Достапни линкови

Заев: Македонскиот јазик и идентитет се неспорен факт


Зоран Заев

Посебноста на македонскиот јазик и македонскиот етнички идентитет се неспорен факт. Македонскиот јазик е составен дел од личната карта на Северна Македонја во ОН и дел од многуте прифатени признаени модерни јазици што се изучуваат на универзитетите во целиот свет, изјави денеска премиерот Зоран Заев во врска со меморандумот кој Бугарија го испратила до Европската унија со барање да биде дел од преговарачката рамка за Северна Македонија.

„Секако дека сме информирани, кога стигаат информациите до Европската комисија. Очекуваме прва меѓувладина седница на крајот на годината, дотогаш со пријателска Бугарија имаме заедничко организирање односно сме домаќини на Берлинскиот процес, верувам дека во целиот овој период ќе продолжат разговорите, од комисијата продолжуват, но ќе продолжат и од политиката, за изнаоѓање решение“, рече Заев и додаде дека Владата ќе продолжи во пријателски дух и ќе остане внимателна во целиот наратив.

Меморандумот, во кој има увид Радио Слободна Европа, а кој Бугарија го доставила до земјите членки на Унијата, Софија бара поддршка за своите позиции. Во него се бара билатералниот договор меѓу Скопје и Софија и добрите меѓусоседски односи да бидат дел од Преговарачка рамка за зачленување на Република Северна Македонија во ЕУ и да бидат дел од поглавјето 35.

Во врска со ова, Германија, земјата претседавач со Европската Унија смета дека билатералните проблеми не треба да бидат дел од преговарачката рамка за проширување на Унијата. Нивната амбасадорка во земјава, Анке Холштајн, во неделното интервју за РСЕ, порачува дека во суштински интерес на Бугарија е да не се блокира овој процес.

XS
SM
MD
LG