Достапни линкови

Косово - Притвор за жена која поттикнувала тероризам преку Фејсбук


Судот во Приштина, на барање на Специјалното обвинителство и одреди едномесечен притвор на Игбал Бериша – Худути за поттикнување на терористички дела од Кривичниот законик на Косово. Судот соопшти дека таа преку објави на социјалната мрежа Фејбук поттикнувала извршување на терористичко дело. Во соопштението од Судот се наведува дека постои можност, ако таа се брани од слобода, да побегне за да не се соочи со одговорноста.

Полицијата ја уапси Бериша-Худути, лидерка на мала шиитска заедница во југозападниот дел на Косово, по објавите на социјалната мрежа во кои се изјасни против убиството на иранскиот генерал Касем Солејмани за време на американските воздушни напади. Таа во неколку постови го изјаснуваше своето мислење за Солејмани, критикувајќи ги САД за убиството и опишувајќи го Солејмани како „голем човек“. Според локалните медиуми таа напишала и дека „со убивањето на господарот на куќата, се убиваат и сите членови на семејството, тогаш осветата е задолжителна и нема граници“. Потоа ги избриша постовите, велејќи дека локалните медиуми ја извадиле од контекст.

Косовските власти дадоа поддршка за делувањето на американските власти против иранските активности.

Убиството на Солејмани, командант на иранската Револуционерна гарда, на 3 јануари, ги зголеми стравувањата за конфликт меѓу САД и Иран.

XS
SM
MD
LG