Достапни линкови

Билборди и герила акции за валкана изборна кампања


Комбо фотографија на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ Христијан Мицкоски и Зоран Заев
Комбо фотографија на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ Христијан Мицкоски и Зоран Заев

Изборната кампања официјално треба да започне на 23 март. Но, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ веќе одамна преку герила акции и билборди започнаа да го оцрнуваат политичкиот противник. Очекувањата се дека, валканите игри ќе се засилуваат во натамошниот период.

Изборната кампања иако уште официјално не е започната веќе се игра валкано преку герила акции и билборди за оцрнување на политичките противници. Засега на очиглед на граѓаните битката се води меѓу владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Не само што во изминатите денови осамнаа билборди чиј нарачател е ВМРО-ДПМНЕ, туку два од нив беа и опожарени.

„Еден се богати-два милиони осиромашуваат“, зачинето со фотографија од лидерот на СДСМ, Зоран Заев како носи чанта од брендот Луј Витон што алудира на случајот „Рекет“ е еден од билобордите преку кој опозициската партија сака да испрати порака за евентуална вмешаност на премиерот во криминални активности.

Со герила акција пак во корист на владејчката СДСМ на улица Македонија на минувачите на сликовит начин им се порачува дека државата била заробена од 2006 до 2017 година кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ. Со друга герила акција на плоштадот беше поставено „големо уво“ кое асоцира на скандалот со прислушувањето, како и мобилен телефон со објаснување за тоа кој се бил ставен на жешката линија.

Билбордите на ВМРО-ДПМНЕ беа опожарени, а герила акцијата беше киднапирана со летоци од Заев прикажан дека луѓето ги користи како марионети, а потоа и со играчка во форма на зајак која алудира дека поранешниот премиер ќе заврши во затвор.

Кампањата официјално треба да започне на 23 март. Изборниот законик ги дефинира ограничувањата за рекламирање од распишувањето на изборите до официјалниот почеток на кампањата кај електронските и печатените медиуми. Но, надворешното рекламирање и она на интернет медиумите не е опфатено со законот така што треба да се очекува дека кампањата таму ќе се води и пред нејзиниот старт, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

„Што се однесува до негативната кампања и тензиите кои постојат во македонскиот политички дискурс јас очекувам дека тие ќе продолжат од неколку причини бидејќи реално се соочуваме со дијаметрално спротиставени избори, високи тензии и висок политички анимозитет помеѓу двата големи блока. Така што не очекувам негативната кампања да се намали, напротив очекувам дека ќе се зголеми и вакви акции да очекуваме и понатаму“, вели Арсовски.

Двете партии организираа и протести или маршови за правда. ВМРО-ДПМНЕ објави и таканаречени бомби со кои повторно сакаше да алудира на евентуалната поврзаност на Заев во „Рекет“ и негово мешање во судството. СДСМ пак до Јавното обвинителство поднесе документи, кои според партијата, претставуваат сериозни индиции за испумпуање на пари на граѓаните од ЕЛЕМ во времето кога директор беше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Според Арсовски, гласачите не хомогена група и затоа кај голем дел од нив негативната кампања функционира.

„Тоа се партиските јадра и гласачите кои во основа се неопределени, но имаат препочитање околу својот политички избор. Кај класичните неопределени гласачи кои се дефакто аполитични, односно одлучуваат да излезат на гласање тогаш кога има висок политички влог, негативната кампања го намалува одѕивот. Ги прави апатетични, цинични, апстиненти во основа. Така што тоа се ефектите на негативните кампањи. За жал таа комуниколошки функционира и не треба да очекуваме партиските штабови од неа да се откажат“, додава Арсовски.

Државната изборна комисија предупреди дека партиите кои нема да се однесуваат одговорно ќе бидат казнети согласно одредбите од Изборниот Законик. Tехничкиот премиер Оливер Спасовски изјави дека очекува ова да биде една од најцрните капањи во историјата на Македонија.


  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG