Достапни линкови

Јанева – „Рекет“ е монтиран да се уништи СЈО


Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева на суд за случајот „Рекет“

Поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева пред судот рече дека случајот Рекет е монтиран само врз база на исказ на бизнисменот Орце Камчев, со цел да се растури СЈО и тој да се спаси од обвинение. Обвинителката Вилма Рускоска вели дека има докази против Јанева.

Не сум виновна, случајот „Рекет“ е монтиран за да биде уништено СЈО, се колнам дека не сум зела пари од никого за да ја олеснам положбата на осомничениот Орце Камчев, рече денеска пред судот во своја одбрана поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, барајќи да биде ослободена. Таа е обвинета дека заедно со поранешниот управител на телевизијата 1ТВ Бојан Јовановски, познат како Боки 13, и Зоран Милески Кичеец, изнудувале пари од бизнисменот Орце Камчев за да му ја олеснат положбата во случајот Империја, во кој СЈО го сомничеше за злосторничко здружение и перење пари.

„Ако треба да одговорам со тоа што после четири години обвинив функционери, ќе одговарам. Ако тоа ја задоволи правдата во Македонија, и јас сум задоволна“, рече Јанева, која денеска за првпат проговори за обвинението против неа.

Таа пред судот рече дека под секаква одговорност тврди дека не му понудила на Орце Камчев некоја поволност да се спаси како осомничен, ниту како сведок и оти може да се докаже дека тој не бил привилегиран.

„Тој само сакаше да соработува и инсистираше“, рече Јанева.

Таа тврди дека за сите барања за ослободување од притвор на Камчев дала негативно мислење, но судот сепак го пуштил во домашен притвор, а потоа бил и ослободен. Таа рече дека на Орце Камчев не му биле вратени пасошите, македонскиот и бугарскиот, туку дала позитивно мислење за да му се издаде времен пасош, а одлуката ја донел судот.

Јанева рече и дека кога бил извршен претрес кај осомничените вослучајот Империја, тие не биле изненадени и оти „расчистиле сè“, но сепак биле пронајдени докази.

„Врховниот суд ги ослободи и од куќен притвор сите од „Империја“. И до ден денешен никој не одговара за тоа. 18 од 19 судии гласаа дека ние повеќе не сме надлежни за нашите истраги“, рече Јанева пред судот.

Таа рече дека случајот „Империја“ во кој беше осомничен Камчев, го оставила скоро завршен, пред обвинение, и праша каде е сега тоа обвинение.

Јанева рече дека со Боки 13 никогаш не разговарала за предметите на СЈО, туку за мода и за љубов. За спорната гарнитура, која и се ставаше на товар дека ја добила како мито, рече дека си ја купила и оти има каса-прими дека ја платила во 1ТВ, кои ја добиле на компензација.

Таа рече дека во мај 2019 година ѝ било јасно дека СЈО треба да се укине и да се спои со редовното обвинителство, на што таа се противела.

Адвокатката на Јанева, Ирина Фрчкоска, по завршувањето на рочиштето, рече дека се покажало дека обвинителството нема никакви докази против Јанева и очекуваат ослободителна пресуда за „овој исконструиран настан, сè со цел да и се наштети на Катица Јанева“.

Другиот адвокат на Јанева, Дељо Кадиев, рече се зборува за 1,5 милиони евра, а „на судењето не видовме никакви докази за пари“. Тој рече дека било очигледно дека снимките што беа објавени во јавноста биле монтирани.

Италијанскиот весник Ла Верита во август минатата година објави аудио снимки од разговори меѓу Орце Камчев и Боки 13, на кои се слуша како тие разговараат за олеснување на условите за притвор. На видео-снимка од домот на Камчев, се гледа како тој им дава на Милески и на Јовановски торба во која наводно има 1,5 милиони евра. Неколку недели по тоа, Јанева беше уапсена и обвинета во случајот „Рекет“.

Обвинителката Вилма Русковска, пак, рече дека обвинението се темели на докази, и материјални и докази од сведочења на поранешните колеги на Јанева.

Обвинетиот Јовановски вчера пред судот рече дека „Рекет“ е конструкција на Орце Камчев преку осудениот Зоран Милески Кичеец да се спаси од „Империја“ и да го уништи СЈО. Тој рече дека Милески, како „оперативец на Камчев“, создал блиска врска со него по што ја злоупотребил за да може да се спаси неговиот работодавец од обвинувањата во предметот Империја и да го уништи СЈО. Јовановски вели дека немал начин како да влијае врз Јанева.

Инаку, во случајот „Рекет“ се обвинети Бојан Јовановски, познат како Боки 13 и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева дека изнудувале пари од бизнисменот Јордан Камчев за да му се укине мерката притвор во предметот „Империја“. Јанева е обвинета за злоупотреба на службената положба, а Јовановски за трговија со влијание.

Третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец, пак, на првото рочиште за „Рекет“, што се одржа во декември, призна вина за делото „примање награда за противзаконито влијание“, по што беше осуден на три години затвор. На Милевски пред неколку недели му беше укинат и куќниот притвор. Тој се жали на висината на казната.

Истрагата за „Империја“ е отворена на 9 ноември 2018 година каде што осомничени се Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска- Камчева, Христина Камчева- Стојческа и други за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители како злоупотреба на службена должност, измами и перење пари.

Повторно прислушувани разговори на Јутуб

Додека траеше денешното рочиште, на Јутуб беа објавени четири снимени разговори, наводно меѓу осудениот Зоран Милески Кичеец и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на која разговараат за изборите во Охрид. Според она што може да се чуе, не се работи за телефонски разговори, туку за снимени разговори во просторија. Разговорите на кои се слуша и женски глас, наводно се случуваат пред првиот круг од претседателските избори во април 2019 година.

Снимките се објавени денеска на јутуб-каналот Facts and Figures (Факти и бројки) на кој нема објавено други содржини.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG