Достапни линкови

Светот пред глад, жед, сиромаштија и насилства


Ваква е мрачната иднина од прегрејувањето на Земјата што си ја предизвикаа самите луѓе. Она што е најважно во предупредувањето на научниците е дека воопшто не станува збор за некаква далечна иднина, туку за период од десет до дваесет години.

Доколку мислите дека климатските промени се опасност само за поларните мечки и тоа по многу години, грешите. Ова е пораката на климатолозите и научниците во најновиот извештај за последиците од глобалното затоплување. Всушност, како што се наведува, опасностите се непосредни и најмногу се однесуваат на луѓето.


Клучната порака на документот, подготвуван за да им посочи на светските лидери колку проблемот е голем, е дека ефектите од глобалното затоплување не се само топењето на мразот, зачестените промени на времето и големите поплави и суши кои веќе имаат последици врз животните и растенијата. Станува збор за проблеми со кои се соочува човекот: глад, болести, бегалци, војни.
Секоја деценија е потопла од претходната во текот на последните 40 години. Со други зборови, деценијата 2001-2010 беше потопла од 90-тите години, кои, пак, беа потопли од 80-тите години.
Мишел Жаро, генерален секретар на Светската метеоролшка организација.

„Секоја деценија е потопла од претходната во текот на последните 40 години. Со други зборови, деценијата 2001-2010 беше потопла од 90-тите години, кои, пак, беа потопли од 80-тите години“, вели генералниот секретар на Светската метеоролшка организација Мишел Жаро како потврда дека глобалното затоплување е долгорочен тренд.

Обединетите нации во 1988 година формираа Комисија за климатските промени која работи во три групи. Првата ги испитува причините, втората последиците, а третата начините за намалување на глобалното затоплување.

Според нив, горењето на јагленот, нафтата и гасот создава штетни гасови кои ја менуваат и затоплуваат климата.

„Јасно е дека ние не сме подготвени за ваков тежок развој на настаните“, вели експертот Крис Филд. А тие, според извештајот, се:

Насилства

За прв пат се спомнува поврзаноста меѓу конфликтите и високите температури. Се прецизира дека затоплувањето нема да предизвика војни, туку тоа ќе биде голем фактор за дестабилизација.

Скапа храна

Глобалните цени на храната ќе пораснат меѓу 3 и 84 проценти до 2050 година.

Немање вода

Една третина од светската популација ќе се соочи со намалување на водените ресурси за 10 насто до 2080 година. Со секој степен на загревање човештвото губи се повеќе извори на води.

Лошо здравје

Изгладнетоста и жедта ќе бидат причини за влошување на здравјето на луѓето, како и за појава на голем број заразни заболувања.

Сиромаштија

Сиромашните ќе стануваат се посиромашни. Главно поради намалувањето на економскиот раст.

Климатските промени веќе се случуваат. Топлотните бранови, зголеменото ниво на морињата, зачестените поплави и другите промени кои имаат последици врз здравјето на природата и човекот се секојдневие. Проблемот е што ќе станува се полошо во наредниве десет до 20 години, заклучуваат научниците.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG