Достапни линкови

Половична искористеност на европските фондови


Македонските институции половично ги користат парите од европските фондови покажуваат извештаите од ЕУ. Причините за неискористеноста на европските фондови, граѓанскиот сектор ги гледа во ненавремено програмирање и слабите административни капацитети. Најслаба искористеност покажуваат секторите транспорт и животна средина, каде што и најмногу пари и се потребни на државата

Ја реобјавуваме саботната анализа првично објавена на 8 јуни 2019

Трактори, машини за обработка на производи во стопанството, обнова на домови и нивно претворање во хотели и хостели за развој на туризам во рурални средини, водовод и канализација, пречистителни станици, колектори, мостови, улици и патишта, возила и контејнери за расчистување на диви депонии, научно технолошки парк.

Ова се само дел од работите што во земјава се градат или се во план да се изградат со европски пари, односно со кофинасирање од европските пристапни фондовите.

Со инструментот за пристапна помош (ИПА) на Македонија и се дадени на располагање милијарда и двесте милиони евра во временска рамка од 12 години. Односно во ИПА 1 која се спроведува од 2007 до 2013 и во ИПА 2 чија временска рамка е од 2014 до 2020 година се ставени по околу 600 милиони евра за раст и развој на државата, за градење на институции, владеење на право и човекови права, образование, за инфраструктура како и за развој на животна средина.

Но, проблемот е во тоа што македонските институции не ги искористиле до крај парите кои како неповратни средства Европа ни ги понуди.

Според податоците од европските извештаи, Македонија половично ги искористила пристапните фондови.

Од 641 милион евра од ИПА 1 државата прикажала искористеност од 70 проценти или 437 милиони евра од склучени договори. Вака прикажаната слика укажува на задоволително ниво на искористеност на европските пари, но во пракса сликата е за нијанса поинаква. Проблемот е во тоа што тука се вметнати и склучени договорени кои не се реализирани, па реалната бројка за искористеноста е за речиси 25 проценти помала, што значи искористеноста е околу 300 милиони евра.

Од втората ИПА државата до сега потрошила 151 милиони евра. До 2018 година се програмирани 362 милиони евра, што значи дека ни остануваат речиси 200 милиони кои дополнително ќе треба да се програмираат, односно поради крајот на временската рамка нема да може да се искористат и ќе треба да се вратат.

Ненавремено програмирање и слаби административни капацитети

Невладиниот сектор укажува дека во овој инструмент се гледа различна динамика на искористеноста на парите. Оние пари кои се управуваат со директен менаџмент, преку телата на Европската унија вклучително и Делегацијата на ЕУ се карактеризираат со поголема искористеност за разлика од оние пари кои ги користи нашата држава преку институциите задолжени за ИПАРД, вели Александар Колекевски од невладината организација Евротинк која се занимава со мониторинг на искористеност на европските фондови.

Причините за неискористеноста на европските фондови, граѓанскиот сектор ги гледа во ненавремено програмирање и слабите административни капацитети.

„Неможноста да се задржат кадрите, бидејќи има голема стапка на напуштање на работните места на луѓето кои што се обучени, не се преземени мерки за тоа. Сето тоа во прашање ги доведува перформансите на целата ИПА структура како надлежните се поставени кон имплементирањето на овие програми“, вели Колекески.

Во најновиот извештај на ЕУ најпроблематична е искористеноста на програмите за животна средина која е некаде околу 9 проценти и за транспорт со 20 проценти, но заедно со склучени договори. Во 2018 година од ИПА фондот за животна средина се искористени 20 милиони евра за транспорт и врски 25 милиони евра. За 2019 година во овие сектори се програмирани 9 милиони евра за животна средина и 35 милиони за транспорт и врски.

Тоа се сектори за кои министрите задолжени за нив во јавност постојано се жалат дека немаат доволно пари во нивните каси за лесна и непречена изградба на патишта и справување со загадувањето на воздухот.

Колекески вели дека проблемот е и во тоа како министерствата се поставени кон програмирањето и спроведувањето на проектите кои се финансираат од ИПА.

„Првиот проблем потекнува во недостатокот на национални програми кои што можат директно да се преточат за користење на ИПА средства, има проблем со техничките документации, има проблем со изготвување на проекти со самото место, па понатаму и со договорите, така што ненавременото планирање и подготовка се одразуваат и во спроведувањето,“ вели Колекески.

Анализата на Центарот за европски стратегии - Евротинк, покажува загрижувачки проблем кој се однесува на трендот на намалување на годишното распоредување на парите од ИПА, како и сериозни предизвици со реализацијата на проектите за кои се склучени договори. Во неа е наведено дека се забележани и пробивање на роковите и враќање на средствата во буџетот на ЕУ, како резултат на недостатоците на системот. Дополнително проблем се и неспроведените планирани, односно откажани проекти.

Како последица на откажани договори, нема да има колектор за отпадни води во Гостивар, Кавадарци и Дебар, а нема да се прави и пречистителната станица за отпадни води во Враништа и проширување на колекторскиот систем за Охридско Езеро. Откажан е и проектот за модернизација на пругите Велес-Битола, Скопје (Ѓорче Петров)–Кичево. Повлечен е и проектот кој требаше да каже дали може да се изгради систем за собирање и третман на отпадни води во Скопје.

Колекески додава дека покрај ИПА-та треба да се спомнат и програмите на Унијата кои се отворени за нашата земја, како што е Еразмус програмата. Парите од оваа програма сезначително искористени.

„Тука се и Хоризонт 20 20 за наука и истражување за технолошки развој, во таа програма има учество на македонски компании и универзитети. Но проблемот е што македонските организации не се јавуваат како носители на проекти или сосема ретко се јавуваат како носители, а токму тоа носи најголема полза од таквите програми“, објаснува Колекевски.

Во една анализа од Стопанската комората е наведено дека од програмата „Хоризонт 20 – 20“ за седум години Македонија повлекла само 7,3 милиони евра, од вкупно 80 милијарди наменети за сите европски земји.

Слабости во областите транспорт и животна средина

Последниот извештај на Европската комисија за напредокот на државата покажува дека е постигнат одреден напредок во зајакнувањето на националниот капацитет за стратешко планирање и следење на ЕУ фондови.

Како забелешки и препораки за годинава во извештајот е наведено дека треба да се надгради административниот капацитет за управување со ИПА и да се подобри динамиката во склучување на договори и спроведување на проектите финансирани од ЕУ, особено во областите на транспортот и животната средина.

Потоа ЕУ бара да се обезбеди транспарентноста и видливоста на резултатите од проектот.

„Политиката за задржување на вработените и управувањето со човечките ресурси останува прашање на загриженост. ИКT системите во рамките на структурите не обезбедуваат разумни гаранции за управување со безбедноста на информациите“, се вели во извештајот.

Европската комисија изразува загриженост и во однос нафинансиското управување, контролата и ревизијата, иако, како што се вели во извештајот набавката и склучувањето на договори за ЕУ фондовите постепено се подобрува.

„Потребно е да се подобри веродостојноста на набавките, склучувањето на договорите и предвидувањата за исплата, заедно со капацитетите на ресорните министерства за да се завршат навремено зрелите проекти“, пишува во извештајот на Европската комисија.

Но има и позитивни примери

Од друга страна во земјава со таа половична искористеност бележи и позитивни примери. Љубомир Блажевски и Славе Билјан со европски пари си го подобрија бизнисот. Билјан со 120 илјади евра од ИПАРД програмата од ИПА фондот успеал да го претвори семејниот бизнис во мала фабрика во Струга. Блажевски со помош од ИПАРД купил механизација со која го зголемил производството на овошје.​

Расте интересот на земјоделците за парите од ИПАРД

Романското гратче Лункавица живее од европските фондови

Романија е земја членка на ЕУ која својот евроинтегративен пат го трасираше со пари од европските фондови. Пример за тоа е романското гратче Лункавица на југоистокот на оваа балканска земја, кое во изминативе години успеа да привлече многу пари од Европската унија за развојни проекти. Од европските фондови се добиени повеќе од 55 милиони евра или речиси 12 илјади евра за секој од неговите 4.600 жители.

Гоце Атанасов

Романското гратче Лункавица во изминативе години успеа да привлече многу пари од Европската унија за развојни проекти. Од европските фондови се добиени повеќе од 55 милиони евра или речиси 12 илјади евра за секој од неговите 4.600 жители.

Меѓу другите проекти, од парите на Европската унија беа финансирани локалниот водовод и канализацијата, пречистителната станица, беа изградени патишта и реновирани училиштата.

Градоначалникот на Лункавица Стефан Илие вели дека тоа многу придонесе за развојот на местото.

„Нејзината важност е од фундаментално значење за нашиот развој и ако Романија утре би излегла од ЕУ, таа ќе се врати во комунизмот во рок од пет години и само можеме да се надеваме дека ќе ја врзуваме црвената марама околу нашите вратови како пионери и ќе почнеме да маршираме на улиците“, вели Илие.

Мариоара Банеа, 63-годишна локална пензионерка, се сеќава колку тешко се живеело пред влезот на Романија во Унијата.

„ЕУ ми го смени животот. Сега имаме вода. Во селото по вода одевме на бунар, а таму требаше да чекаме. Потоа изградија и канализација“, вели пензионерката.

И покрај тоа што околу 3,6 милиони Романци, повеќето под 40-годишна возраст, ја напуштиле земјата откако таа влезе во ЕУ во 2007 година, европските пари помагаат некои од нив да се вратат во Лункавица.

Таков е и случајот со 34 годишниот Раду Чанепа кој се врати од Италија и отвори мала фарма. Тој со 30.000 евра добиени од Европската унија купи земјиште и пет крави. Продажбата на млекото му носи заработувачка од илјада евра месечно. Запрашан што би правел без помошта на Унијата тој вели:

„Мислам дека се уште би бил во Италија. Работев таму шест години и ако не беа овие средства, нема да можевме да се обидеме и да направиме нешто“.

Чанепа се надева дека ќе аплицира за дополнителни 10.000 евра за да го прошири својот бизнис.

Валентина Раду исто така работела во Италија. Меѓутоа, кога нејзиниот сопруг ја загубил работата, не можеле да ги плаќаат сметките и решиле да се вратат дома. Тие, исто така, користеа средства од ЕУ за да купат мала фарма, која сега има 25 крави. Но, Раду сакала да има и втор бизнис, кројачница. За таа цел купила машини и суровини за 70.000 евра што ги доби од ЕУ. Сега нејзините традиционални романски блузи и здолништа се многу барани. Раду е многу благодарна за улогата на ЕУ во нејзините успешни претпријатија, велејќи дека Унијата и го смени живот на подобро.

Како и да е, и покрај придобивките поврзани со ЕУ, изборите за европаралементот во Романија минаа со многу мал одѕив на гласачите.

Сорин Јонита, политички аналитичар од Букурешт вели:

„Европа е нешто далеку, нешто што и онака функционира без нас.“

Со тоа не се согласува Валентира Раду која пред годинашните избори за европскиот парламент изјави:

„Се разбира, дека ќе одам да гласам затоа што сакам да го проширам мојот бизнис, а можам да го направам тоа со фондовите на ЕУ“, рече Раду.

За следната ИПА конкуренцијата ќе биде жестока

Домашните фирми не треба да се обесхрабруваат од обемните и долготрајни процедури, да аплицираат за поддршката од ЕУ и да стекнат повеќе искуство во овој домен зашто допрва, по почетокот на преговорите и особено по влезот во Унијата, ќе имаат на располагање многу поголем број фондови и средства, апелираше неодамна Стопанската комора.

Од 2021 година се отвора нов европски ИПА фонд вреден 11 милијарди евра кој ќе се води овој пат по нови правила. Упатените велат дека сега конкуренцијата ќе биде жестока и ќе се води вистински натпревар за тоа кој ќе искористи повеќе пари.

„Тука имаме ситуација каде средствата ќе бидат дадени на располагање и нема директно распоредување по држави што значи дека ако ние не искористиме тие средства државите од соседство ќе ги искористат, ќе има голема конкурентност“, вели Колекески.

Тој објаснува дека ЕУ сака во ИПА 3 да го забрза користењето на парите, и доколку не се посветиме на тоа да научиме како да аплицираме за проекти и да изнајдеме начин да го задржиме обучениот кадар постои ризик да изгубиме многу пари.

„Ќе треба да се натпреваруваме со другите држави од проширувањето. Некои земји од соседството веќе сериозно се занимаваат со овие проблеми и може да бидеме доведени во ситуација подобрите корисници, односно подобрите ученици да бидат многу повеќе наградени, најскапите програми ќе бидат во енергетиката, животна средина, транспорт и врски.“

Некои земји ќе може да искористат и милијарди евра за свој развој, додава тој.

За споредба Косово од ИПА програмата 2014 – 2020 на располагање има 645 милиони евра од кои до сега односно до 2018 година веќе искористил 350 милиони евра.

На Србија, пак на располагање со овој фонд и се оставени милијарда и пол евра од кои до 2018 година 800 милиони евра. Најмалку пари се предвидени за Црна Гора, 270 милиони евра од кои до 2018 година се искористени 150 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG