Родителите на загинатите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ побараа правда и одговорност, пратеници од ВМРО - ДПМНЕ бараа Димитар Апасиев, претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, да се изземе и да не го води ова тело бидејќи „е неспособен да гарантира непристрансот и објективност“.
Вака течеше почетокот на седницата на оваа собраниска комисија на која единствена точка е претставката од здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“ за трагедијата во „Пулс“ пред девет месеци во која загинаа 63 луѓе а повеќе од 200 беа повредени.
Целиот државен врв, премиерот Христијан Мицкоски, претседателката на државата Гордана Сиљановска - Давкова и претседателот на Собранието, Африм Гаши, беа присутни на седницата на Анкетната комисија.
Анкетната комисија беше свикана од Апасиев, лидер на опозициската партија „Левица“, кој е и претседател на комисијата. Пред почетокот на седницата од „Левица“ порачаа дека власта денеска го полага испитот за доверба, оценувајќи дека пратениците од власта имаат должност да присуствуваат на седницата за трагедијата во Кочани.
Родителите бараат „вистинска правда“ за загинатите
Марија Петрушова, мајка на жртва во пожарот, рече дека трагедијата е резултат на системски пропусти и негрижа, посочи дека се сослушани само поранешни, а не и актуелни функционери и побара случајот да се разгледа како сериозна повреда на човековите права, со посебен акцент на правото на живот.
„За нас ова не е политика - ова е борба за живот. Државата мора да ја пооправи неправдата. Владата има законска и морална одговорност да постапи праведно и одговорно. За нашите деца - вистинска правда. За вашите деца - безбедност, за сите нас - иднина“, рече Петрушова во обраќањето пред пратениците и пред државниот врв.
Таа кажа дека наместо брза и темелна истрага, родителите на загинатите деца се принудени „да ја молат државата за правда“. Се пожали дека ниту Владата ниту премиерот и по еден месец по изборите не дале одговор на барањето на здружението „16 март“ за институционална еднократна помош, што според неа, остава впечаток дека темата за Кочани не се третира со неопходната итност.
ВМРО-ДПМНЕ против Апасиев на чело на комисијата
Од ВМРО-ДПМНЕ се обрати пратеничката Иванка Василевска. Таа им укажа на родителите дека се што ќе биде кажано пред оваа анкетна комисија ќе нема никаква правна основа да се поведе одговорност, „но може да биде употребена за нечие иземање од одговорност“.
„Сите длабоко нѐ погоди оваа ужасна и незамислива трагедија. Комплетно ја разбираме ситуацијата во која се наоѓате. Нашето срца се цело време со вас. Нема да дозволиме да бидете ни злоупотребени, ни изманипулирани. И ние исто како и вие, сакаме да ја дознаеме вистината за трагедијата и бараме одговорност за истата, но сакам да ве предупредам дека за она за кое сме собрани денес тука, нема да биде постигната посакуваната цел“, рече Василевска.
Таа рече дека Апасиев ги довел родителите во стапица откако по негови јавни тврдења дека „обвинението ќе падне пред суд бидејќи е килаво поставено“ и дека одредени обвинети немаат каузална врска со последиците од пожарот.
Тоа, според Василевска, го прави Апасиев лице чија непристрасност е доведена во прашање, па дури и во сомнеж и побара тој да се изземе и да не ја води комисијата, што Апасиев го одби.
Додевска го прочита и писмото што јавниот обвинител Љупчо Коцевски го испрати до Собранието на барање на спикерот Африм Гаши, а во кое Коцевски вели дека формирање анкетна комисија во Собранието не би било целисходно и потребно во овој момент, а дека по судската постапка може да се формира таква комисија за да се бара политичка одговорност.
Коцевски во писмото апелира да не се водат паралелни истраги за да не се наштети на истрагите и да не се компромитираат докази и сведоци.
Апасиев рече дека ова писмо не се однесува на Постојната анкетна комисија за за заштита на слободите и правата на граѓаните, која е уставна категорија, туку на друга комисија што власта сака да ја формира.
Станува збор за уште една Анкетна комисија што ќе ги утврдува околностите и постапувањето на институциите во серија трагедии и несреќи во Северна Македонија. Иницијативата за ваква комисија ја поднесоа пратеници одвладејачките партии ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ.
Комисијата ќе ги опфати настаните во Кочани, пожарот во Модуларната болница во Тетово, несреќата со автобусот на „Беса Транс“ и сообраќајната несреќа кај Ласкарци. Во сите имаше човечки жртви.
На 3 декември, Собранието со 84 гласа „за“ изгласа одлука да се формира таква комисија.
Мицкоски: Правда во рамки на Анкетна комисија не може да има
На седницата присуствуваше, но не се обрати премиерот Христијан Мицкоски. Во изјава дадена надвор пред законодавниот дом, кажа дека дошол на комисијата за да ги слушне излагањата, кои генерално му се познати од порано.
„Правда на Анкетна комисија не може да има, само во судски процес. Беше прочитано и писмото на јавниот обвинител дека не може да присуствува, дека ако ги изнесе фактите и деталите од истрагата тогаш ќе влијае на истрагата. За да има правда мора да има факти од истрагата, што може да се компромитира и тие кои треба да бидат одговорни, нема повеќе да бидат одговорни. Вистинското прашање зошто токму сега после девет месеци од трагедија и зошто континуирано некој прави политичлки егзибиции?“, изјави Мицкоски.
Кога станува збор за другата Анкетна комисија, иницирана од владејачките партии која треба да ги опфати и останатите три несреќни случаи, премиерот кажа дека за нив може многу лесно да се зборува бидејќи сите факти се веќе изнесени.
„За другите три случаи во прв степен е завршен, а за некои и во втор степен, сите детали од истрагата се познати во јавноста и може да се дискутира во рамки на Анкетна расправа, изнесени се сите факти кои се резултат на истрага“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека сочувствува со болката на семејствата кои ги загубија нивните најмили и дека државата ќе направи се што е во нејзина моќ за сите оние кои се лекуваат.
Продолжува судењето за пожарот во „Пулс“
Во меѓувреме, во Основниот кривичен суд Скопје продолжува судскиот процес во кој обвинети се пожарот во дискотеката „Пулс“ се 35 лица и три фирми – сите за делото „предизвикување на тешки дела против општата сигурност“.
Крешник Бектеши и Ваљон Сарачини, како поранешни министри за економија, исто така, се опфатени со обвинението. На списокот се и еден државен секретар и петмина службеници од Министерството за економија кое е надлежно за издавање лиценци за ноќните клубови.
Обвинет е и актуелниот министер без ресор во Владата, Шабан Салиу, кој се гони како поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување, заедно со уште тројца други бивши директори, но и еден генерален инспектор кој бил раководител на инспекциска служба во ДЗС.
Се гонат и локални инспектори, како што се на пример, тројца градежни инспектори од општина Кочани, членови на обезбедувањето…
На рочиштето на 2 декември, сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Кочанскиот обвинител Борче Јанев рече дека „катастрофата што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани не настана само од пропусти на една човечка рака“. Овој настан, како што рече Јанев, не е несреќа или случајна игра на судбината туку „се работи за цел сплет и низа на надоврзани пропусти, синџир од замижувања“.
На обвинителна клупа седат сопственикот на дискотеката „Пулс“, управители, инспектори, членови на обезбедување, јавни службеници и поранешни градоначалници и функционери.
Според обвинението, тие се обвинети за „тешките дела против општата сигурност“, од кои едно од најсериозните обвиненија е дека еден од осомничените, наводно примил мито за издавање лажни дозволи што овозможувале функционирање на дискотеката под друг правен вид.