Достапни линкови

За Велигден 85 часа дома - што сè нè очекува


Архивска фотографија- Литургија за Велигден во храмот св Климент Охридски

Владата денеска одлучи да се ограничи движењето на граѓаните за Велигден, па тие нема да може да ги напуштат домовите од петок попладне до вторник наутро. Граѓаните минатиот викенд беа дома 61 час.

Велигден македонските граѓани кои го слават, оваа година ќе го дочекаат со долг полициски час. Владата на денешната седница одлучи да се забрани движењето на граѓаните од петок во 16 часот до вторник до 5 часот. Граѓаните 85 часа нема да можат да ги напуштат своите домови, а ваквите мерки владата вели дека ги презема во обид да го спречи ширењето на коронавирусот.

Премиерот Оливер Спасовски на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук ја објави владината одлука, наведувајќи дека останува активна забраната за движење за сите граѓани на ниво на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16:00 часот до 05:00 часот наредниот ден.

„Дополнително, од четврток 16 април 16 часот, до вторник 21 април 05 часот, се забранува движење на сите излетнички места, паркови и шуми низ целата држава“, напиша Спасовски.

Другите мерки донесени досега остануваат исти, па луѓето кои имаат над 67 години може да излегуваат од 10 до 12 часот, а оние под 18 години од 13 до 15 часот во текот на работната недела. Останува и забраната за движење на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што тука, наведуваат од владата,не се вбројуваат лицата помали од 14 години, доколку се деца на родител кој е дел од групата од двајца.

Ова ќе биде втор по времетраење полициски час во земјава. Граѓаните викендов што помина беа дома 61 час. Првпат за коронавирусот, но и во историјата на Македонија, полициски час Владата воведе на 21 март во времетраење од 21 часот до 6 часот наутро, па потоа го прошири од 16 часот до 6 часот во текот на работната недела.

Нови 26 заболени, вкупно 854 потврдени случаи на Ковид-19

Инаку, според последните информации од Министерството за здравство четворица пациенти со Ковид-19 починале на Клиниката за инфективни болести, од кои двајца од Скопје – пациентка на 79 години и пациент на 63-годишна возраст, 58-годишен од Велес и 67-годишен пациент од Прилеп.

Во изминатите 24 часа, како што соопшти министерството, се дијагностицирани 26 нови случаи на заразени со коронавирусот, од кои најмногу во Куманово, 11 луѓе. Со нив, вкупниот број на дијагностицирани пациенти во нашата земја достигна 854 лица.


Министерот за здравство Венко Филипче денеска на прес конференција рече дека пикот на заразата од коронавирусот се уште не е достигнат и најави дека во текот на неделава во функција ќе се стават две дополнителни лаборатории – лабораторијата во МАНУ и во Институтот за судска медицина со што ќе се скрати времето на чекање на резултатите од тестовите за коронавирусот.

За Дебар, град кој прв беше ставен под посебни мерки, а каде што со денови веќе нема новозоболени, Филипче најави и спроведување на скрининг за што ќе биде искористена донацијата од 20.000 тестови за откривање антитетела.

„Ќе направиме еден скрининг во бројка од 20-30 отсто од вкупното насление во регионите во кои досега имаше мерки на рестрикција на движење воведени уште пред вонредната ситуација со што сакаме да направиме скрининг на населението и да се процени имунитетот, што ќе биде одличен пример за тоа што би можеле да очекуваме и на ниво на целата држава во оној момент кога ќе одлучиме дека треба да се прави таков скрининг со антитела согласно времето на епидемијата, односно времето во кое се наоѓаме на епидемиолошката крива“, рече Филипче.

И католички Велигден помина со рестриктивни мерки

Рестриктивните мерки пред Велигден, пак, беа очекувани, а неколкупати како можности ги спомена и Филипче. Со празни храмови и верниците кои слават Велигден според Јулијанскиот календар викендов што помина го пречекаа празникот.

Па така црквите беа затворени повеќето земји, а во некои како Австралија властите се заканија со големи парични казни, па дури и затворски за оние кои без посебна причина ќе го напуштат домот за време на велигденските празници. Одлука за затворање на црквите донесе и рускиот православен синод. Во Русија Велигден се прославува исто како и во Македонија, престојниот викенд.

Според последните бројки до попладнево во светот има над милион и 800 илјади болни од коронавирус, а повеќе од 115 000 починале. Речиси сите европски земји имаат воведено рестриктивни мерки на движење, а неколку балкански, Македонија, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија и Босна и Херцеговина и полициски час.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG