Достапни линкови

Губење работа во корона-кризата и брзо опоравување по неа


Продавачка на пазар со заштитна маска во време на пандемија на коронавирус
Продавачка на пазар со заштитна маска во време на пандемија на коронавирус

Светските финансиски институции очекуваат пад на македонската економија меѓу 0,4 и 4 отсто годинава поради корона-кризата. Тоа ќе доведе до губење работни места, но власта очекува побрз раст по завршување на здравствената криза.

Губење работни места, намалување плати, а подоцна и поскапување на некои производи и зголемување на каматите за кредитите може да значи падот на економијата поради кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот.

Никој со сигурност не може да каже колкав ќе биде ефектот врз домашното стопанство од корона-кризата зашто сè уште не се знае колку време ќе трае борбата со пандемијата и кога ќе почне да заживува стопанската активност. Светската банка проценува пад од 0,4 отсто, додека ММФ оди со попесимистичко сценарио и очекува македонската економија да се намали за 4 отсто. Министерството за финансии најави дека наскоро ќе излезе со нивна проценка. Пред да почне пандемијата со коронавирусот, македонските власти очекуваа раст од 3,8 проценти.

Професор Борче Треновски вели дека падот на економијата веројатно би се движел некаде на средина меѓу песимистичкото и оптимистичкото сценарио, односно очекува пад меѓу 2,5 и 3,5 проценти. Тоа ќе значи губење работни места, со тоа ќе се намали потрошувачката, што ќе се одрази на фирмите што произведуваат, кои може скромно да ги намалат платите, а тоа пак ќе доведе до уште помала потрошувачка на производи, зашто луѓето ќе имаат помалку пари, објаснува тој. Владата сега се задолжува за да има пари за тековни расходи, но и за помош за претпријатијата да ја пребродат кризата, но кога ќе дојде време да се враќаат тие кредити, можно е и зголемување на некои даноци. По завршувањето на здравствената криза, фирмите исто така ќе бараат кредити за да го обноват производството, што може благо да ги зголеми каматите, а тоа ќе го почувствуваат и граѓаните, зашто може да дојде и поскапување на некои производи.

„Значи, тие се некои фактори кои би влијаеле на обичниот човек. Имаме плати, имаме цени, побарувачка, стандард на живот, можеби и поголеми фискални давачки кои ќе мора да ги плати и така натаму“, објаснува Треновски.

Економскиот аналитичар Висар Адеми се согласува дека намалувањето на куповната моќ на граѓаните потоа ќе предизвика цел синџир на реакции. Сепак, Адеми не се согласува со песимистичките сценарија дека без работа може да останат 90 или 100 илјади луѓе. Што си помал, помалку имаш да изгубиш, а во Македонија најголем дел од фирмите се мали и семејни фирми, вели тој.

„Ние имаме мали, семејни и микро-компании коишто не се интегрирани во регионалната економија, така што и не може да има толку големо влијание. Да, тие имаат помали примања, помал промет, што на крај ќе доведе и до губење на работни места, но тоа не е системска криза. За жал, ние сè уште не сме интегрирани на регионалните пазари како што треба, ние сепак, сме оскудни во извозно ориентираните дејности. 97 отсто од економијата зависи од купувањето на домашниот пазар и затоа кризата не е системска“, вели Адеми.

Минус во оваа економска криза е што сè уште е непознато како ќе се одвива справувањето со вирусот. На позитивната страна, пак, се очекува забрзан раст кога здравствената криза ќе заврши, рече министерката за финансии Нина Ангеловска на прес-конференција во неделата.

„Она што е можеби на некој начин позитивна вест за економијата е што оваа криза не е предизвикана од пад или нарушување на системот, туку станува збор за здравствена криза којашто се прелева во економијата и поради тоа се очекува процесот на опоравување да биде побрз. Тоа е на некој начин позитивно“, рече Ангеловска.

Како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот, Македонија на средината на минатиот месец ги затвори угостителските објекти и затворените трговски центри. Дел од услужните дејности затворија самите поради намален обем на работа, но и поради страв од пандемијата. Се проценува дека со ова без работа останаа десетици илјади луѓе. Владата обезбеди мерки за помош за погодените фирми да не ги отпуштаат работниците, со цел побрз рестарт на економијата по завршување на здравствената криза.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека очекува олабавување на владините мерки кон средината на мај, откако бројот на новозаразени од коронавирус ќе почне да се намалува.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG