Достапни линкови

Нови „бомби“ на Јутјуб за ланските претседателски избори


Јутјуб канал каде се објавени нелегално снимени разговори

Четири нови аудио снимени разговори се појавија на новиот јутјуб канал именуван како Facts and Figures во кои се слушаат разговори за кој дел од медиумите пишуваат дека наводно се слушаат гласовите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, осудениот во предметот Рекет Зоран Милески познат во јавноста како Кичеец и женска личност. Според текот на разговорите, се претпоставува дека тие се водени во периодот на претседателските избори минатата година.

Во разговорите се слуша како наводно осудениот Кичеец раскажува за своите теренски активности во Охрид и за стратегија околу изборите, при што, во дел од разговорите се спомнува и името на осомничениот бизнисмен во „Империја“ и сведок во „Рекет“ Јордан Камчев.

Објавувањето на овие аудио снимки доаѓа во период кога предметот „Рекет“ е во судска завршница и се очекува наскоро пресуда за обвинетите Бојан Јовановски и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева. Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ и за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари дека сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

На првото рочиште за „Рекет“, третообвинетиот Милевски призна вина и доби три години затвор. Според обвинението, тие се здружиле за да му земаат пари на бизнисменот Јордан Камчев, сведок во „Рекет“ во замена за олеснителни околности во предметот „Империја“ кој тогашното СЈО го водеше за него.

ВМРО-ДПМНЕ по објавувањето на аудио снимките во писмено соопштение изразува благодарност за, како што се вели во соопштението „ваквата петарда на Заев“ за да види народот дека нема ништо зад шпекулациите што ги пушта СДСМ.

„Лов во матно. Нема било што незаконски во објавеното аудио. Очајни се обидите на Зоран Заев и СДСМ да го свртат вниманието на јавноста од вистинскиот рекет и вистинскиот криминал на чие чело седи Зоран Заев“ се вели во соопштението.

Во продолжение е наведено дека лидерот на СДСМ Зоран Заев треба да одговори на обвинувањата на Бојан Јовановски во вчерашното сведочење дека Зоран Милевски е привезок на Зоран Заев.

„Во дел од сведочењето на прво обвинетиот Бојан Јовановски се дознава дека Заев ги наместил изборите во Охрид и дека имало изборни нерегуларности. Бојан Јовановски вели: „Заев со Кичеец зборуваа за местење на избори во Охрид, а Кичеец имаше своја паравојска“, се вели во соопштението на опозицијата.

СДСМ обвинува дека Зоран Милески познат како Кичеец бил ангажиран од ВМРО ДПМНЕ, и отвораат сомнежи за можен изборен криминал од опозицијата во Охрид за претседателските избори. Генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски на прес конференција изјави дека со новите објавени аудио снимки се открива дека Зоран Милески бил извршител на ВМРО – ДПМНЕ и дека лидерот на ВМРО -ДПМНЕ Христијан Мицкоски директно го ангажирал Кичеец за изборни цели и дека, како што вели, оваа снимка фрла светло на случајот „Рекет “ кое води во седиштето на ВМРО ДПМНЕ.

XS
SM
MD
LG