Достапни линкови

Германија: билатералните проблеми не треба да се во преговарачката рамка


илустрација

Германија, земјата претседавач со Европската Унија смета дека билатералните проблеми не треба да бидат дел од преговарачката рамка за проширување на Унијата. Нивната амбасадорка во земјава, Анке Холштајн порачува дека во суштински интерес на Бугарија е да не се блокира овој процес.

Германија и другите земји членки на Европската Унија сметаат дека билатералните проблеми не треба да се ставаат во преговарачката рамка и дека тие проблеми треба да се решаваат билатерално, порачува германската амбасадорка во земјава, Анке Холштајн коментирајќи го бугарскиот меморандум испратен до земјите членки на Европската унија. Во неделното интервју за радио Слободна Европа, Холштајн вели дека во суштински интерес на Бугарија е да не се блокира процесот на проширување на Унијата со регионот на западен Балкан.

„Бугарија ги има кажано овие барања на другите земји членки на почетокот на август. Ние и според моите сознанија сите други земји членки се на мислење дека билатерални проблеми не треба да се ставаат во преговарачката рамка и дека билатералните проблеми треба да се решаваат билатерално. Бугарија секогаш беше голем поддржувач на европското придвижување на регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Во суштински интерес на Бугарија е да не се блокира процесот за проширување на Европската Унија во овој регион“, вели амбасадорката Холштајн во интервјуто.

Инаку преку меморандумот во кој има увид Радио Слободна Европа, а кој Бугарија го доставила до земјите членки на Унијата, Софија бара поддршка за своите позиции. Во него се бара билатералниот договор меѓу Скопје и Софија и добрите меѓусоседски односи да бидат дел од Преговарачка рамка за зачленување на Република Северна Македонија во ЕУ и да бидат дел од поглавјето 35.

Во документот на шест страници на кој на долго се објаснуваат нивните тези за настанокот на македонската нација и јазик, меѓу другото се наведува и дека Македонците се проект на поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито, дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот и оти не постоел до 2 Август 1944 година. Покрај договорот за добрососедство Софија како услов за напредокот во ЕУ интеграции смета дека треба да биде и односот на земјава кон малцинството на бугарска територија.

„Објаснувачкиот меморандум за односите меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија во контекст на проширување на ЕУ и процесот на стабилизација и асоцијација“ доаѓа во време кога во телата на Европската унија се договара преговарачка рамка за Скопје и Тирана, а која се очекува да биде договорена до шести октомври.

Германската амбасадорка Холштајн се надева дека земјите членки ќе постигнат договор за преговарачката рамка и дека одржувањето на првата меѓувладина седница како заедничка цел меѓу Германија и Северна Македонија, ќе се случи во декември.

„Во делот на политиката за проширување, навистина одржувањето на првата меѓувладина конференција, односно официјалниот старт на разговорите за проширување со Северна Македонија е нашата голема цел која е заедничка цел и на Германија и на Северна Македонија. Треба во рамките на Европската Унија да се договориме во однос на преговарачката рамка за која моментално се дискутира во Брисел, кога ќе се постигне договор за тоа, може да дадеме и датум за првата меѓувладина конференција и се надеваме дека тоа ќе се случи во декември“, изјави Холштајн во интервјуто.

И министерот за надворешни работи Бујар Османи не очекува да дојде до блокада или технички одложувања на првата меѓувладина конференција. Во делот на меморандумот, тој изјави дека нема да навлегува во материјална расправа, додавајќи дека поради тоа што државата е кандидат за членство не е дел од кореспонденцијата внатре во Унијата и до нив официјално не е стигнат тој документ.

Власта и опозицијата имаат различни гледања на меморандумот. Од СДСМ посочија дека тие како партија даваат шанса ваквите прашања да се решат преку дијалог и разговори, а од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак го обвинија премиерот Зоран Заев и неговата политика за ваквиот меморандум од Бугарија.

За дел од домашните аналитичари ваквото позиционирање на Бугарија се насетувало уште од октомври лани, кога прво бугарската влада, па потоа и Собранието усвоија декларација со која ги поддржаа пристапните преговори на земјава со ЕУ, но со неколку услови меѓу кои и дека да не се споменува македонскиот јазик и бугарскиот фашистички окупатор.

Инаку „ Договорот за пријателство, добрососедство и соработка“, за кој Бугарија бара да биде дел од преговарачката рамка за зачленување на Република Северна Македонија во ЕУ и дел од поглавјето 35 беше потпишан на 1 Август 2017 година од страна на премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов. Две години подоцна, бугарското собрание усвои декларација со која ги поддржа преговорите за членство во ЕУ за Скопје и Тирана, но тогаш услови со барање за признавање на „историската вистина за заедничка историја што ја споделуваат двете држави и народи“.

Кон крајот на минатата година Бугарската академија на науките (БАН) усвои став дека македонскиот јазик не постои, туку дека е „писмено-регионална норма“ на бугарскиот јазик. Во март годинава на седницата на Советот за општи работи на Европската унија од 25 март на која лидерите на земјите членки се согласија на Северна Македонија и Албанија да им се даде зелено светло за почеток на преговорите, Бугарија имаше одвоена изјава. Во неа Софија бара Скопје да престане со каква било поддршка на организации кои се декларираат како македонско малцинско на нивна територија, во меѓународни организации земјава да декларира дека нема каква било основа да бара малцински статус за која било група, бара конкретни работи и политичка вклученост во работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања, а јазикот во ЕУ документите и преговарачката рамка да се именува како официјален јазик на Република Северна Македонија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG