Достапни линкови

Расте невработеноста кај младите во светот


Шпанија, редови пред центарот за вработување во Малага.
Шпанија, редови пред центарот за вработување во Малага.

Глобалната криза нерамномерно ги погоди новите генерации на работници кои се соочуваат со растечка неактивност, несигурна работа и сиромаштија. Овој тренд ја минира иднината на светската младина и подготвува терен за социјални немири.

Акмал Дилдорбек има 23 години и е жител на Душанбе, во Таџикистан. Тој пред две години дипломира, но како и неговите другари, од тогаш е невработен. Единствена шанса за него е да замине во Русија за да најде слабо платена работа.
Невработен сум и седам дома. Јас сум компјутрески програмер и конкурирав секаде каде што бараат таква професија. Во банки, компании, приватни фирми. Ќе продолжам да барам работа. Ако не најдам ништо ќе одам во Москва и ќе станам гастрбајтер.
Акмал Дилдорбек жител на Таџикистан.

„Невработен сум и седам дома. Јас сум компјутрески програмер и конкурирав секаде каде што бараат таква професија. Во банки, компании, приватни фирми. Ќе продолжам да барам работа. Ако не најдам ништо ќе одам во Москва и ќе станам гастрбајтер.“
Биро за вработување во Атина.
Биро за вработување во Атина.

Тој е еден од многубројните млади луѓе кои ја губат надежта во иднината на глобалната економија која сега е потресена од финансиската криза. Веќе се јавија предупредувања од таканаречена „загубена генерација“ на млади работници кои се соочуваат со експлозивна мешавина на несигурни работни места во индустријализираниот свет и високата потреба за работна сила во земјите во развој. Според Обединетите нации, повеќе од 75 милиони млади меѓу 15 и 24 години се без работа, скоро 4 милиони повеќе од почетокот на глобалната финансиска криза во 2007 година. Повеќе од 6 милиони од нив се откажале од барање работа.
Младите луѓе повеќе страдаат од дискриминација од другите. Во време на економски раст тие вообичаено се последните кои се вработуваат. Во време на криза, тие се првите кои ќе бидат отпуштени.
Метју Коњак, експерт за невработеност на младите во ОН.

Тешкотиите со кои се соочуваат младите луѓе ја рефлектираат слабоста на пазарот на трудот во светот. Метју Коњак, експерт за невработеноста на младите во Светската организација за Радио Слободна Европа вели дека младите се оставени сами на себе.

„Младите луѓе повеќе страдаат од дискриминација од другите. Во време на економски раст тие вообичаено се последните кои се вработуваат. Во време на криза, тие се првите кои ќе бидат отпуштени“, вели тој.

Во Европската унија, секој петти жител под 25 години не може да најде работа. Исто така многумина од нив се принудени на договори за скратено работно време или на вработување на црно. Невработеноста е посебно акутна во Шпанија и Грција, каде што половина од високообразовниот кадар не може да најде работа. Изгледите на пазарот на трудот остануваат замаглени во делови на азиско-пацифичкиот регион каде што живее најголемата млада популација во светот. Секој шестти е невработен во Тајван и на Филипините, а од овој просек не е далеку ни Индонезија. Најзагрозени региони се Блискиот Исток и Северна Африка каде на секој четврти млад човек еден нема работа.

Главниот фокус во Европа е врз создавањето работни места, бидејќи ги нема доволно. Главниот фокус во Азија исто така е врз создавањето нови работни места, но всушност е врз нивниот квалитет, бидејќи има недостиг на социјална заштита. Младите едноставно, немаат друга опција отколку да работат во тешки услови.
Биро за вработување во Дохук, Ирак
Биро за вработување во Дохук, Ирак

Секоја година на пазарот на труд влегуваат нови 40 милиони млади што, пак, според експертите, претставува своевидна економска и социјална темпирана бомба. Колку за пример, ваквиот неискористен потенцијал е од посебна важност за земјите чие население старее. Тоа со други зборови значи дека помалиот број млади кои се вработени неминовно доведува до помали придонеси за социјалните програми. Од друга страна, подолготрајната невработеност кај младите луѓе придонесува за нивна се помала работноспособност. ОЕЦД смета дека тое е поврзано со растечки социјални ризици, што пак може да доведе до социјални немири. Таков беше случајот со бранот протести за време на Арапската пролет во почетокот на 2011 година. Неодамна, острите мерки за штедење, заедно со слабиот економски раст, предизвикаа протести во јужна Европа.

Коњак смета дека политичарите ги забележале деструктивните ефекти од невработеноста кај младите.

„Гледаме како голем број земји одобруваат или развиваат акциони планови или стратегии за вработување млади луѓе.“

Француската влада донесе програма од скоро три милијарди евра со која државата ќе ги финасира трошоците за формирање 150 илјади работни места во наредните две години.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG