Достапни линкови

Вархеји: Во интерес на Северна Македонија и Бугарија е да најдат решение


Еврокомесарот Оливер Вархеји

Еврокомесарот Оливер Вархеји за време на денешната посета на Скопје порача дека се исполнети сите услови за почетокот на преговорите на Северна Макеоднија со ЕУ. Но, притоа тој изрази надеж дека ќе се изнајде решение и за отворените прашања со Бугарија со цел работите да се придвижат напред.

Ако го погледнете извештајот ќе видите дека напредокот на Северна Македонија кон ЕУ постои и сите услови за првата меѓувладината конференција се исполнети и сега одлуката што треба да се донесе пред тоа е да се усвои рамката за проширување во кои се наведени правила и начела за преговорите и тоа е одлука што ќе ја донесе Европскиот совет така што се движиме според планот, порача еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на прес-конференцијата со премиерот Зоран Заев во Владата.

„Процесот на преговарање е веќе познат во земјата и ние мора да ја добиеме поддршка од секоја земја- членка и работиме на тоа и се надеваме дека ќе може да продолжиме со планот и дека во рамките на германско претседателство ќе може да ја одржиме првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и со Албанија. На тоа во моментот го работиме и се разбира има и други прашања кои треба да ги опфатиме“, рече Вархеји.

Осврнувајќи се на отворените прашања со Бугарија, тој повика на трпение и порача дека верува оти добрососедските односи меѓу двете држави ке резултираат со решение.

„Јас можам само да повторам дека е во интерес и на Бугарија и на Северна Македонија да најдат решение за овие прашања. Без да се разјаснат тие недоразбирање ќе биде многу тешко работите да се придвижат напред. Мислам дека ова е момент да се постигне договор. Гледам посветеност од примерот Заев, како и од страна на премиерот Бојко Борисов од бугарската страна и навистина се надевам дека ќе изнајдат решение. Колку што знам тие работат на тоа и се надевам дека ќе успеат. Се разбира ќе направиме се што можеме и ние да помогнеме во процесот. Да се изнајде решение не е невозможно. Не би драматизирал премногу околу прашањето, меѓутоа сепак е сериозно прашање“, рече Вархеји.

Официјална Софија побара добрососедските односи да се третираат како суштинско прашање и да бидат дел од првиот кластер во преговорите на Северна Македонија со Европската унија.

Заев порача дека во извештајот за напредокот на земјата е констатирано дека содржинскиот дијалог со Европската комисија се наоѓа на многу повисоко ниво и се наведува дека Северна Македонија во голем број области постигнува високо ниво на усогласеност со европското законодавство и се препорачува имплементација и испорака на уште поголеми резултати.

„Посебно се издвојуваат наодите во областите-фундаментални вредности, избори, владеење на право, судство, борба против корупција од кои може да се заклучи дека земјата е на добар пат и треба да продолжи со имплементацијата на веќе донесените закони и постоечки механизми“, истакна тој.

Заев се осврна и на економскиот инвестициски план за Западен Балкан од 9 милијарди евра, кој рече дека е од голема важност за поддршка на развојот на приватен сектор, транспортното и енергетско поврзување, дигитализација, зелена агенда, социјалните инвестиции и енергетски проекти.

„Ова е исполнување на сонот со сите овие милијарди во порака на кохезија на регионот, на поврзување на целиот регион вистинска мотивација да испорачаме уште поголеми резултати во периодот кој што претстои“, рече Заев.

Тој се заблагодари за помошта на ЕУ за време на ковид кризата и информираше дека 80 милиони евра легнале на сметката на земјата, а се очекуваат уште 80 милиони во наредениот период, со што според него, се покажала европската солидарност на дело.

Вархеји порача дека економскиот инвестициски план за Западен Балкан ќе биде значителен поттик за економијата во регионот и поттик за напорите за заздравување на економијата по крајот на кризата и земјите да можат да го фатат чекорот со ЕУ.

Според него, ЕУ треба да види дека работата на терен се одвива брзо во поглед на борбата со корупцијата, владеење на правото и сите закони поврзани со областа, како и да се видат резултати во судството и обвинителството со цел на земјите членки на ЕУ да се демонстрира посветеноста на државата. ЕУ притоа е подготвена, како што порача Вархеји, да обезбеди уште 20 милијарди евра за регионот.

Тој потоа имаше обраќање во Собранието каде истакна дека е охрабрен од заложбата на Владата на понатамошно унапредување на реформската агенда во евроинтегративниот процес, а законодавниот дом порача дека има клучна улога, којашто треба да ја одигра.

„Овој дом како примарен форум за конструктивни и инклузивни дебати има клучна одлука што треба да ја одигра. Со загриженост видовме зголемување на употребата на брзите постапки при усвојување на нови закони. Ве охрабрувам да обезбедите соодветни консултации и демократски дебати со со употреба на нормални и редовни процедури. Овој дом има клучна улога и кога станува збор за обезбедување на независност од останатите видови на власт, преку зајакнувањето на надзорот над извршната власт и разузнавачките служби“, рече Вархеји.

Според него, важно е да има јасна координација и планирање на работата помеѓу Владата и Собранието за законите кои се поврзани со ЕУ.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG