Достапни линкови

Камчев ги доставил снимките до JO пред да излезат во јавност


Обвинителството во предистрага ги поседувало снимките кои излегоа во јавноста за случајот „Рекет“, а дали тие ќе се користат како доказ ќе одлучува Судскиот совет откако ќе биде покренато обвинение.

Снимките кои ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“ за случајот „Рекет“ Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ги поседувало уште пред тие да се појават во јавност. Снимките ги доставил бизнисменот Орце Камчев, кој е сведок во случајот. Се уште не се знае како тие завршиле во „Ла Верита“, а од обвинителството соопштија дека снимките не излегле од кај нив. Дали тие ќе се користат како доказ ќе биде познато кога ќе биде покренато обвинение за случајот.

Весникот објави аудио снимки и едно видео во кои, како што наведоа, може да се види и слушне како осомничените во случајот Бојан Јовановски познат како Боки 13 и Зоран Милески со прекар Кичеец се договараат со бизнисменот Орце Камчев, тој да не биде гонет од СЈО за случајот „Империја.

„Снимките што ги поседува обвинителството се доставени од страна на сведокот инволвиран во случајот во текот на предистражната постапка и соодвествуваат со објавените снимки“, велат од обвинителството на прашањето дали посочените материјали биле доставени до нив пред нивното објавување.

Според обвинителството Судскиот совет одлучува за снимките.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција располага и секојдневно прибира доказни материјали за предметот „Рекет“ што во понатамошниот тек на постапката ќе бидат приложени како докази во евентуалната судска постапка. Судскиот совет има право да ги прифати или да не ги прифати приложените докази“, се наведува во одговорот.

Видеото откри дека во февруари на средба на Јовановски и Милески со Камчев, како што наведува весникот, се гледаат спакувани евра со рачно испишани спецификации на листови хартија. Аудио снимките, според весникот, покажаа дека и специјална јавна обвинителка Катица Јанева контактирала со Камчев. Се откри и каков бил планот за ослободување на Камчев од притвор и враќање на неговиот пасош.

Обвинителката Вилма Русковска кога ја презентираше истрагата изјави дека се собрани повеќе вербални и материјални докази и во моментот имаат две осомничени лица.

„Тие преку јавен обвинител влијаеле да се олесни положбата на едно осомничено лице во постапка што ја водел тој јавен обвинител. Значи немаме повеќе од две осомничени лица.

Јанева по последните снимки во кои, како што се наведува, го уверува Камчев дека се ќе биде во ред реагираше преку соопштение дека водела преговори со него да стане соработник на СЈО.

„Во конкретниот случај, во тој период, се водеа преговори од моја страна со лицето О.К. да стане соработник – сведок во една нова предистрага која ја водевме во Обвинителството, заедно со еден од моите помошници обвинители“, истакна Јанева.

Доколку дојде до судска постапка и Јовески изјави дека снимените материјали ќе бидат презентирани како доказ. Засега нема проширување на истрагата и на други лица.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG