Достапни линкови

Руски демограф за сомневања за смртноста од ковид-19, отпуштен од работа


Алексеј Ракша, поранешен вработен во државната агенција за статистика Росстат

Во Русија, како и во многу други земји, бројот на инфекции со коронавирус продолжува да расте: досега има 733.699 официјално потврдени случаи. Бројот на починати е 11.439 - невообичаено низок што Кремљ и руските официјални претставници го оценуваат како резултат од добрата реакција на владата на ковид-19.

Сепак, за демографите за здравство како Алексеј Ракша, кој бил вработен во државната агенција за статистика Росстат, нешто не било како што треба со месеци и во мај јавно проговори за тоа.

Малиот број на починати не се должи на супериорниот одговор на државата, туку, како што рече, на тоа како се брои статистиката за коронавирусот.

Со други зборови, Русија погрешно ги класифицира смртните случаи на ковид-19.

Во Кремљ и резиденцијата на Путин поставени тунели за дезинфекција

Два месеца потоа Ракша го доби она што може да биде официјално признание за неговиот придонес во националната дискусија за одговорот на владата: Тој беше отпуштен од работа. „Официјално е. Мојата работа во Росстат е завршена“, напиша тој на „Фејсбук“.

Стапката на морталитет од коронавирус во Русија во моментов е околу 1,5 проценти. За разлика од нив, стапката во Соединетите држави е 4,1 процент. Друга слична статистика - смртни случаи на 100,000 луѓе - покажува дека Русија има стапка од само 7,7; во САД е 41.2.

„Најмалку 30 000 луѓе“

Во интервју за РСЕ Ракша тврди дека официјалната бројка на Русија е само една третина од тоа што би била вистинската, доколку службените лица користеле поширока класификација на припишување на смртноста од болеста.

„Верувам дека во Русија во моментот најмалку 30.000 луѓе починале поради коронавирусот“, изјави тој, додавајќи „Главната работа е дека ако не беше коронавирусот, тие не би умреле сега“.

Како и Ракша, здравствените експерти, демографите и статистичарите го насочија својот скептицизам кон руските бројки за статистиката наречена „вишок на смртност“ - во суштина, бројот на смртни случаи што се случиле над просечниот или типичен број регистриран од изминатата година.

Кој ќе живее? Кој ќе умре? Лекарите во Русија и ковид-19

Во почетокот на кризата со коронавирусот во Русија, експертите посочија на прелиминарни податоци од места како Санкт Петербург. Во мај, вториот по големина град во Русија забележа значителен пораст - 31 процент - по бројот на севкупни уверенија за смртни случаи, споредено со претходната година.

Гробари со опрема за лична заштита, погребуваат лице за кое се верува дека починало од ковид-19 во Санкт Петербург претходно оваа година.
Гробари со опрема за лична заштита, погребуваат лице за кое се верува дека починало од ковид-19 во Санкт Петербург претходно оваа година.

Во април, во главниот град Москва, имало 20 проценти повеќе смртни случаи од просекот забележан во претходните 10 години. Ракша за РСЕ изјави дека има несогласувања помеѓу бројките објавени од Росстат и оние објавени на официјалната веб-страница на владата стопкоронавирус.ру.

„Во принцип, статистиката на владината веб-страница покренува многу прашања. Не им верувам и за секој специјалист е очигледно дека сите тие биле подготвени, фалсификувани, усогласени и скоро целосно рачно изработени и изманипулирани “, рече тој, наведувајќи:

„Но, ние немаме ништо друго, затоа треба некако да ги земете овие податоци, да ги декодирате, да размислите и да претпоставите. За жал, многу е тешко да се извлечат заклучоци врз основа на тоа”.

„Идеја од горе“

Друг отежнувачки фактор, вели тој, е дека луѓето во некои региони - како Северен Кавказ, Краснодар и Башкортостан - понекогаш се бавни во пријавувањето на сомнителните смртни случаи од ковид-19.

Според Ракша, практиките за собирање статистички податоци се разликуваат од регион до регион, што често резултира смртноста да се класифицира поинаку.

„Во различни региони, постојат сосема различни традиции и практики на доделување кодови за причини за смрт“, вели тој.

Иако неодамнешните податоци за инфекција со коронавирус и смртни случаи се сметаа за поточен одраз на ситуацијата во земјата, јавните коментари на Ракша за медиумите донесоа осуда од владини претставници.

Броење на мртвите: различно прикажување на смртноста од коронавирусот

Министерството за надворешни работи го осуди Њујорк Тајмс, кој го цитираше Рашка, како и „Фајненшл тајмс“ и побара тие да ги повлечат написите објавени во мај во кои се заклучува дека стапката на смртност на Русија е многу повисока.

Но, и некои локални власти дадоа други индикации дека процедурите за прибирање на податоци биле прикривани.

Градското одделение за здравство во Москва, каде што се концентрирани најголемиот дел од случаите во Русија, објави соопштение на 13 мај, во кое се вели дека повеќе од 60 проценти од смртните случаи во градот не се вклучени во официјалниот број на жртви од коронавирусот во градот.

Што се однесува до неговото разрешување од Росстат, Ракша вели дека за него е „очигледно“ оти самата агенција не ја донела ваквата одлука. „Тоа беше идеја одозгора“.

Росстат не одговори на понатамошните истражувања на РСЕ за разрешувањето на Ракша и дали тоа е поврзано со неговите јавни коментари.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG