Достапни линкови

За еколошките стандарди на ЕУ Македонија нема ни пари, ни луѓе


Илустрација

Еколошкото законодавство на ЕУ содржи над 700 нормативни акти и претставува едно од најобемните поглавја кои соодветно треба да бидат пресликани во македонските закони и потоа да се спроведуват.

Со буџет од околу 20 милиони евра државата планира да ги решава проблемите со животната средина кои чинат стотици милиони евра. Очекувањата на претставниците на власта се оваа година да ги почнат преговорите со Европската унија, а тоа значи и отворање на Поглавјето 27 за животна средина. Стандардите кои треба да се исполнат, освен многу пари, бараат и соодветен стручен кадар.

За 2019 година државата од централниот буџет издвои вкупно шест милиони евра за животна средина, во услови кога земјата во блиска иднина ќе се соочи со обврски наметнати од Европската унија чие исполнување ќе чини стотици милиони евра.

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, во неделното интервју на Радио Слободна Европа, вели дека од вкупниот буџет за животна средина, пет милиони евра се за инвестиции, а сите министерства заедно за проекти за заштита на животната средина имаат вкупно 22 милиони евра.

„Значи вкупно за Планот за чист воздух од два милионa, има уште 22,3 милиони евра коишто се наменети за животната средина“, вели Макрадули.

За почнување на преговорите со ЕУ и отворање и на Поглавјето 27 - животна средина, тој вели дека очекува Министерството да добие поинаков третман од Владата, бидејќи исполнувањето на Поглавјето 27 чини многу пари.

„За да ги задоволиме стандардите за спречување на штетните емисии во воздухот, потребни се стотици милиони евра. И затоа, себично гледано, ова ќе биде институција која ќе има многу значење, бидејќи која било европска земја, ако сака да го спречи патот на Северна Македонија кон ЕУ, може да ги користи деловите од животната средина“, вели Макрадули.

Еколошкото законодавство на ЕУ содржи над 700 нормативни акти и претставува едно од најобемните поглавја кои соодветно треба да бидат транспонирани во нашето законодавство и потоа да се имплементираат, вели Александра Бујароска од граѓанската организација „Фронт 21/42.“

Ова е поглавје кое директно или индиректно навлегува речиси во сите сфери на општеството, објаснува Бујароска, наведувајќи дека ЕУ има исклучително високи стандарди кои се развивале низ годините со цел наоѓање соодветни решенија за огромните предизвици и проблеми за загадувањето.

„Хармонизацијата на нашето законодавство, особено онаа практична имплементација со цел исполнување на овие високи стандарди, мислам дека носи толку сериозни предизвици, за коишто сè уште, за жал, структурите кај нас воопшто не се ниту свесни, ниту спремни за истите вистински да ги рефлектираат во нашите политики. Токму затоа, заради обемноста и финансиски тешкото спроведување, е едно од поглавјата кое последно се затвора во процесот на пристапување кон ЕУ“, вели Бујароска.

Во однос на кадарот потребен за овој процес, Макрадули вели дека тоа е хендикеп кој постои во целата администрација, што е случај со повеќе сектори во Министерството за животна средина. Тој посочува оти одредена бројка луѓе кои стекнале знаење и обука користејќи европски фондови потоа заминале да работат во приватни компании или во странство.

Макрадули додава дека кадри од Министерството ќе го користат искуството на Црна Гора, која веќе преговара со ЕУ, односно тимови од земјава кои ќе го набљудуваат процесот за да ја утврдат имплементацијата и хармонизацијата со ЕУ, но и потребните средства.

Големите финансиски средства ќе бидат потребни за имплементирање на законите за животна средина, вели Бујароска: на пример цела индустрија ќе треба да се усогласи со најдобрите достапни техники, додавајќи дека индустријата во земјава моментално се усогласува со старите правила на ЕУ.

Дополнително, вели таа, иста ќе биде постапката во однос на управувањето со заштитените подрачја, бидејќи како што вели, во моментов имаме делумно прогласување на одреден дел од заштитените подрачја кои допрва ќе треба да бидат дел од мрежата Натура 2000, како и за климатските промени - области кои се преобемни и многу скапи.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG