Достапни линкови

Дебар се враќа во нормала, како се справуваат со кризата тетовци, битолчани и кумановци


Медицински перзонал во Дебар

По речиси еден месец во карантин поради коронавирусот, Дебар се враќа во нормала. Мерките го замреа Куманово, но кумановци против вирусот се „борат“ со шеги и досетки. Тетовци спасот го бараат на Попова Шапка, а вирусот на тест го стави космополитизмот во Битола.

Во Дебар започнаа кризните мерки. Откако на 26 февруари беше регистриран првиот позитивен случај во Македонија, Владата почна да воведува мерки и да забранува одредени активности, кои резултираа со затворени граници, прекинат авионски сообраќај, затворени школи, градинки, универзитети, временски и просторни забрани за одредени места, јавни и приватни собири, откажани се парламентарните избори. Откако повеќе случаи беа регистрирани во Дебар и во Центар Жупа, властите на 13 март воведоа кризна состојба во тој регион, со што беше забранет влез и излез од овие општини, а беше воведен посебен режим на движење на граѓаните внатре во општините.

Карантинот во Дебар дава позитивни резултати

Кенан Мимидиноски

Во општините Дебар и Центар Жупа каде беа евидентирани првите заболени лица од коронавирус во нашава земја, на 13 март беше прогласена кризна состојба. Воведувањето на кризната состојба во двете општини влијаеше во работата, живеењето и секојдневието.

Во хотелските капацитети на Дебарските бањи – Цапа ставен е клуч, додека пак над 250 вработени во Кoл- центрите кои функционираат во Дебар, вработените работните задачи ги вршат од своите домови. Не се евидентирани проблеми со снабдувањето со храна и лекови. На полициските пунктови на излезот од територијата на дебарската општина не се забележани поголеми проблеми, додека пак армиските патроли будно ја следат границата со Албанија за да нема илегални минувања. Општинскиот кризен штаб оценува дека безбедносната состојба е добра, додека градоначалникот Хекуран Дука кој е и прв човек на Штабот, вели дека карантинот во Дебар дава позитивни резултати.

„Овие мерки вродија со плод и ситуацијата беше ставена под контрола. Со оглед дека од овој регион имаме многу печалбари во Италија каде што има и голем број заболени, со карантинот ние можеме да вршиме контрола и имавме информации каде се дојдените и каде се движат тие. Фактички со мерките и кризната состојба беше спречен синџирот на проширување на епидемијата. Кај нас ете неколку дена нема регистрирани нови болни од коронавирус, што значи дека владините мерки влијаеја мошне позитивно“, вели градоначалникот.

Дука смета дека по истекот на 30-те дена од воведување на кризна состојба, надлежните институции се тие кои треба да одлучат дали карантинот треба да продолжи или не.

„По 30 дена, односно на 13 април завршува рокот на кризната состојба. После тоа се ќе зависи од состојбата. За тоа дали треба да се укине кризната состојба за нашата општина, или пак треба да продолжи и натаму, ќе зависи од оценката на надлежните институции, епидемиолозите и инфектолозите. Јас сметам дека и Дебар треба да ги има само општите мерки кои важат за цела држава“, додаде Дука.

Во изминатите 3 недели големо значење за населението имаше и зајакнувањето на болницата во Дебар со лекарски екипи од други болници од земјава.

По порастот на регистрирани заболени од Ковид-19, претседателот на државата, Стево Пендаровски на 18 март прогласи вонредна состојба на територија на целата држава во траење од 30 дена, а на 21 март воведен е и полициски час почнувајќи од 21 часот до 6 часот наутро. Подоцна овие мерки беа неколку пати променети, односно заострени.

По Дебар, втора издвоена мерка за некој град беше онаа од 3 април, кога Владата донесе одлука за полициски час во Општина Куманово и тоа целосна забрана за време на викенд, почнувајќи од 21 часот во петок до 5 часот во понеделник. Во работните денови, пак, забраната важи секој ден во периодот од 16 до 5 часот.

Куманово во време на корона-криза

Светлана Антиќ Јовчевска

Откако смртоносниот вирус Ковид-19 „влезе“ во кумановската болница и почна да носи човечки животи, Општинскиот штаб за заштита во справување со кризи постојано презема мерки за помош на граѓаните. Градоначалникот Максим Димитриевски смета дека во одредени состојби чувствува како најголемата локална самоуправа во државава да е оставена сама на себе. Освен апелите до граѓаните да ги почитуваат здравствените вонредни мерки, тој бара помош и од надлежните во државава, кои според него најчесто остануваат глуви. Забележува и дека од Центарот за социјални работи во Куманово не се вклучени во работата на Штабот.

Уште со воведување на првите мерки Куманово полека почна да замира, освен во времето предвидено за излегување од дома и снабдување со неопходни намирници, плаќање сметки, средства за дезинфекција и заштита, лекови, земање пензии. Несоодветната организација и неодговорноста на поединци и во времето на корона кризата се создаваа турканици пред банките и маркетите.

Многу кумановски приватни фирми поради намалениот обем на работа, а и поради заштита на вработените ставија клуч на врата. Некои вработени ќе останат без нивниот и онака мал приход, а голем дел кои биле вработени на одредено време добиле откази. Дел од фирмите кои поради дејноста што ја извршуваат се уште работат со скратено работно време. Јавниот превоз е запрен, така што граѓаните за на работа користат или сопствени возила или како што велат, се снаоѓаат со превоз од малкуте такси возила.

Некои од запрашаните граѓани велат дека ги следат и ги почитуваат мерките, а времето го организираат секој на свој начин.

„Бидејќи сум пензионерка, имам близу 90 години. За моја среќа на два чекора од мојата порта има маркет. Со маска и ракавици одам во времето определено за моја возраст, пазарам што ми е неопходно и секој ден земам дневен печат што се продава во маркетот“, вели Боркица Стојмановска. Таа додава дека со дел од потребните артикли ја снабдува синот, кој оди на работа, со скратено работно време и со целосна опрема за оваа состојба.

„Дел од времето го минувам читајќи весник, книги од тие што ги имам дома, Се обидувам да напишам некоја книга да оставам зад себе. Нешто како автобиографија, монографија, комбинација некоја, ама тоа кога сум расположена. Инаку готвам, колку можам работам по дома и така ми минува времето“, вели Стојмановска.

Таа во нејзиниот живот често пати се сеќава на тешките мигови кога во кумановската Соколана биле носени повредени луѓе во скопскиот земјотрес во 1963-та година. Други вонредни состојби не и оставиле голем печат, дури ни епидемијата на вариола вера во 1972 година.

Кумановка која е здравствен работник вели дека добро функционираат. На работа оди со сопствен превоз, а сите потребни намирници ги набавуваат во маркети. До сега не нарачувале по телефон.

РСЕ: Ви пречеше ли карантинот?

„Не, бев подготвена за такво нешто, бидејќи сум здравствен работник, дури сметам дека требаше многу порано да биде.“

За работа во кумановското здравство вели дека функционираат.

„Сега за сега издржуваме. Се снаоѓаме. Имаме донации, сами нешто правиме, се снаоѓаме како и секогаш. Ги имаме основните работи, јас сум на хирургија, немаме одела, но основните капи, маски, ракавици имаме“, вели оваа кумановка и додава дека вирусот ги изнесе на површина купените дипломи на дел од здравствените работници, кои покажале дека не се доволно подготвени ниту себе да се заштитат, ниту пациентите.

Кумановка која живее во иста куќа со синот и неговото семејство вели дека се однесуваат така како што предвидуваат мерките. Снаата не оди на работа, затоа што фирмата која произведува и продава храна е во близина на болницата. Синот со сопствен превоз оди на работа, каде што имаат заштитни одела, а и скратено работно време.

И во корона времето кумановци од дистанца се поздравуваат, не ретко стравот го заменуваат со по некоја шега и досетка.

Пандемијата поради Ковид 19 ја видоизмени сликата на познатиот туристички центар Попова Шапка. Имено, во туристичките објекти таму се сместени дел од луѓето кои се вратија од странски земји и мораат да минат 14 дена во карантин, а во викендичките и куќите во околината нивните сопственици се обидуваат да избегаат од реалноста.

Тетовци спасот го бараат на Попова Шапка

Александар Самарџиев

Попова Шапка наместо туристички центар во време на коронавирусот стана привремено живеалиште за одреден број луѓе. Над 200 лица од други градови 14 дена живеа во хотелска соба на Попова Шапка поради потребата од престој во државен карантин, откако се вратени од странство. Изолацијата за нив значеше дека мора да ја гледаат Попова Шапка само преку прозорец, а храна добиваа во собите.

„Од различни градови се. Луѓето се уредно сместени. Уредно им се дава храна, три оброци преку ден, доручек, ручек и вечера. Полицијата и Армијата се присутни на терен, си ја завршуваат својата работа. Собите им се топли, храната е топла и така поминуваат“, изјави Живе Алексовски, раководител на подружница Попова Шапка која стопанисува со двата хотела каде беа сместени дел од луѓето.

Привремено живеалиште на Попова Шапка имаат и дел од семејствата кои поседуваат објекти во викенд населбата. Драган Аврамовски од Тетово заедно со сопругата, двајцата пензионери, се меѓу оние кои периодов се таму за да бидат подалеку од потенцијалните жаришта на коронавирусот во градовите.

„Горе на Попова Шапка се одвива нормално живеење на населбата, со тоа што во овој период има поголема посетеност поради коронавирусот и пандемијата која владее во светот. Во населбата 50 до 80 викендички се активни со фамилии кои што се засолнети од коронавирусот. Полицискиот час горе се почитува доследно и раздвиженост преку ноќ немаме. Што се однесува до снабденоста на населбата, работи едно дуќанче кое што снабдено со најосновите артикли и нема проблеми со исхрана и набавка на прехранбени артикли“, вели Драган Аврамовски.

Престојот на Попова Шапка за повозрасни лица значи да се спојат препораките и корисното, вели Драган. Вака се далеку од градот и болестите во средина чија препознатливост е чистиот воздух и амбиент поволен за подобро здравје.

„Скоро 80 отсто од годишниот период го поминуваме горе. Така што единствено повремено се симнуваме по потреба за намирници, кога имаме родендени, прослави и така. Меѓутоа тоа во овој период тоа не може да се направи. Горе е еден рај за постари луѓе. Прво чистиот воздух, тишината која горе владее, за здрав живот, за продолжување на животот. За овие години ми се чини дека сум се подмладил најмалку за 10 години“, објаснува тетовецот Драган Аврамовски.

Битола стана регионален центар за лекување од Ковид 19. Сепак, најинтересни оттаму беа реакциите по одлуката во хотелот Епинал кој се наоѓа на главното шеталиште, да бидат сместени во карантин граѓани кои се враќаат од странство.

Коронавирусот на испит го стави космополитизмот на битолчани

Жанета Здравковска

Широк Сокак срцето на Битола, улицата каде пулсираше градскиот живот, збиралиште на друштвата, која стануваше тесна од навалица на гости на пладне, преку викенд и празници, со коронавирусот опусте како никогаш претходно. Кафулињата и рестораните се под клуч, па редици има само пред супер маркетите и банките. Битолчани со маски на лицето и полни кеси храна ќе претрчаат низ Широк Сокак, а некои ќе прошетаат за да фатат сонце или да ги истегнат нозете.

„Подолго време Широк Сокак е само шеталиште низ кое битолчани ја одржуваат само својата кондиција“, вели Диоген Хаџи Коста Милевски, соработник на Правниот факултет при Битолскиот универзитет.

„Доколку се излезе низ Битола се има впечаток дека е поубаво од времето пред короната зашто има помалку луѓе, нема загадување, дека и во времето на снегот и на сонцето Битола е убава. Она што не можеме од тие убавини во овој момент да ги уживаме, ќе ги гледаме од тераса“, вели Светлана Петковска, претседателска на Здружение на жени од Битола.

Дел од угостителските објекти и тоа оние најголемите, Широк Сокак при Епинал и Молика на Пелистер прераснаа во карантини за македонски државјани кои се враќаат од странство. Во Битола која од секогаш се сметала за космополитска, ова предизвика и негативни коментари на социјалните мрежи. Па, некои бараа и дислокација и се закануваа, но имаше и такви кои порачаа дека човечноста и хуманоста ќе го преживеат ова време на корона, а стравот го убива и разумот.

„Битола е космополитски град и карантинот што се случува во Битола е можност нашите луѓе кои беа низ светот да имаат пристојно сместување за време на изолацијата од 14 дена. Иако првично реакцијата на некои беше малку негативна кон карантинот, луѓето откако сфатија како тоа функционира, го сменија својот став зашто Битола е отворен град“, рече Хаџи Коста Милевски.

Петковска, пак, порачува од кризава треба да излеземе како подобри луѓе.

„Да бидеме погрижливи кон околината, кон соседите, да им го фрлиме сметот, без трие да знаат. Кога падна снегот јас и ќерка му исчистивме девет возила, соседите не ни знаеја за тоа, мислеа сонцето ги исчисти. Да се грижиме за старите лица кои се сами дома, луѓето кои се грижат за нив да имаат специјални пропусници зашто многу е лошо да умре некој сам во четири ѕида, а два дена или три да нема кој да го види само поради короната“, вели таа.

Во Битола, како најголем град во југо-западниот Регион во земјава сместен е и Регионалниот центар за лекување на болни од КОВИД-19.

„Се договоривме болницата во Битола да биде Регионален центар за пациенти од Југо-западниот регион и сите пациенти кои се трансферирани таму се од Охрид, поточно од Струшко“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Инфективното одделение во битолската Клиничка болница е физички одделено од главната болничка зграда, па од болницата уверуваат дека нема причина за вознемиреност кај битолчани. Имаат подготвено 35 легла со можност да се зголемат до сто и ги следат сите медицински протоколи. Повеќето битолчани бараат да не се стигматизираат болните и оние кои се во изолација, а Болницата да се стави на располагање на болните.

„Луѓето да не шират омраза посебно негативни коментари на социјалните мрежи зашто може на секој да ни се случи. Исто така и Клиничката болница во Битола да биде Регионален центар за кризна состојба зашто болницата е оспособена и со кадар и со два влеза, секој спрат е одделен и има капацитет“, вели Љубица Митревска, дипломиран фармацевт од Битола.

  • 16x9 Image

    Благоја Кузмановски

    Во новинарството е од 1993 година, кога почнува да работи во дневната редакција на Македонското радио. Бил уредник и водител на сите дневно – политички информативни емисии на програмите на радиото. Од 2002 година е шеф на дописништвото на Радио Слободна Европа во Скопје.

XS
SM
MD
LG