Достапни линкови

Општините ја блокираат изградбата на регионалните депонии


Депонијата Дрисла во близина на Скопје

Постојат готови проекти за изградба на регионални депонии во Македонија, за кои се обезбедени и средства, но нема реализација бидејќи некои општини не се задоволни од одредените локации, велат експерти. Од Министерството за животна средина велат: граѓаните не се доволно информирани за проектите.

Изработени се стратегии за решавање на проблемите со загадувањето на животната средина во Македонија, но нема интензивна реализација од страна на надлежните институции во земјава, вели професор Трајче Стафилов од Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Во изминатиот период од дваесетина години, Европската унија финансираше проекти со коишто се изработија стратегии со помош на експерти од Европа, објаснува Стафилов.

Тој посочува оти изработка на такви стратегии исто така финансирале и други фонадации, како Фондот на Обединетите нации или Јапонската фондација, но според него недостасува доволна решителност и ангажираност на властите во нивно спроведување.

Стафилов вели дека постојат стратегии против загарувањето на водите и воздухот, но и за изградба на регионалните депонии.

„На пример, стратегии за отпад имаме, не може да се договорат општините во која општина ќе бидат регионалните депонии и стоиме на тој план. Ниту една регионална депонија не е изградена, иако имаме достапни средства“, вели Стафилов.

Регионалните депонии, според познавачи, треба да бидат изградени во насока на решавање на проблемот со вкупно 54 општински депонии во земјава кои не исполнуваат никакви стандарди, а 35 отсото од нив се високо ризични за здравјето на граѓаните.

Депонии во Македонија
Депонии во Македонија

Точно е дека постои проблем за воспоставување на регионален интегриран систем за управување со отпадот, вели портпаролката на Министерството за животна средина и просторно планирање Беса Татеши.

Постојат проекти финасирани од ИПА фондовите, подготвена е целата потребна документација за системот да стапи во сила и врз основа на тоа одредени се локации за иградба на депониите.

„Проблемот е што со овие локации не се задоволни некои од општините, бидејќи не сакаат депонии во нивните општини“, вели Татеши.

Таа го посочува примерот со Југозападниот регион, за кој е предвидено регионалната депонија да биде изградена во општина Дебарца, но како што вели, граѓаните се противат.

„Најголемиот проблем е што граѓаните не се доволно информирани што значи депонија изградена според стандарди“, вели Татеши.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека наскоро ќе почне изградбата на една регионална депонија за потребите на општините во рамките на Источниот и Североисточниот регион, која ќе чини 46,7 милиони евра, средства обезбедени преку ИПА фондовите.

Во Планот за затворање на нестандардните депонии во Македонија е потенцираното дека секаков вид на отпад (индустриски, медицински, градежен, од домаќинствата) се отстранува во импровизирани депонии, спротивно на меѓународните стандарди за депонии.

Според мерењата на Асоцијацијата за чиста животна средина „Ајде Македонија“, во земјава дполнително има околу 2000 илјади диви депонии, помали или поголеми.

Извршниот директор на „Ајде Македонија“, Блаже Јосифовски, вели дека процесот треба да се забрза преку воспоставување на систем за селекција на отпадот во сите општини во Македонија.

„Преку подигнување на свеста на граѓаните, преку политики за превенција за создавањето на отпадот и сето тоа заедно со создавањето на регионални депонии според европски стандарди, се крајното за решение за проблемот“, вели Јосифовски.

Освен со општиниските депонии, во Македонија постои сериозен проблем со над 19 милиони тони индустриски отпад што на годишно ниво го создаваат постоечките рудници, металургијата и термоелектраните, со што големи површини од почвите, водите, воздухот и храната во Македонија во континуитет се загадуваат со тешки метали.

Според тоа, во земјава се дефинирани 16 таканаречени еколошки жешки точки во кои, според научните истражувања, сериозно ја загрозуваат животната средина и за чие отстранување се потребни стотици милиони евра, податоци кои се научно докажани од страна на префесор Стафилов.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG