Достапни линкови

Камионскиот транспорт непречено, возачите во домашен карантин


Камиони на царина на граничен премин
Камиони на царина на граничен премин

Неколку возачи на камиони останале во странски држави, најпрвин поради тоа што немале дозволи за движење, а сега затоа што мислат дека треба да одат во карантин. Но, од асоцијацијата на превозници Макам-Транс велат дека возачите не се доволно информирани и за нив не важи правилото за карантин, бидејќи не се обични патници.

Камионот на пет македонски возачи им е дом веќе три недели, бидејќи поради пандемијата со коронавирусот и мерките за спречување на ширење на болеста тие морале да останат во Чешка додека чекале нивните фирми да им обезбедат дозвола за движење по затворањето на границите. Еден од нив е и Ѓорѓи Атанасов, кој заедно со останатите колеги е стациониран во близината на Прага. Тој за странска компанија од земјата превезува автомобили наменети за македонскиот пазар.

„Ние сме да речеме во карантин три недели овде на триесет километри од Прага, каде компанијата има своја база. Камионите ни се паркирани. Камионите ни се како стан тука. Имаме некое импровизирано купатило затоа што е предвидено за краток пат и тури на пример за ден или два и потоа човек да си замине. Сега сме ние еден подолг период, па ни фалат и некои други работи“, вели Атанасов.

Откако компанијата им обезбедила дозвола како и роба за транспорт сега стравот на Атанасов и неговите колеги е дали ќе има потреба да оди во карантин и каде ќе треба да ги остават нивните камиони.

„Ја откажавме таа тура и најверојатно Чесите ќе ја возат за да може да се врати камионот одма назад. Камионот треба да го оставиме на безбедно место, а државата не ти гарантира затоа сите откажавме и не може да се движиме. Карантинот е преголем. Триесет дена, прво државен, па после и домашен“, додава Атанасов.

Но, Билјана Муратовска од асоцијацијата на превозници Макам-Транс вели дека македонските државјани кои возат за странска фирма како што е случајот со Атанасов, доколку имаат работна дозвола или пасош од друга земја, не треба да одат во државен карантин. Проблемот е што тие не се доволно информирани, посочува таа.

„Доколку работат во странство, дали е тоа Полска, Чешка, Словенија или Германија, а имаат македонски пасоши во нив мора да има и работна виза. Во тој случај и возилото и возачот се сметаат за странски превозници и никогаш во државава немале проблем да се движат, ниту некој им кажал да имаат карантин. На почетокот нашите превозници потпишуваа изјава за самоизолација, односно 14 дена карантин. Меѓутоа со дозволите кои ги обезбедивме преку Државниот санитерен инспекторат си пишува дека се укинува карантинот, затоа што возачот е самоизолиран во камионот“, вели Муратовска.

Таа појаснува дека проблем се јавил со сите оние возачи кои отишле да работат в странство, но без работна дозвола и сега да се вратат дома. Тогаш, како што наведува Муратовска е задолжителен карантинот, оти возачите на камиони се третираат само како обични патници. Околу 90 отсто од македонските превозници имаат дозвола за транспорт, кој според Муратовска се одвива забавено, но непречено.

„Затоа што Европската комисија заедно со државите од Балканот и членки на ЦЕФТА донесоа одредби за вршење на превозот по таканаречени зелени коридори. Значи сега немаме проблем. Најголемите проблеми беа на Балканот, односно од Хрватска, Словенија, Србија, меѓутоа тие се надминаа со овие зелени коридори и за никаде не важи правилото карантин“, додава Муратовска.

Владата вчера ги соопшти мерките за лицата кои патуваат низ земјите со среден и висок ризик на КОВИД – 19, а кои управуваат тешки моторни возила за превоз на прехранбени артикли и друго. Во мерките се наведува дека по нивното враќање во државата е задолжителна комплетна дезинфекција на превозните средства, а доколку возачите пројават симптоми да се јават кај нивниот матичен лекар.

Апликација во борба против КОВИД-19
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:13 0:00

„За возачите по враќање во Северна Македонија важат препораките како за останатите патници кои доаѓаат од овие земји за задолжителна самоизолација во домашни услови или во објект определен од фирмата превозник“, наведуваат од Владата.

Фирмата превозник, според Владата е должна да го пријави возачот во Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а во МВР местото каде ќе се спроведува самоизолацијата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG