Достапни линкови

Пет години од објавувањето на „бомбите“, довербата во судството на најниско ниво


Илустрација - Прислушување / Прислушувани разговори

Процесот на објавувањето на таканаречените „бомби“ можеше да биде шанса за конечно воспоставување на правна држава, но бидејќи тоа не се случи, сега како надеж останува процесот на пристапување на земјата кон ЕУ, што би требало да овозможи вистински реформи во правосудството, вели политичкиот аналитичар Џељал Незири.

Изминаа пет години откако Зоран Заев како лидер на тогашната опозициска СДСМ на 9 февруари 2015 година одржа прес-конференција на која ги објави првите нелегално прислушувани разговори, односно таканаречените „бомби“, како дел од проектот кој партијата го нарече „Вистината за Македонија.“

Заев тврдеше дека прислушуваните разговори докажуваат нелегални активности на функционери на тогашната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, образложувајќи дека снимките ги добил од вработени во македонските служби, а дека за прислушувањето биле одговорни тогашниот премиер Никола Груевски и директорот на УБК Сашо Мијалков кои незаконски прислушувале над 20 илјади граѓани: политичари, новинари, бизнисмени, претставници на граѓански организации, членови на владата и парламентот.

Некои од „бомбите“ предизвикаа масовни протести, но беа и причина за формирање на Специјалното јавно обвинителство. Но, сепак правна разрешница за тоа кој прислушувал и натамау нема. Во меѓувреме СЈО замина во историјата, а во моментов во Собранието е доставен закон за јавно обвинителство со кој е можно „бомбите“ да бидат забранети да се користат како индиции за сторени кривични дела.

До тогашното објавување на „бомбите“, во земјата веќе имаше политичка криза која потоа дополнително се продлабочи. Пред Заев да почне да ги објавува прислушуваните разговори, Груевски на прес-конференција го обвини за „Пуч“ по што Јавното обвинителство отвори и предмет против Заев кој потоа го презема СЈО. Груевски за материјалите кои ги објавуваше Заев, велеше дека се сечени, лепени и монтирани, а оти прислушувањето се првавело од жолти комбиња.

Власта ја деактивира „бомбата“ на Заев, го сомничи за пуч

Заев, пак, објавувајќи ги „бомбите“ ја обвинуваше власта дека прикривала убиство, местела избори и тендери, влијаела врз незаконски судски одлуки, дека корумпирала судии, поткупувала медиуми, организирала насилства во општина Центар, бесправно уривала приватни објекти и т.н. Објавувањето на овие материјали за многумина граѓани беа причина да веруваат дека инволвираните функционери ќе бидат процесуирани од страна на правосудството.

„Очекувањата беа големи, луѓето се надеваа дека после целиот овој процес на објавување серии на криминални активности кои се поврзани со високи личности, конечно истите тие ќе излезат пред лицето на правдата и ќе сносат конкретна одговорност. Исто така имаше надеж дека конечо ќе се прекине тој синџир на корупцијата кој се влече од осамостојувањето на државата, па се досега“, вели за РСЕ политичкиот аналитичар Џељал Незири.

Заев иако предвидуваше дека Груевски ќе даде оставка за три дена, тој оставка сепак даде месеци подоцна по долгите преговори во неколку продолженија за решавање на кризата со претставниците на меѓународната зедница и потпишувањето на Пржинскиот договор, според кој беше договорено да бидат одржани брзи предвремени избори со претходно формирање на техничка влада и оставка на премиерот 100 дена пред изборите.

Во Пржино беше договорено и формирањето на Специјално јавно обвинителство со мандат да утврди кој прислушувал, но и да отвора предмети против функционери кои го прекршиле законот. Вистинското име на институцијата беше Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Така, откако Заев изјави дека сите прислушувани разговори ги доставил до институцијарта, СЈО започна со отворање низа процеси базирани на разговорите. Првата прес-конференција на обвинителството беше одржана на 12 февруари 2016 година на која беше презентирана истрагата именувана како Титаник за изборни измами, па потоа следуваше истрагата Тортура каде како осомничен беше посочен директорот на УБК Сашо Мијалков.

СЈО одржа серија прес-конференции, меѓу кои и истрагата за Тврдина за тоа кој го вршел незаконското прислушување, како и Таргет, Транспортер и 15-тина други обвиненија кои почнуваат со буквата Т, а кои изминативе години стигнаа до судница.

Растот и падот на СЈО

Во април 2016 година, следуваше одлуката за аболиција на поранешниот претседател Ѓорге Иванов на 50-тина осомничени во истрагите на СЈО, која предизвика и масовни протести на „шарената револуција.“ Протестите се одржуваа пред тогашните привремени канцеларии на СЈО и продолжуваа со фрлање боја кон многу институции во главниот град. Притисокот беше причина Иванов потоа да ја повлече аболицијата и осомничените сепак да седнат на обвинителна клупа.

Досега, осуден е пораншениот премиер Никола Груевски за случајот со „набавка на мерцедесот“, за кој доби две години затворска казна, но сепак тој не се појави на издржување на казната и избега во Унгарија од каде објави дека добил политички азил.

Осудена е и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на четири години затвор за набавка на „мерцедесот“, но судовите и натаму ја одложуваат нејзината казна. Осудени има и за случајот за уништување на опрема за прислушување, а главните осудени разузнавачите Горан Грујевски и Никола Бошкоски избегаа од државата во соседна Грција.

Во меѓувреме, СЈО веќе не постои, откако на 15 јули минатата година јавноста беше изненадена од оставката на специјалната обвинителка Катица Јанева која дојде пред да бидат приведени Бојан Јовановски познат како Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец кои се осомичени во предметот Рекет на Јавното обвинителство, откако во јавноста беа објавени текстови дека се уценувани бизнисмени вклучени во истраги на СЈО, а следуваа и снимени разговори каде на интерфон се слуша и гласот на Јанева како учествува во разговори за постапки кои се воделе против бизнисменот Јордан Камчев. По проширувањето на истрагата за предметот Рекет, притвор беше побаран и за Јанева.

Рекет стигна и до Катица Јанева, судот одреди притвор за специјалната обвинителка

„Тоа што се случи никој не го очекуваше. Се случи таа надеж да биде корумпирана, надеж во смисла на новата институција која произлезе од целиот процес на објавување на тие прислушувани материјали, тоа е СЈО и таа надеж кај граѓаните згасна како едно светло на крајот на тунелот. Наместо таа институција да постапи по законите и конечно да биде предводник на една борба за правда, оваа институција фактички подлегна на корупцијата и беше инволвирана во истата и ја згасна и таа надеж која граѓаните ја имаа од моментот кога почнаа да се објавуваат бомбите“, вели Незири.

Тој додава дека во моментов смета оти довербата во судството е на најниско ниво, а дека партиите кон правната држава гледаат исклучиво од партиски агол и интереси. Според него, единствена надеж за воспоставување правна држава, во моментов останува процесот на пристапување на земјата кон членството во Европската унија.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG