Достапни линкови

Политички последици од пресудата за „Рекет“


Катица Јанева во Суд за случајот „Рекет“, 8 мај 2020 година
Катица Јанева во Суд за случајот „Рекет“, 8 мај 2020 година

Една година по почетокот на крајот на Специјалното јавно обвинителство. Една година по текстовите за Кики, Фрики и Коки. Една година откако поранешниот премиер Зоран Заев изјави дека прв пријавил уцена на бизнисмен во Јавното обвинителство, но и една година од објавувањето на видео снимките од домот на познатиот бизнисмен Орце Камчев од кој наводно со торба „Луи Витон“ заминуваат Бојан Јовановски и Зоран Милески Кичеец. На ред е последниот чин од драмата во Основниот суд во предметот Рекет - пресудата.

Специјалното јавно обвинителство заврши неславно. Цела година се договараше неговото формирање и цела година се случуваше неговото затворање, кое ќе биде запаметено во историјата со апсењето на шефицата на СЈО Катица Јанева. Загина надежта на граѓаните кои очекуваа ова Обвинителство да донесе правда и да гони функционери кои со злоупотреба на државни пари си ги наполниле банкарските сметки.

Речиси една година откако истече мандатот на ова обвинителство и месеци поминати во политички преговори за тоа како да (не) им се предложи мандатот на обвинителите од луѓе кои беа и осомничени во предмети или пак имаа политички интерес за решавање на други прашања. Сета слава на „Чарлиевите ангели“ како што ги опишуваа медиумите потона како Титаник со обвинението за „Рекет“, кое го покрена Вилма Русковска против нејзината колешка, шефицата на СЈО Катица Јанева.

По 42 одржани рочишта во кои јавноста слушна навреди и ниски удари меѓу обвинителките, театралност и приказни за луксузниот живот на обвинетите и сведоците, но и обвинителите, се чека расплетот за предметот „Рекет“. Дали првообвинетиот шоумен и неформален сопственик на 1ТВ Бојан Јовановски познат како Боки 13 и поранешната шефица на СЈО Катица Јанева ќе бидат прогласени за невини, или ќе добијат казна затвор. Во јавноста веќе се лицитира со бројките од 6 до 9 години затвор.


Истрагата за предметот „Империја“ во која е осомничен бизнисменот Орце Камчев, кој, пак, во „Рекет“ тврди дека на Јанева и Јовановски бил принуден да им даде милиони ипол евра за да му ја олеснат положбата во истрагата, застана во место. Обвинителката Лиле Стефанова која сведочеше против својата шефица, повеќе не открива во јавноста никакви детали, ниту пак во Судот е доставен обвинителен акт за перење на пари о случајот „Империја“, како што тврдеше на брифинзите. Во тој предмет беа осомничени десетина бизнисмени меѓу кои и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Во оваа измината година, предметите на сега веќе поранешното СЈО добија нови препреки, па одложувања, затоа што не се носеше нов закон за обвинителство, па се дискутираше за тоа дали обвинителите имаат мандат да постапуваат, за после неколку од нив мораа и да почнат од почеток поради промена на судија поротник. Власта во изминатата година упорно обвинуваше дека „Сваровски“ судството е последниот браник на претходниот режим и дека му е потребно прочистување.


Од друга страна, пак, опозицијата обвинуваше дека „трас-трас“ судството е под дирекна капа на власта и дека постапува согласно потребите на власта во политички прогон на, како што велат, неистомислениците.

Во целото тоа време довербата во обвинителството падна на речиси најниско ниво. Пред три години 63 проценти од анкетираните граѓани му верувале на СЈО, за веќе во 2019 година над 55 проценти да немаат доверба во СЈО.

СЈО настана како продукт на полтички договор и за излез од голема политичка криза која настана по објавување на „бомбите“ од страна на тогашната опозициска СДСМ, а против тогашната власт ВМРО-ДПМНЕ - ДУИ, ама до сега од главните актери, иако има пресуди, никој не е во затвор. Политички се договори, политички се укина, пред распуштањето на Парламентот во тензична атмосфера беше донесен закон за обвинителство со кој СЈО се припојува кон основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Пандорината кутуја на Боки 13 - најавуваше политички потреси

Во судскиот процес „Рекет“, Јовановски во своето сведочење во судницата неколку пати најавуваше отворање на Пандорината кутија, посочувајќи дека во неговиот телефон има битни информации за многу високи политичари во власта и блиски до нив бизнисмени како Вице Заев, дека чува информации како се договарале осумтемината кои гласаа за уставните измени и дека има и разговори меѓу поранешниот премиер Заев и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.

„Јас сум сведок и бев – тоа може да се провери многу едноставно доколку има некој интерес да го провери – на 10 ноември 2018 во точно 16 часот во кабинетот на тогашниот премиер Зоран Заев. Сабота како ден. Тогашниот премиер ми кажа дека голема штета направила Катица Јанева со отварање на предметот „Империја“ поради Сашо Мијалков и Јордан Камчев бидејќи имале пратеници кои им требале за да му гласаат уставни измени“, рече Боки 13 во судницата.

Тој потенцираше дека Заев барал помош од Камчев кој е осомничен во случајот „Империја“, затоа што тој, како што рече во судницата, имал под контрола тројца пратеници кои требало да гласаат за уставните измени, а исто и Сашо Мијалков, кој, исто така, е осомничен, пак имал повеќе пратеници.

„Јас сум бил сведок каде лично им е ветувано олеснување ако го поддржат референдумското прашање. И на Сашо Мијалков му е вратен пасошот, па никој не прашува“, изјави Јовановски.

Бизнисменот Камчев во судницата рече дека откако сфатил во што е работата парите за Јовановски и Јанева ги обезбедил од фирмите.

„Откако по две недели излегов од притвор во куќниот притвор, после божиќните празници, јас бев свесен што правам. Ако не го направев тоа, денеска сите ние ќе бевме во заблуда дека некој сака да ја врати правдата“, рече Камчев.

Потоа почнал со снимање, а за снимките рече дека жали што излегле и такви во кои се споменува вицепремиерката.

„Во една пригода ја злоупотреби потпретседателката на Владата, покажувајќи како ги сликал Катица Јанева и неа. Јас сум добар другар со нејзиниот сопруг и знам дека таа нема врска“, зборуваше Камчев.

Рекет повлече нога

Опозицијата која во своите редови има и осомничени во предмети на СЈО, отвори афери како Рекет 2, Рекет 3, Рекет 4. Една од обвинетите покрај Јовановски во предметот за невладината „Меѓународен сојуз“ кој произлезе од истрагата за Рекет, е поранешната потпреседателка на Собранието и висок функционер во СДСМ Фросина Ременски.

Ременски неколку пати демантираше дека соработувала со осомничените во обид за изнуда на пари или, пак, за спорните проекти за старечки домови.

Таа иако била почесен претседател на Меѓународниот сојуз на Боки 13, тврди дека немала увид во ништо.

Во Обвинителството отворен е и предмет против поранешниот директор на ФЗО Ден Дончев. Русковска не соопшти детали до каде е истрагата за аферата која ја отвори опозицијата во која го обвинуваат за „Рекет“ од 800 илјади евра, или пак за последната објавена во јавност за пари кои ги наплатаил како услуга за консултации во време кога бил на функција.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошески кој беше и преговарач за СЈО, но и осомничен во предметот „Моќник“ на истото обвинителство за распродажба на државен имот, во јавноста неколку пати изјави дека Јанева и Јовановски не можеле сами да го изведат „Рекетот“ и дека зад нив стои лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Милошоски: Истражете дали има соучество на Заев во „Рекет“

„Апелираме Обвинителството за борба против организиран криминал итно да спроведе истрага за можното соучество на Зоран Заев во аферата „Рекет“ или можеби неговата улога на налогодавец на целата оваа финансиска афера. Она што исто така сметам дека во овој случај е битно е дека во телефонот на првообвинетиот во случајот „Рекет“ се тврди дека постои СМС-порака од 16 април минатата година каде што господинот бивши премиер Зоран Заев на првообвинетиот му испраќа порака: Дојди да се видиме и ќе ги соочиме доказите“, изјави на една прес конференција Милошоски.

Во меѓувреме, одекнаа и „бомби“ на кои како што тврди власта, се слуша како лидерот на ВМРО-ДПММЕ Христијан Мицкоски зборува со сега веќе осудениот Зоран Милески Кичеец за изборни активности во Охрид.

Од друга страна, пак Заев тврдеше дека тој прв го пријавил случајот за „Рекет“ во обвинителството.

Претходно целата изборна кампања во 2016 година на СДСМ се базираше на враќање на правдата и на парите кои, како што тврдеше, функционери од ВМРО ДПМНЕ ги украле од буџетот.

Бројчаникот на Порта Македонија беше само дел од тие ветувања.

Заев: наскоро ќе биде поставен бројчаник на „Порта Македонија“

Борба против корупцијата во туѓите табори

Реформите во судството беа најавувани на голема врата, владините тела кои требаше на нив да работат честопати менуваа „играчи“ кои сами во јавноста тврдеа дека си одат затоа што не сакаат да бидат декор. Политичките последици од „Рекет“ но и од незаврешните судски предмети каде се инволвирани високи функционери од поранешната власт, партиите ќе ги почуствуваат на изборите. Минатите избори токму поради проблеми со судството и обвинителството беше формирано Специјалното јавно обвинителство, кое сега се приспои кон редовното, а нивните предмети заглавија во судските лавиринти.

Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври лани поднесе обвинение против Јовановски, поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и Зоран Милевски. Претходно, во август обвинителството поднесе барање за притвор за тројцата обвинети.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG