Достапни линкови

Северна Македонија на добар пат кон ЕУ


Знамиња на Македонија и на ЕУ

ЕК денеска го објави извештајот за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ. Според вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров земјата остварила напредок, пред се во клучните области. Евроамбасадорот Дејвид Гир повика да се продолжи со спроведување на потребните реформи.

Добро ниво на подготвеност и споредбено со претходна година има поместување во нагорна линија. Вака вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров го опиша извештајот на ЕК за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ на денешната прес- конференција со евроамбасадорот Дејвид Гир во Владата.

Според Димитров, извештајот претставува објективна, сеопфатена и реална анализа на состојбите и остварениот напредок, но и референтна точка што ќе ги диктира реформите од еворпската агенда. Тој посочи дека и покрај предизвикот со пандемијата и фактот што државата подолго време имала техничка Влада и нефункционално Собрание бил постигнат напредок.

Радува и тоа што земјата, според него, покажала напредок во спроведување на европска агенда, особено во четири клучни области како реформа на правосудство, разузнавачки служби и јавната администрација и борба против корупцијата.

Оценката, како што нагласи Димитров, за вкупната подготвеност за напредок на Северна Македонија кон ЕУ е 3,11 или добро ниво на подготвеност, а лани била 3,06.

„Свесни сме дека со новата методологија за пристапување и почетокот на преговори на ЕУ фокусот на ЕК и земјите членки ќе биде зајакнат и очекувања за исполнување на обврските ќе бидат зголемени. Северна Македонија во изминатите години покажа дека не се плаши и не се повлекува пред предизвиците и оттаму подготвени сме со партнерски однос со ЕУ да одговориме на сите задачи до одлучно остварување на заедничката цел, членство во ЕУ и носење на европските стандарди и принципи дома“, рече Димитров.

Гир истакна дека реформите се потребни бидејќи се во интерес на сите граѓани и да се даде поттик за просперитет на самите институции и на демократијата и се работи за взаемна цел и на земјата и на ЕУ.

„Процесот на пристапување кон ЕУ треба да биде национален и државен проект, а не само проект на една политичка партија или коалиција, туку меѓупартиска. Значи на целата нација како што е рефлектирано и во самото Собрание. Втор елемент кој што сакам да го кажам е дека имаше многу важни чекори кои се направени што се однесува на усвојување на законодавството во согласност со европските меѓународни стандарди и тоа е навистина многу добро и треба да се продолжи со тоа. Мислам дека тоа е најважното и најтешкото и сите тоа го знаеме. Спроведувањето на самите реформи е нешто на што треба сите да се фокусираме. Административниот капацитет треба да е на место. Треба да испорачува. Мора институциите да се оперативни“, рече Гир.

Тој додаде дека владеењето на правото е почетокот и крајот во пристапниот процес и ќе продолжи да биде во фокусот. Самото унапредување во областа, според него, е критично за да се обезбеди заштита на граѓаните, но и да се привлечат инвестиции.

Димитров информира дека денеска пристигнала првата транша од 80 милиони евра од макро финансиската поддршка од ЕУ.

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји на денешната прес-конференција рече дека целта на Европската комисија, како и на германското претседателство, е да се одржи првата Меѓувладина конференција, односно отворањето на првите поглавја на преговори, до крајот на оваа година.

„Сѐ уште целиме на одржување на првите меѓувладини конференции под германско претседателство, тоа е пораката што ја пренесов до Европскиот Парламент и тука, уште имам надеж дека е возможно“, изјави Вархеји.

Тој изрази надеж дека Европскиот совет ќе постигне договор за преговарачките рамки за двете земји. Во однос на отворените прашања со Бугарија, Вархеји рече дела им порачал на претставниците на македонската Влада дека треба да вложат во директен дијалог со Бугарија со цел надминување на споровите.

„Работиме рака под рака со бугарските и македонските власти, ги примив министерот за надворешни работи и вицепремиерот минатата недела и ги охрабрив да се ангажираат со нивниот сосед, бидејќи станува збор за взаемен интерес да се изнајде решение кое е прифатливо решение за двете страни“, рече Вархеји.

Вархеји го презентираше и Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан кој предвидува 9 милијарди евра од Претпристапниот инструмент и дополнителни потенцијални 20 милијарди јавни и приватни инвестиции преку Гаранцискиот фонд за Западен Балкан. Со тоа, според него, Европската Комисија се надева дека ќе донесе не само економски развој на регионот, туку и подобар живот за граѓаните. Тој утре е во посета на земјава.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG