности на ЕУ за заштита на податоците.
  • Поддршка на дигиталниот сектор преку иницијативата Балканска дигитална магистрала, технолошки развој на регионот и воведување на дигитализација во образованието. Исто така, ќе се финансира еднаков пристап до образование, особено за загрозените групи како што се Ромите.

Развој на приватниот сектор

Со цел да се зголеми потенцијалот на приватниот сектор, Европската унија, според планот за инвестиции во деветтата инвестициска рамка, би требало да:

  • Го зголемува износот на грантови за поддршка на приватниот сектор на Западен Балкан.
  • Го зголемува гарантниот капацитет во Гарантниот фонд за Западен Балкан, со цел поддршка на инвестициите, зајакнување на конкурентноста на малите и средни претпријатија и создавање нови работни места за младите.
  • Обезбеди пари а помош во одржлива трансформација на земјоделско-прехранбените системи и руралниот развој на регионот.

Гаранции за младите

Шемата за гаранција би требало да обезбеди младите да имаат квалитетна понуда за работа, постојана поддршка за време на нивното образование и четиримесечна пракса.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG