Достапни линкови

Пораки од Софија - решете ги историските прашања за европски пат


Софија- средба на министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Екатерина Захариева, 09.10.2020
Софија- средба на министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Екатерина Захариева, 09.10.2020

Историјата да биде мост на пријателство и блискост, а не скршен мост по кој Северна Македонија не може да премине, е пораката која бугарскиот премиер Бојко Борисов му ја упати на министерот за надворешни работи Бујар Османи. Во Софија се сретна и со неговата бугарска колешка Екатерина Захариева.

По неколку недели неизвесност во која насока ќе тргнат македонско-бугарските односи и дали ќе влијаат врз македонскиот европски пат министрите за надворешни работи на двете земји Бујар Османи и Екатерина Захариева се сретнаа тет-а-тет во главниот град на источниот сосед. Османи е прв македонски политичар кој се сретна и со бугарскиот премиер Бојко Борисов, но според изјавите, дали првата меѓувладина конференција Северна Македонија- ЕУ ќе се одржи во декември се уште останува неизвесно.

„Вашите граѓани треба да знаат дека во Бугарија имате и секогаш сте имале најголема поддршка и едноставно треба да направиме така, историјата да биде мост на пријателство и блискост, а не скршен мост по кој Северна Македонија не може да премине. Така што тука политички игри не треба да има. Перспективата и моментот е толку важен во германското претседателство да се почне процедурата, меѓувладината седница, според мене ќе е грев пред историјата сегашните политички раководства во Бугарија и Северна Македонија да не најдат компромис. И нема да не сфати ниту светот“, рече Борисов на средбата со Османи и Захариева.

Борисов е вознемирен од резолуција на ЕП за македонското малцинство
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:58 0:00

И додека бугарскиот премиер рече и дека со денешната средба почнуваат разговори на сите политички нивоа за да до 10 ноември, кога Бугарија и Северна Македонија се копретседавачи на Берлинскиот процес, се постигне компромисно решение кое треба да ги задоволува сите Османи и Захариева на заедничката прес конференција најавија почеток на работата и на заедничката мешовита комисија за историски и образовни прашања. Таа запре лани по барање на македонскиот тим поради предвремените парламентарни избори во Македонија.

Захариева го најави и конкретниот датум на средбата, 15 и 16 октомври и побара напредок во нејзината работа, инсистирајќи дека нивниот дел од комисијата не бил под политичко влијание. Таа нагласи и дека Бугарија прва ја призна независноста на Македонија, дека одамна ги признала современите политички реалности, дека секогаш ги поддржувала независноста и државниот суверенитет и дека никогаш немала територијални.

„Сега е неопходно од страна на Република Северна Македонија да се признаат историските реалности поврзани со процесот на создавање на новиот национален идентитет“, рече Захариева.

Македонскиот министер пак кажа дека разговорите во Софија биле отворени и на сите можни теми.

„Правото на самопределување и самоизјаснување е современо европско право кое лежи во фуднаменталните вредности на самата унија и не може да се решава со билатерални договори ниту пак сметам дека треба да создадеме клима дека некој ни го спори тоа“, рече Османи.

Борисов- бараме компромис

Инаку, Борисов рече дека се надева дека Северна Македонија ќе ги добие неопходни гаранции и од нив да оди по патот за зачленување во Европската унија.

„Треба да се направат неопходните компромиси од двете држави како што направија многу други и ние сме должни за сегашните и идните поколенија да направиме така што по никаков начин Северна Македонија, Албанија и државите од Западен Балкан да не бидат запирани по патот кон Европската унија. Се разбира јас лично сум многу вознемирен од внесувањето на ОМО Илинден и македонското малцинство во Бугарија во политичката резолуција на Европскиот парламент, но тоа во ниту еден случај не е од полза токму во овој момент во кој ние бараме компромис и на историчарите и на нашите политички партнери во Северна Македонија, во Скопје, и да најдеме решение на прашањето. Ова, според мене, не знам од каде дојде, но е факт...“ рече Борисов.

Ова е прва средба на двајцата колеги по објавувањето на Меморандумот со кој Софија побара поддршка од земјите членки на Европската унија за нивните позиции, односно билатералниот договор меѓу двете земји и добрите меѓусоседски односи да бидат дел од Преговарачка рамка за зачленување на Република Северна Македонија во ЕУ. Во меморандумот има и тези кои се доживеа како спорни во домашната јавност, најмногу деловите во кои се наведува дека Македонците не постоеле до 1944 година и дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот.

Захариева денеска рече и дека била изненадена од зачуденоста од меморандумот кога нивните позиции биле јасни и за напредокот на Скопје кон НАТО и кон ЕУ.

Инаку по меморандумот Бугарија испрати и таканаречен коментар до земјите членки на унијата во кој конкретно побара во преговарачката рамка темата добрососедски односи да биде опфатена во првата група, односно во првиот кластер во пристапните преговори, кој според новата методологија на ЕУ прв се отвора и последен се затвора. Меѓувладината конференција меѓу земјава и Европската унија, со која официјално би започнале преговорите за зачленување, според очекувањата треба да се одржи во декември.

Конференцијата под знак прашалник

На тоа постојано инсистира и актуелниот претседавач со ротирачкото претседателство на Унијата, Германија. При посетата на Скопје неделава, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји рече дека сѐ уште целта е одржување на првите меѓувладини конференции под германско претседателство и дека уште има надеж дека е возможно, но инстистираше на наоѓање на решение меѓу Бугарија и Македонија.

„Јас можам само да повторам дека е во интерес и на Бугарија и на Северна Македонија да најдат решение за овие прашања. Без да се разјаснат тие недоразбирање ќе биде многу тешко работите да се придвижат напред. Мислам дека ова е момент да се постигне договор. Гледам посветеност од примерот Заев, како и од страна на премиерот Бојко Борисов од бугарската страна и навистина се надевам дека ќе изнајдат решение. Колку што знам тие работат на тоа и се надевам дека ќе успеат. Се разбира ќе направиме се што можеме и ние да помогнеме во процесот. Да се изнајде решение не е невозможно. Не би драматизирал премногу околу прашањето, меѓутоа сепак е сериозно прашање“, рече Вархеји.

Оваа изјава ги отвори и дилемите дали прашањата меѓу Софија и Скопје, кои се претежно од историски карактер и досега македонската влада инсистираше дека треба да ги решава заедничката мешовита комисија за историски и образовни прашања преминуваат од експертско на политичко ниво. Работата на комисијата конкретно, нивната работа најмногу запна околу револуционерот Гоце Делчев, а досега комисијата даде препорака, а владата усвои одука за заедничкото чествување на следните личности од нашата заедничка историја: Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самуил. Копретседавачот на комисијата и шеф на македонскиот тим експерти Драги Ѓоргиев на прашањето за Гоце Делчев за заканите од Софија за можна блокада на стартот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ вели дека би била погрешна политичка одлука што може да им зададе голем удар на односите меѓу двете земји, за Гоце Делчев пак дека начинот на решавање е мултиперспективноста.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG