Достапни линкови

Тетовци ќе почекаат за регионална депонија


Контејнери со смет во Тетово.

Досега немало пари и соодветен кадар, но сега се обезбедени пари за депонијата. Сепак првин ќе се работи на документација и бирократија, а дури потоа на градење на депонијата.

Иако постои официјална стратегија од пред повеќе од деценија за создавање на регионалната депонија Русино, како трајно решение за управувањето со сметот, во полошкиот регион, до конечна реализација на замисленото, граѓаните најверојатно ќе почекаат уште неколку години.

Претставниците на институците на локално и централно ниво се правдаат дека досега немало пари и соодветен кадар. Сега се обезбедени средства, но допрвин ќе се работи на документација и бирократијата додека за градење и користење на депонијата уште ќе се чека.

Ана Каранфиловска - Мазневска, раководител на сектор на управување со отпад при Министерството за животна средина и просторно планирање вели дека Националниот план е воспоставен уште во 2005. Таа вели дека обврска на општините било да воспостават свои локални програми и планови за управување со отпад и регионални планови за управување со отпад.

„Бидејќи малку се доцнеше во целиов овој процес заради недостаток и на човечки капацитети и на стручност и на средства финансиски пред сè Владата обезбедува помош за секој посебно од регионите. Дел од регионите беа покриени преку ИПА Програмата, преку ИПА средства кои ни беа на располагање и за шест региони се изработија регионални планови за управување со отпад со физибилити студии, со анализа на трошоци и придобивки и се дојде до еден идеен проект. За полошкиот регион Владата обезбеди средства во соработка со швајцарската Влада. Во првата фаза околу еден милион и деветстотини илјади швајцарски франци се обезбедени, за подготовка на планските документи. Зошто без план и програма не можете да ниту да го инвестирате системот“, вели таа.

„Се работи за меѓуопштински договор кој во однос на финансирањето беше проблем. Со влегување на швајцарските партнери тоа овозможува да биде постабилен и подолгорочен проект. И во моментот да немаме зголемување на давачки на граѓаните во однос на функционирањето на тој процес“, истакна градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.

Луѓето од невладиниот сектор и медиумите се оние кои го поставуваат прашањето кога ќе биде реализираната идејата и ги сензибилизираат институциите да ги интензивираат дејствата.

„Долги години се разговара за регионални депонии, а никако да се случат тие депонии. Во консултации со граѓанските организации и граѓаните ова е едно од најжешки прашања за кои сметаат дека треба да се најде решение сега и веднаш. Сметаме дека со сите случувања поврзани со загадувањето прашањето на регионалнтие депонии не може да биде оставено на страна“, вели Гонце Јаковлеска од програмата Цивика Мобилитас.

Тие беа организатори на една дебата посветена на тоа кога ќе биде спроведена националната стратегија за управување со отпад.

XS
SM
MD
LG