Достапни линкови

Деца отворија „бесплатен шпајз“ во Америка за храна за сиромашните


Аманда Сантана и Ана Риси

Аманда Сантана и Ана Риси, кои имаат по 12 години, го поставиле плакарот во нивната населба Александрија минатата година и напишале: „Земете што ви треба, оставете што можете“.

Во неделата, во близина на реката Потомак во главниот град на САД, Вашингтон, две девојчиња бришеа прашина од плакар во близина на прометна улица. Плакарот е полн со овошје, конзервирана храна, пасти за заби, детски книги и многу друго, пишува Ројтерс.

Аманда Сантана и Ана Риси, кои имаат по 12 години, го поставиле плакарот во нивната населба Александрија минатата година и напишале: „Земете што ви треба, оставете што можете“.

На нивно големо изненадување многумина го прават токму тоа. Жителите на населбата редовно го полнат „шпајзот“ со нерасиплива храна, хигиенски производи и играчки за бесплатно да им ги направат достапни на тие што им треба.

Нивниот локален проект е дел од светското движење „Мал бесплатен шпајз“, кој им овозможува 24-часовен пристап до храна и други основни потреби на оние на кои им треба, а не можат да си го дозволат, во нивното соседство.

Основачката на иницијативата, Џесика Меклард, ја моделирала идејата според проектот„ Мала бесплатна библиотека“, во кој луѓе и фирми во повеќе од 90 земји во светот имаат поставено шкафови низ градовите, каде што луѓето може да си земат и да остават книга. Нејзиниот проект почна во 2016 година во Фајтвил, Арканзас, која се смета за една од најнесигурните со храна држави во САД.

Девојчињата што го отворија „шпајзот“ во Вашингтон неодамна сретнале човек што го користи.

„Ни рече: денеска после многу долго време јадев свеж домат. Тоа ми предизвика насмевка“, рече Сантана.

Гладот во САД се прошири за време на рецесијата во 2008 година и едвај се опорави до претходните нивоа, покажуваат владините податоци од септември. Минатата година повеќе од 11 отсто од населението живееле во домаќинства во кои нема сигурност на храна, покажува извештајот на Министерството за земјоделство.

Проектот „Мал бесплатен шпајз“ под мотото „Хранење на соседите, негување на соседствата“ досега има отворено 670 „објекти“, а идејата се проширила во Европа, Канада, Јужна Африка, Филипини и Нов Зеланд, вели Меклард. Таа вели дека е наједноставно кога се поставуваат на приватно земјиште, зашто тогаш има помалку владини регулативи и не се потребни дозволи.

Активистите велат дека ширум САД имаат и проблеми, зашто некои жители се жалат дека „шпајзовите“ може да го попречат сообраќајот или да привлечат сиромашни луѓе во нивното соседство.

XS
SM
MD
LG