Достапни линкови

Која е добивката од соработката меѓу Северна Македонија и Грција?


Скопје- премиерите на Северна Македонија и на Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас, 02.04.2019

Грција станува силен регионален играч со контролата на небото врз Црна Гора, Албанија и Северна Македонија. Грција и Северна Македонија се надеваат на силно користење на ЕУ фондовите поради што Атина лобира земјава да добие датум за преговори со ЕУ. Двете земји очекуваат американски инвестиции но и економска соработка со Кина и Русија.

Речиси идилични односи меѓу премиерите и делегациите и сериозни најави за идни политички, стратегиски и економски соработки донесе посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Северна Македонија. Но,наспроти најавите за економски инвестиции, помош на патот на земјава кон Европската унија, бесплатното чување на македонското небо и редица други се поставува и прашањето реално кој што ќе добие.

ЕУ фондови

Грција се очекува од главниот кочничар за напредокот на Македонија во Европската унија да стане главниот двигател на Северна Македонија до постигнувањето членство. Секретаријатот за европски прашања и министерството за надворешни работи на Грција потпишаа и меморандум за забрзување на процесот на интеграција на земјава во ЕУ.

За нас е многу важно да имаме некаков вид на земја патрон од регионот која веќе е членка на европското семејство, вели Симонида Кацарска од Институтот за европска политика ЕПИ. Според неа, Ципрас се обидува да ја трансформира улогата на Грција во регионот и од земја која што попречува да ја направи земја која промовира стабилност. Во иднина отворени се можностите и за заедничко користење на фондовите на Унијата, додава таа.

“Постои простор за Грција, ако го насочи вниманието на прекугранични проекти со нас и двете земји да имаат дополнителна корист и реално тоа што ни е веќе нам на располагање да може подобро да се искористи заедно со најголемата земја членка од регионот. На тој начин се градат и подобро партнерства и секако би било од корист и за двете земји”, вели Кацарска.

Грчка контрола на небото врз регионот

Друга таква најава за идна поблиска воена соработка е дека грчкото воздухопловство ќе биде задолжено за надгледување и на македонското небо по влегувањето на Северна Македонија во НАТО. Ова е трета земја од регионот за чие небо ќе биде задолжена Грција. Нивната авијација, заедно со италијанската која е исто така дел од Алијансата, го нагледуваат небото и над Албанија и Црна Гора.

Грција е во регионот најстара земја членка на НАТО и со најдобра авијација, велат упатените, посочувајќи дека друга земја од регионот спремна на тоа ниво е Турција. Двете балкански држави, иако дел од воениот сојуз се сметаат за регионални ривали за воена и стратегиска надмоќ во овој дел од континентот.

Според поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО, професорот Нано Ружин, логично е Грција да го прави тоа, а не Турција оти како што вели таа е поблиску до трите земји чие небо го покрива.

“Бидејќи се работи за три мали држави, три соседи, Црна Гора, Албанија и Македонија и тоа се држави со територијален континуитет и логично е да ги следи Грција која чувајќи го своето небо ќе го чува и на овие држави кои се на релативно мал простор за кој мислам дека е и помал од територијата на самата Грција”, вели Ружин.

Според процедурите на НАТО, сојузниците мора да имаат најмалку два воени авиона со постојана спремност, а оние земји кои немаат може да бараат меѓународни решенија за заштита на својот воздушен простор. Покрај Италија и Грција, кои заедно го покриваат небото над Црна Гора и Албанија, небото над Литванија, Латвија и Естонија, пак, го покриваат Шпанија, Португалија и Франција. Унгарија и Италија ,исто така, рутински помагаат за контролирање на словенечкиот воздушен простор.

Економска соработка со САД, Русија и Кина

Но, двете земји, според најавите од Ципрас и Заев, нема да се ограничат на економската соработка со ЕУ и НАТО, сепак истакнувајќи дека тие се стратегиските интереси и партнери. Одговарајќи на новинарско прашање, двајцата ги истакнаа како важни соработката и со Русија и Кина.

Ципрас ги спомена и дека се “добредојдени интересите на САД во енергетиката како и во другите полиња”, на Кина затоа што таа инвестирала многу во развојни проекти во овој регион и на Русија. Заев, пак нагласи дека сака соработка со Русија и Кина, бидејќи тоа носи “повисок економски стандард”, потенцирајќи го и проектот со Кина наречeн “патот на свилата”.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG