Достапни линкови

„Неволната“ Германија одговорна за ЕУ


илустрација
илустрација

Од денеска, па во наредните шест месеци Германија го презема претседавањето со ЕУ. По 13-ти пат, таа застанува на чело на Унијата во период на големи предизвици за сите земји-членки. Нејзин приоритет ќе биде борбата против пандемијатa со КОВИД19, но и економското и социјално закрепнување на Европа, пишува Рикард Јозвијак.

Германија отсекогаш била лидер на ЕУ против своја волја, свесна дека нејзините злосторства во минатото сѐ уште може да предизвикаат загриженост меѓу соседите. Но, почнувајќи од 1 јули, не може да се скрие дури и да сака, бидејќи најголемиот и најмоќниот член на Унијата го продолжува шестмесечното претседателство со Советот во клучно време.

Главната улога секако ќе ја има навидум постојано присутната Ангела Меркел во својата 15-та година како канцелар, додека нејзината поранешна министерка за одбрана и штитеничка Урсула Фон дер Лејен се очекува да биде една од споредните актери како претседател на Комисијата. Со пандемијата „Ковид-19“ која сè уште се заканува на функционирањето на ЕУ и поостар фокус на односите со Кина, како и конечно решение со Велика Британија околу Брегзит кое е далеку од дефинитивно, наредните шест месеци ќе бидат дефинирачки за двете германски дами.

И Меркел и Фон дер Лејен го поставија како главен приоритет задржувањето на ЕУ непроменета, како за време на пандемијата со коронавирус, така и по моментот кога реалноста од најтешката економска криза што го погоди континентот од Втората светска војна, станува очигледна. Унијата дејствуваше бавно се додека вирусот не дојде во Европа во почетокот на годинава и беше сериозно критикувана главно од јужните земји-членки, поради недостаток на солидарност од северот како што се влошуваше ситуацијата. И двете жени беа погодени од обвиненијата и оттогаш се обидуваат да ги исправат работите.

Претстои помош во форма на физичка опрема и готовина, внатрешните граници на ЕУ се укинати на одредени места, а во меѓувреме постои координација за постепено отворање на надворешните граници за некои трети земји во јули. Но, централниот инструмент во битката на ЕУ против пандемијата, е всушност фондот од 750 милијарди евра, предложен од Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон во мај, во кој поголемиот дел од парите Унијата ќе ги добие од меѓународните пазари и ќе ги додели на земјите-членки коишто се најтешко погодени од кризата, главно во форма на грантови.

Со иницијативата, која со ентузијазам ја поддржа Фон дер Лејен, првпат Унијата ќе повлече долг на овој начин, што претставува голем исчекор во однос на германската практика од минатото. И додека официјален Берлин нагласува дека овој потег е еднократен и создаден заради исклучителните околности, станува јасно дека Меркел се префрлува на финансиската криза пред околу 10 години, кога за сличен ваков потег Германија и другите северни земји-членки беа бесни.

Фондот за обнова, заедно со следниот повеќегодишен буџет на ЕУ (2020-2027) кој според неодамнешниот предлог на Фон дер Лајен изнесува над билион евра ќе биде главниот европски инструмент против „корона невремето“, но ќе бидат потребни многу дипломатски вештини за да се направи тоа да функционира. И Европската Комисија и Германија се подготвени да обезбедат договор за двете прашања, веќе на првиот (физички) самит во Брисел од избувнувањето на пандемијата кој ќе се одржи на 17 и 18 јули.

Но, тоа нема да биде лесно. Клучната четворка: Австрија, Данска, Холандија и Шведска сакаат помалку грантови и повеќе заеми, нешто што е анатема за земјите со долгови, како што се Италија и Шпанија. Земјите-членки од истокот се надеваат дека средствата ќе одат и на исток, не само кон југ, а некои од нив се надеваат дека германските идеи и идеите на Комисијата дека исплатите на ЕУ треба да бидат поврзани со стандардите за владеење на правото, ќе пропаднат. И секако, фрау Меркел и Фон дер Лајен се надеваат дека остануваат доволно пари за да ја исполнат нивната цел, а тоа е Унијата да претрпи значителна зелена и дигитална транзиција во текот на 2020 година.

Договорот веќе во текот на летото ќе овозможи Унијата да се фокусира на уште два предизвици со кои ќе треба да се справува во подоцнежната половина од оваа година. Како прво, тоа ќе бидат односите со Кина. Главниот настан за време на германското претседателство ќе беше самит меѓу сите шефови на држави и влади на ЕУ и кинеските лидери во Лајпциг во септември. Но, Ковид-19 предизвика одложување, иако постои притисок да го закажат повторно подоцна есенва. Идејата беше да се склучи амбициозен договор за инвестирање меѓу ЕУ и Кина на состанокот, но стравувањата од 5Г технологијата на Хуавеи, вознемиреноста поради кражбата на интелектуална сопственост на Пекинг и гневот поради кинескиот удар во Хонг Конг и дезинформациите поврзани со Ковид-19 во Европа го смени расположението. И повторно, сега Меркел и Фон дер Лајен ќе треба да смислат добра стратегија на самитот и да ги дефинираат односите меѓу ЕУ-Кина за наредните години.

Добар правец ќе треба да се најде и во преговорите за Брегзит, кои во моментов „напредуваат“ со темпо на полжав. Со одбивањето на Лондон на почетокот од овој месец да го продолжи периодот на излегување после 2020 година, договор за идна врска што вклучува трговски договор мора да биде договорен оваа година. И додека Комисијата е официјален преговарач за ЕУ, сепак на крајот многу ќе зависи од тоа колку Германија е подготвена да направи компромис со еден од најголемите трговски партнери со цел да избегне друг економски шок.

Во сите случаи, во голема мера ќе стане збор за наследството што Меркел го остава зад себе. Таа има намера да се покаже пред федералните избори следната година, иако со оглед на успешното справување со пандемијата во нејзината земја, повторно се зголеми нејзината популарност. Но, без очигледна наследничка и неизвесните времиња што продолжуваат, има повици таа да остане на функцијата. Во секој случај, во наредните шест месеци ќе стане јасно дали Германија е подготвена или не да ја напушти нејзината неволност за водство на ЕУ.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG