Достапни линкови

Чадот од депонијата ги труе дебарчани


Дебарската депонија гори

Чадот и миризбата кои се шират кога ќе се запали дебарската депонија им создаваат здравствени проблеми на жителите. Локалните власти велат дека немаат пари за механизација за да ја одржуваат депонијата.

Хаотичната состојба на Дебарската депонија, која се наоѓа во близина на патот Дебар – граничен премин „Блато“, на македонско – албанската граница ги гуши дебарчани, бидејќи многу често несовесни граѓани палат смет. Чадот и миризбата кои се шират му создаваат и здравствени проблеми на населението. Во Јавното комунално претпријатие „Стандард“, кое стопанисува со депонијата и ја одржува јавната хигиена во градот, признаваат дека депонијата ја загадува животната средина, но притоа објаснуваат дека се немоќни да го решат проблемот.

„Во Дебар депонијата се пали од луѓе. Тоа создава големи проблеми. Клучен проблем е немањето од наша страна на потребна машинерија со која би се одржувала депонијата. Исто така треба да не се дозволи палење на депонијата, бидејќи потоа таа тешко се гаси. Ние имаме расправано за овој проблем и со локалната власт. Без да се обезбеди потребна машинерија, таа тешко се одржува. Депониите се проблем во сите градови, а решението треба да се гледа во формирањето на шесте регионални депонии во Македонија“, истакнува Омер Цами, раководител на секторот за одржување на јавната хигиена при ЈКП „Стандард“.

Реакциите на граѓаните се бројни, а околу овој горлив проблем расправаше и Советот на општина Дебар, подвлекува членот на Советот, Абдија Мерсовски.

„Проблемот со депонијата во Дебар е голем. За овој проблем расправаше и Советот на општината. Се договоривме да се воспостави 24-часовна чуварска служба за да се спречи палењето, бидејќи тоа лошо делува кон здравјето на луѓето. Се прават напори проблемот да се надмине. Друг проблем е и немањето на мерна станица за загаденоста на воздухот. Дебар треба да го има тоа“, вели тој.

Локалната власт и јавното комунално претпријатие се обидуваат да изнајдат средства за да се реши проблемот, но додека се надмине проблемот, жителите на Дебар останува да се гушат од чадот на депонијата.

  • 16x9 Image

    Кенан Мимидиновски

    Кенан Мимидиновски, роден 1954 во Дебар. Завршил Правен факултет во Скопје, а со новинарство професионално се занимава 30 години. Најпрвин во Радио Дебар како новинар, а подоцна 12 години и како главен и одговорен уредник . Дописник на Радио Слободна Европа од Дебар е од 2001 година.

XS
SM
MD
LG